verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Лажните лични карти и лажните медиуми на власта

on 20 - 12 - 2015       
Уште една работилница за изработка на лажни лични карти. Кога ќе следат апсења, па ослободувања на приведените за тие да можат да си го планираат времето. Фото: screenshot.
Уште една работилница за изработка на лажни лични карти. Кога ќе следат апсења, па ослободувања на приведените за тие да можат да си го планираат времето. Фото: screenshot

 

„Копи – пејст“, „копи- пејст“, „копи – пејст“ и така цел викенд. На ова се сведува работата на провладините медиуми во претпоследниот викенд од 2015 година, додека здушно се обидуваа на јавноста да ѝ продадат уште едно црвливо јаболко, кое овојпат не беше ни забришано од калта на корупцијата и на криминалот во која се заглавени нивните господари на пропагандата.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Ич не ми е гајле колку „тајни работилници“, како и „опрема и апаратура која се користела за изработка на фалсификуваните лични карти и други документи“ ќе најдат полицијата и Јавното обвинителство. Сега веќе не е јасно ни дали се една, како што вели обвинителството, или две, како што пишуваат некои медиуми, или ниедна, како што пишуваат трети медиуми, информирајќи дека само биле најдени обични документи во две куќи. И ич не ми е гајле што ќе изјават и какви „докази“ ќе покажат овие институции во следните денови. Целиот случај е типична плетканица, какви што сме навикнале да гледаме во изминативе години, каде што сме принудени да им веруваме на прокажаните и корумпирани институции.

Размислете за момент. Кои се тие криминалци, кои повеќе од една година кај себе би чувале купишта доказен материјал против себе? Станува збор за случај за кој „Фокус“ пишуваше уште лани, за случај кој добро го запознавме од ланските парламентарни избори со фантомските гласачи од Пустец, за случај за кој прилог објавија дури и медиумите од Албанија, покажувајќи од местото на настанот како на тамошните етнички Македонци им се делат лични карти пред ланските избори во хотел во близина на македонската амбасада во Тирана, за случај кој ни беше потврден во „бомбите“ и тоа од устите на највисоките владини функционери и за случај, кој, исто така, повторно беше актуелизиран пред неколку недели, откако колегата Љубиша Арсиќ достави 105 лажни лични карти со вистински матични броеви на вистински постоечки луѓе до полицијата, по што овој случај и официјално по година и пол незаинтересираност беше отворен од Јавното обвинителство. И, во таква ситуација, кога целата јавност, медиумите, полицијата, обвинителството се на нозе за да се открие кој стои зад целиот случај, како на тацна се наоѓаат работилници, односно работилница за фалсификување документи. Ова е едноставно смешно. Не постојат такви криминалци, способни да извршат ваков софистициран криминал, но кои во ситуација кога цела држава трага по нив, нема да сторат сѐ што е во нивна моќ да ги уништат и скријат сите можни докази против нив за да не бидат фатени. И тоа уште пред година и пол, кога случајот за првпат беше обзнанет во „Фокус“, а камоли пак деновиве, година и пол подоцна. Такво нешто едноставно не се случува.

 

„ШПИОН“, „ПУЧ“, „ФАЛСИФИКУВАНИ ЛИЧНИ КАРТИ“…

Сето тоа потсетува и на случајот „Шпион“, каде лице беше откриено дека било унгарски шпион, за неколку месеци потоа, унгарскиот претседател Виктор Орбан да добие орден од претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, како што потсети поранешниот разузнавач Слободан Богоевски во својот последен настап за „Нова ТВ“, пред да биде испратен во затвор, а потсетува и на случајот „Пуч“, каде што власта упорно сака да нѐ убеди дека две лица вработени во УБК од ден во ден, од недела во недела, од месец во месец, од година во година, пет години по ред нон-стоп и постојано прислушувале без никој да ги забележи и без никој да ги праша што прават.

Во миксот на постапки полни со изнасилена налудничавост на овој случај со личните карти имаме сѐ и сешто. Најпрвин, неизбежно и најважно, криминалците се блиски до СДСМ. Потоа, тие, покрај лични карти, правеле фалц бугарски пасоши и фалц документи за влечење огромни пари од швајцарски жиро-сметки за да ја излажат јавноста, дека, демек, функционери на власта имале такви пасоши и такви сметки. Сето ова е смешно. И глупаво. Државните органи на Бугарија и швајцарските банки, во рамките на меѓународната соработка и соработката преку Интерпол, без проблем на македонските органи на прогонот би им издале уверение со кое би потврдиле дека конкретна група лица немаат бугарски пасоши или сметки во конкретна швајцарска банка. Бугарија можеби би ги заштитила своите граѓани, банките своите штедачи, но ни Бугарија, ни швајцарските банки тоа не би го направиле за лица со кои немаат врска.

На крај, пак, по медиумите е искажана и закана против новинарите дека и тие можат да бидат предмет на истрага и да завршат в затвор, на истиот начин како кога пред неколку месеци беше искажана и закана против Катица Јанева, дека може многу лесно да ѝ биде подигната кривична пријава од јавниот обвинител Марко Зврлевски, кога се виде дека таа не сака да игра по наредбите на власта. За сето ова беше искористен пропагандниот апарат како по обичај.

