verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Лажна е веста дека американски професор е уапсен бидејќи го создал коронавирусот, па ѝ го продал на Кинa

on 10 - 04 - 2020       

[Рецензија:„ФБИ пред два месеца го уапси човекот кој го направил и го продал короната вирусот во Кина“ (Видео)]

Рецензираме напис кој безуспешно се обидува да направи сензација објавувајќи лажна вест, па згора на тоа и стара повеќе од два месеца. Во него се тврди дека еден универзитетски професор од бостонскиот Харвард, наводно, го направил коронавирусот во својата лабораторија и им го продал на двајца Кинези, и тоа повикувајќи се наводно на американскиот ФБИ како извор на ваквото тврдење. Вистината лесно се проверува со мало пребарување на интернет и тоа ќе покаже дека професорот е уапсен, бидејќи ја лажел полицијата за својата поврзаност со Кина додека професионално бил обврзан со договор за соработка со американската влада. Коронавирусот воопшто не е тема на обвинението кое се однесува на него. Со ова, овој напис им се придружува на категоријата лажни вести поврзани со пандемијата на Ковид 19.

Линк до оригиналниот напис: ФБИ пред два месеца го уапси човекот кој го направил и го продал короната вирусот во Кина“ (Видео)

Датум и време на објавување: 5.4.2020

Датум на рецензија: 9.4.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Уште насловот сигнализира дека нешто не е во ред со оваа информација, бидејќи не е вест дека нешто се случило пред два месеца: „ФБИ пред два месеца го уапси човекот кој го направил и го продал короната вирусот во Кина“. Дури и вака бомбастична вест (која патем излезе дека не е точна, а тоа читателот го дознава веднаш штом ќе ја ислуша снимката од ТВ прилогот од американска телевизија Си Би Ес Бостон), станува депласирана ако ја објавувате со два месеца задоцнување. Но, да одиме по ред.

Професор на Универзитетот Харвард, Чарлс Либер (60) и уште двајца Кинези, уапсени се пред два месеца во Соединетите Американски држави.

Федералното Истражно биро соопшти дека постојат индиции дека тие го продале корона-вирусот на кинеската држава,

се тврди во написот што е предмет на оваа рецензија.

Текстот се повикува директно на информацијата на Си Би Ес Бостон, која била емитувана на 28 јануари, кога и се случило апсењето и ја линкува во објавата. Но, кога ќе се прочита оригиналната информација објавена на сајтот на оваа американска телевизија и ќе се слушне прилогот во целост, станува јасно дека во ниту еден момент не станува збор дека професорот Либер, кој инаку бил началник на Одделот за хемија и хемиска биологија на универзитетот Харвард од Бостон, изработил и го продал коронавирусот.

Еве што е дословно напишано во информацијата од американската Си Би Ес Бостон:

Три лица кои имале врска со универзитети и една болница во Бостон се обвинети дека лажеле за своите врски со Кина или се обидувале да помогнат на кинеската влада. 

Обвинителите изјавија дека Либер имал договор со Институтот за технологија во Вухан. Тој бил предводник и на група која имала договори со Министерството за одбрана и со Националните институти за здравје.

Федералните агенти изјавија дека Либер излажал во врска со своите врски со Кина кога конкурирал за договорите.

Излегува дека Кина на Либер му платила стотици илјади долари во текот на годините додека траела неговата инволвираност со кинеските институции и за неговата истражуваачка работа во полза на Кина изјави Државниот Обвинител за Масачусетс, Ендрју Лелинг.

Лелинг, заедно со претставници на ФБИ им се обратија на медиумите на прес-конференција по повод апсењата, објаснувајќи дека едниот кинески државјанин привремено работел на истражување на Бостонскиот универзитет на проект поврзан со информатика и кибернетика, но дека вушност обавувал шпиунажа во полза на кинеската Народна армија, додека вториот бил на привремен работен престој во една болница во Бостон и бил уапсен на бостонскиот аеродром во обид да отпатува со 21 епрувета, која содржела материјал од истражување на кое тој работел во рамките на истражувачкиот центар на болницата.

Според ова, од ниту еден збор од кажаното, ниту од остатокот од информацијата, не може да произлезе заклучок дека професорот Либер бил уапсен бидејќи ја создал короната во својата лабораторија и потоа ја продал на Кина. Колку и да е интересна оваа информација, од аспект на актуелноста на темата за потеклото на коронавирусот, во неа не се дадени аргументи кои би го оправдале тврдењето дадено во насловот, а тоа е дека уапсениот професор од Харвард е тој што ја создал короната и потоа им ја продал на Кинезите.

НЕ Е ИНФОРМАЦИЈА ОНА ШТО САМО „ЗВУЧИ ИНТЕРЕСНО“ АМА НЕМА ДОКАЗИ ДЕКА Е ТАКА

Вистинска професионално сработена информација за случајов не може да содржи такво тврдење кога тоа никој не го кажал, не го објавил, па дури не го ни нафрлил како шпекулација, само затоа што звучи интересно. Новинарското известување за некаков настан (во случајов настанот е два и пол месеци старото апсење на Либер) не може да содржи тврдење кое на авторот му се чинело како најверојатно, или најинтересно, туку треба да ги објавува и одразува само оние факти до кои новинарот дошол вршејќи си ја својата работа. А, тоа е да ги прибере сите расположливи информации за одредена тема и потоа да ѝ ги соопшти на јавноста.

Шпекулациите дека се работи за вештачки создаден вирус, веќе со месеци се актуелизираат од страна на различни извори. Кинеските и американските официјални претставници изминативе месеци јавно се препукуваа околу тоа кој го создал – кинеската или американската страна. Но, засега, во недостиг на конкретен доказ кој ги поткрепува овие шпекулации, единствено релевантни на оваа тема можат да бидат согледувањата на угледните научни имиња од областа на вирусологијата и на епидемиологијата, кои велат дека во случајот на Ковид 19 се работи за варијанта на корона-вирусот чијшто носител биле диви животни и кој мутирал во насока да може да се пренесува од животни на човек.

ПРОВЕРКАТА НА ФАКТИ ДОКАЖА ЛАЖНА ВЕСТ

Треба да се нагласи дека оваа шпекулација – објавата шти ја рецензираме, е преземена од српски медиум – Информер, со проруска афилијација, објавен на 5 април, само што таму во самиот текст се признава дека се работи за стара вест која сега станала актуелна поради ширењето на епидемијата во САД и откако станал многу споделувана на социјалните мрежи.

Бројни сајтови кои се занимаваат со дебанкирање на лажни вести , но и многу медиуми ги анализираа објавите поврзани со случајот Либер и двајцата кинески државјани. Првиот заклучок од проверката на факти која ја направија од factcheck.org беше дека случајот на Либер и на двајцата Кинези се одделни, меѓусебно неповрзани случаи. Вториот е дека обвинението против Либер се темели на неговото затајување пред американски органи на фактот дека бил инволвиран во проект на Институтот за технологија од Вухан, наречен „Thousand talents plan”, кој се однесува на ангажман на придобивање на иселени кинески научници и талентирани студенти за нивна работа во Кина. Третиот факт до кој дошле колегите од „Фактчек“ е официјалниот одговор на американското Министерство за правда дали тие тврдат дека има евентуалната поврзаност на професор Либер со создавањето на корона-вирусот:

не сме изјавиле такво нешто.

Од ова произлегува дека информацијата за апсењето на лица во Бостон, еден американски професор и двајца Кинези, поради нивната поврзаност со создавањето и продавањето на коронавирусот, објавена во написот што го рецензираме, не е вистинита.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести