Латифи: Политиката да ги слуша медиумите, а не обратно!
Објавено во Новинарски лекции
on 23 - 03 - 2016 Автор: Fatlume DervishiТаа е јавнa личност веќе години наназад. Директна, со специфичен хумор и со ставови што се читаат и се коментираат по социјалните мрежи. Таа е слика на албанската жена во медиумите… Почнала со работа во радио, за потоа да премине на телевизија, при што го хармонизирала нејзиниот ангажман со уметноста во Албанскиот театар. Неодамна, Анита Латифи стана дел од екипата на „Телевизија 21“, еден од неколкуте нови медиуми на албански јазик во земјава
Пишува: Фатлуме Дервиши
Почнавте со медиумите, но во последните години не се занимававте со новинарство. Накратко – што правеше и каде беше Анита Латифи во последниве години, како течеше Вашата професионална кариера?
Латифи: Освен во последните шест години, во кои сум била дел од Албанскиот театар во Скопје, сè што сум направила во животот било поврзано со медиумите. „Радио Струга“ беше тоа што ме вклучи во овој свет, што мислев дека го затворив, односно се затвори во 2009 година со моето заминување од МТВ, но изгледа не било така. „ТВ 21“ ме врати на еден терен што не сум го пробала во медиумите каде што сум работела досега, каде претежно сум се занимавала со емисии од сферата на културата, општеството, проекти за сензибилизација на јавноста и еден пократок период со презентирање вести. Другата професија што продолжувам да ја вршам е менаџирање на проектите на Албанскиот театар, што првенствено ме привлече поради поврзаноста на уметничкиот свет со оној медиумскиот и нивната меѓусебна потреба еден за друг.
Во која од овие професии најдобро се наоѓате себеси и зошто?
Латифи: Не знам дали можам да кажам дека кај едната или кај другата се наоѓам себеси најдобро. Човекот е прилагодливо суштество и мислам дека сум се прилагодила и во двете. И двете нудат постојани предизвици и бараат многу енергија, што одговара на мојата природа. Се случува кога сум на состанок со некој режисер и зборуваме за магијата на уметноста, од друга страна да примам повици за некоја „магија“ на политичката сцена. Не знам дали ова секојдневие ми создава стрес или рамнотежа.
„КЛИК ПЛУС“ ИМА ЦЕЛ ДА СООЧУВА, А НЕ ДА БИДЕ БУЧЕН
Како се прилагодувате на новата задача во дебатната емисија „Клик плус“? Дали имате чувство дека водите една специфична емисија?
Латифи: Се разбира дека е една специфична емисија, особено поради времето во кое ми се понуди оваа задача, имајќи предвид дека периодот низ кој поминува во моментов Македонија е еден од најхаотичните од нејзиното осамостојување.
Првите месеци на дебатата беа еден процес на општо прилагодување, јас се прилагодував на новата задача (нималку лесна) на дебатер, а гледачите се прилагодуваа со овој нов формат на дебатирање во Македонија. „Многу си мека“ е коментарот што го слушам од сите и особено од тие што ме познаваат и знаат дека надвор од екранот не сум воопшто мека. Признавам дека мојата „мекост“ е една фаза на моето поставување во оваа нова задача, но во ниеден момент мојот пристап нема да биде толку „груб“ за политичката дебата да се претвори во едно шоу. „Клик плус“ нема тенденција да произведе гласна дебата, туку има цел да ги соочува факторите на нашето политичко и општествено секојдневие за вистинско информирање на јавноста. Бучавата нека се слушне по „Клик“.
Кои се предизвиците на водење на една емисија која може да има влијание во општеството?
Латифи: Најголемиот предизвик е изборот на темата и на соодветните лица кои ќе дебатираат. Случувањата во Македонија се толку интензивни и се менуваат во миг, иако сите се вртат околу неколку оски што континуирано се во фокусот на јавноста. За среќа, во фотелјите на „Клик плус“ се добредојдени и подготвени да седнат сите релевантни фигури на нашето секојдневие, што ми дава голема можност за избор, но, сепак, предизвик е да го направиш изборот што на најобјективен начин ќе ги отслика дневните случувања и јавниот интерес. Жал ми е што поради кризата во земјава политиката ја узурпира секоја дебата, дури и разговорите во семејниот амбиент, и како одраз на тоа и „Клик плус“ во последните изданија се занимава целосно со политиката. Се надеваме дека амбиентот ќе се деконтаминира и ќе имаме простор за да излеземе во други сфери и теми за кои вреди да се дебатира.
Дали Ви се случило да се соочите со незавидни ситуации од професионален или технички аспект во текот на емисијата? Како сте го надминале тоа?
Латифи: „Клик плус“ се емитува веќе петти месец и благодарение на новиот персонал, подготвен и со ентузијазам, во техничкиот аспект не сум имала некој проблем, дури слободно можам да кажам дека се чувствувам разгалена, бидејќи екипата е одбрана и добро обучена и тоа ме прави да се чувствувам така. Дебатите се во директен пренос и ова го зголемува адреналинот, но и одговорноста да се биде внимателен за евентуалните изненадувања.
НЕ ГИ ЦЕНАМ ПРОПАГАНДИСТИТЕ И СЕНЗАЦИОНАЛИСТИТЕ
На кое ниво е новинарството во земјава? Кои од карактеристиките на медиумите во земјава мислите дека треба да се променат?
Латифи: Ми се чини неправедно да коментирам за медиумите од мојата моментална позиција, но не можам да не ја спомнам новата телевизиска реалност кај нас; фактот што на граѓаните им е бројно зголемена телевизиската понуда и ова се одразува и на нејзиниот квалитет. Јас лично им верувам и ги ценам медиумите што ја пренесуваат информацијата, тие што ги откриваат општествените проблеми, а не тие што се фаќаат за одредени интереси, пропагандата и за сензацијата.
Ми пречи што кај неколку портали често не е кристализирано дали станува збор за вест, за пропаганда, за сензација или за сатира. Често наидувам на наслови, чиј текст не можам да го најдам внатре во написот, се сретнувам со одново објавување на стари настани и изјави без нагласување дека станува збор за нешто што се случило или било кажано одамна. Ме иритира „инфилтрацијата“ на неважните информации за ликовите на жолтиот печат, наспроти недостигот на место за написите за подигнување на свеста за уметност и за култура; местото на информации за нови изданија го зафаќаат „роднините на филјан пејач“, местото на информации за успехот на еден албански сликар го узурпира „семејството на филјанката“, наместо критика за некоја театарска претстава, нам ни се сервира „театарот меѓу две пејачки и исчекувањето дали тие ќе се смират или не“.
А што мислите за медиумите на албански јазик?
Латифи: Ќе употребам еден цитат на Енвер Робели од написот „Погребот на новинарството во албанските краеви“ објавен неодамна: „Лажни вести, клевети, криминал, непознавање на елементарните правила на новинарството, кршење на етиката – ова е денешното новинарство“. Можеби е многу груб опис и, нормално, не е насочен кон сите медиуми, но навистина треба да се активира алармот кај самите тие што ја одбрале новинарската професија за да го спречат нејзиното понатамошно оштетување. Колку и да се посериозни и поуверливи традиционалните медиуми, поради полесниот пристап, интернет-медиумите се главниот дистрибутер на информации. Кај дел од овие медиуми, за жал, се појавуваат серија етички проблеми, вклучувајќи го и тешкото кршење на стандардот на албанскиот јазик, плагијатурата, ширењето на чувствителните информации итн.
ПОЛИТИКАТА ТРЕБА ДА ГИ СЛУША МЕДИУМИТЕ
Според Вас, кој би бил идеалниот однос меѓу дневната политика и медиумската политика?
Латифи: Многу од дебатите во оваа тема ја вклучуваат дилемата кој од кого треба да се плаши: политиката од медиумите или медиумите од политиката. Во ова двоумење медиумите излегуваат во предност. Тие се посредникот меѓу политиката и граѓаните и, истовремено, креатори на јавното мислење, што ги прави рамноправни субјекти во создавање на процесите. Со објективно, независно и коректно известување, може да придонесат во дефинирање и контрола на политичките движења што се неопходни за квалитетно менаџирање на општествените процеси. Идеалниот однос е политиката да ги слуша медиумите, а не обратно. Слободните медиуми се услов и мерка за демократијата во општеството.
Како ја гледате положбата на албанската жена во јавниот живот во Македонија?
Латифи: Фактот што продолжуваме да се прашуваме која е положбата на жената во јавниот живот, кажува дека сме далеку од посакуваното. Албанската жена сè уште со тешкотии успева да се позиционира во јавниот живот, бидејќи општеството не ги отворило вратите за да ги третира како еднакви машките и женските јавни личности. Овој процес бара интеракција, и внатре во родот, и меѓу родовите. Жените треба да се борат за себе и за другите жени, а и со мажите за еднаквост. Албанската жена во јавниот живот ја држи својата позиција благодарение на индивидуалната храброст, а не на колективната храброст за коригирање на оваа состојба.
Дали мислите дека во последниве години има промени во однос на позицијата на албанските жени во медиумите? Колку биле потребни овие промени во текот на годините?
Латифи: Жените не отсуствувале во медиумите, но во последните години се забележува дека албанската жена е добро позиционирана во нив. Медиумите играат една важна улога во спроведување и во почитување на човечките права, што ја опфаќа и потребата за еманципација на жената во современото општество. Затоа, жените во медиуми имаат важна мисија, а можеби и двојна, во промена на позиционирањето на жената во општеството.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).