Акцијата спремно на нозе ја дочека ВМРО-ДПМНЕ, фалејќи ги полицајците и обвинителите и тоа само една-две недели откако партијата побара да се решел случајот што побргу, односно само неколку дена откако Љубиша Арсиќ ги предаде фалсификуваните лични карти во полиција и откако година и пол претходно не само што не беше решен, туку не беше ни мрднат од место.

И, како шлаг на тортата, на крај испадна дека од трите приведени лица едно е пратено на издржување затворска казна, а другите две се пуштени на слобода. Ова е едноставно несериозно. Сте откриле работилница или работилници за изработка на лични карти по која трага цела држава и осомничените лица ги пуштате да си одат дома? Ваквата постапка е веројатно за Гинис. Но, за Гинис е и неспомнувањето на странската служба која нѐ прислушувала, што, пак, шпионската професија ја прави најлесна и најнеодговорна од сите (ем ќе те откријат, ем никогаш нема да кажат дека ти си шпионирал), како што за Гинис е и фактот што пред неколку месеци лице за кое има подигнат обвинителен акт за шпионажа за странска држава е пуштено да се брани од слобода, таман за неговите странски наредбодавци да можат да го изнесат од земјава и да дознаат што тоа лице им кажало на македонските власти за нив.

 

ПРОПАГАНДАТА, ЛУЃЕ, ПРОПАГАНДАТА

Нејсе. Што е, конечно, целта на целиот овој театар? Пропагандата и предизборната кампања, се разбира. И вторично, покривање и оттргнување на вината на власта за печатењето на фалсификуваните лични карти пред изборите лани. Додуша, сѐ уште останува нерешен проблемот со вистинските матични броеви кои ги има на овие лични карти и до кои можеле да дојдат само државните институции, ама сигурно ќе се најде некој наивен вработен во некое министерство, кој лесно ќе може да биде наместен дека тој ги дал овие броеви. И, да, и за него ќе се каже дека е близок до СДСМ.

Но, најважно е целиот циркус да се случи во јавната арена, пред очите на јавноста. Обвинителството и полицијата можат во секое време да се премислат и да кажат дека сето тоа било грешка, дека трагите ги довеле до погрешни заклучоци и за такво премислување нема никакви последици. Но, она што ќе остане врежано во умот на јавноста, барем според надежите на власта, е дека невнимателните гледачи, информирани во вестите меѓу две турски серии или две српски реални шоуа, ќе запомнат дека за случајот со личните карти виновен е СДСМ, како и нему блиските предавнички медиуми. Покрај тоа, со целиот овој театар од викендов власта доби редица поенти за своите предизборни митинзи, како противтежа на „бомбите“, кои СДСМ веќе ги користи во ТВ-реклами, а кои сигурно ќе ги користи и во предизборната кампања. Не би требало да зачуди ако во потрага по дополнителна предизборна рекламна и митингашка муниција не бидат мануфактурирани уште вакви „скандали“ за да се нивелира предноста која СДСМ ја поседува со „бомбите“ на ова, но и на ниедно друго предизборно поле.

Ваква викендашка харанга со обвинувања, исфилувани приказни, нелогични конструкции, фалсификатори пуштени на слобода и слично, не би била можна без медиумите. Додека критичките медиуми воздржано го пренесоа соопштението на Јавното обвинителство како државен орган и се појавија со првични, исто така, воздржани анализи, провладините медиуми како по обичај се натпреваруваа кој од нив побргу ќе ги „копи-пејстира“ однапред подготвените текстови за кои инструкции пристигнуваат по правило по СМС, како што велат колегите што порано работеле во ваквите медиуми. И тоа сето ова, во ситуација кога министерот за внатрешни работи е од опозицијата, до чиј кабинет и служба за комуникации би требало да имаат подобар пристап критичките медиуми. Но, пропагандата работи обратно. Да не беше пропагандната машинерија на власта, ваква харанга не ќе можеше да се случи. По правило, во нормални околности, еден или два медиуми можеби и ќе ги објавеа таквите однапред подготвени текстови, но тоа ќе беше сѐ. Во вистински демократски амбиент, некој од власта или од обвинителството ќе мораше да излезе и да објасни што точно се случило, да одговори на прашања, да каже како тоа приведените фалсификатори се пуштени на слобода, од која институција им се матичните броеви на фалсификуваните лични карти, како тоа никој од ниедна државна институција не е приведен и слично. Новинарските извори по институциите ќе проработеа и ќе излезеа со дополнителни информации, нешто што сега е невозможно и заради окупацијата врз институциите и заради страв. Затоа, во медиумите на оваа тема викендов „владеат“ неколку соопштенија, една изјава на премиерот, која ништо не кажува и која им порачува на странците да го следеле помно случајот, кој до изборите, по правило, нема да мрдне од место, а по нив, ако власта не се смени, или ќе биде заборавен или ќе содржи уште куп апсурди за некој да биде осуден. Сето ова јасно кажува дека ваквата состојба во која сега се медиумите не само што е штетна за демократскиот процес, таа е штетна и за правдата, значи си игра директно со човечки судбини. Во ситуација кога манипулациите и пропагандата го достигаат зенитот, кога слободата на изразување масовно се злоупотребува, во медиумите се неопходни одлучни мерки и непопуштање во меѓупартиските преговори.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести