Текст „опериран“ од правилата и од постапките на професионалното новинарство
Објавено во Рецензии
on 9 - 07 - 2015 Автор: Тео Блажевски
[Рецензија: Гошев ја злоупотребил позицијата гувернер за да купи земјиште до границата со Грција за 5.000 евра, а кое реално вредело 630 000 евра?!]
Првиот принцип на Меѓународната федерација на новинарите (МФН) се однесува на вистината.
Почитувањето на вистината и на правото на јавноста да дојде до вистината е првата обврска на новинарот, се вели во првиот од деветте принципи на МФН.
За да се дојде до вистината, постојат правила и постапки што треба да ги следи секој новинар. Ако не може да го потврди сознанието, а има рационални индикации дека станува збор за вистина, тогаш тој е должен да напише дека станува збор за информација што не можел да ја потврди, но поради јавниот интерес, тој и неговиот медиум ја објавуваат.
Текстот за Петар Гошев е „опериран“ од овие правила и постапки, како и од други што треба да ги почитува едно професионално новинарство, па затоа може да се оцени како текст кој е лишен од факти и текст во кој не се почитувани етичките правила.
Линк до оригиналниот напис: Гошев ја злоупотребил позицијата гувернер за да купи земјиште до границата со Грција за 5.000 евра, а кое реално вредело 630 000 евра?!
Датум и време на објавување: 06.07.2015, 11:35
Датум на рецензирање: 09.07.2015
Рецензент: Теофил Блажевски
Трагањето по вистината како прв принцип во новинарството е запишан и во Кодексот на новинарите на Македонија. Во воведниот дел, каде се наведуваат принципите од кои треба да се водат новинарите, се наведува дека:
Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината…,
но, се додава и дека
Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Во текстот се напаѓа јавна личност и поранешен висок државен и јавен функционер, Петар Гошев, со обвинување дека со злоупотреби се стекнал со значителна имотна корист. Ниту јавниот интерес, ниту интересот на јавноста, ниту самата личност како избор и тема се спорни. Станува збор за легитимно интересирање за тема и за „право на јавноста да дојде до вистината“, како што наведуваат принципите на однесување и на македонската и на светската асоцијација на новинарите. Но, што ни се нуди во текстот како поткрепа на тврдењето и на веродостојност на наводите во текстот? Текст од друг медиум, кој престанал да постои пред неколку години!
Како читателот да знае дали станува збор за вистина или за полувистина или за целосна конструкција? Тој не е должен сам да ја доистражува приказната, туку треба да се потпре на новинарот, кој има должност да се потруди да ги примени сите професионални постапки и да ги почитува етичките правила за да понуди објективна информација, во која се наведени деталите пто се поткрепа на главното тврдење содржано во текстот. За жал, медиумот и неименуваниот автор на текстот не направиле ништо од тоа што им е професионална должност, туку изнесуваат тврдења за одредена личност кои се многу непријатни, а своите заклучоци ги поткрепуваат само со друг текст во друг медиум, кој го нјавуваат со една коментаторска реченица што почнува со зборовите „постоеја основани сомненија…“
Првата и основната задача на новинарот во овој случај била да му се обрати лично на Петар Гошев и да побара изјава, коментар, појаснување во врска со текстот од другиот медиум од пред многу години, ако веќе решил да го користи тој текст како прв и основен извор. Авторот тоа не го сторил, уредникот тоа го одобрил и, на крајот, имаме новинарски производ кој е сосема далеку од стандардите и кој би бил оценет како непримерен од кој било етички совет, експерт, суд. Читателот нема информација дали Гошев бил баран, дали прифатил или одбил да одговори, дали новинарот се потрудил преку други извори да го истражи случајот од пред многу години. Наместо тоа имаме директен напад врз личност, полупоткрепен со наводи од друг медиум.
Текстот кој е предмет на оваа рецензија има уште два професионални „грева“ – мешање на факти со коментари, згора на тоа целосно без врска со реалноста и прикривање на одговорноста преку злоупотреба на интерпункциските знаци.
Коментарот почнува уште во воведот на текстот:
„Петар Гошев во периодот кога ја вршеше функцијата гувернер на НБРМ остана запомнат како еден од најнеуспешните гувернери, бидејќи во негово време се случи рекордната стапка на невработеност и исклучително нискиот економски раст на државата во време кога сите земји бележеа раст.“
Ајде што се коментира, туку се коментира без никаква логика, што само зборува за образовното познавање на проблематиката за која се пишува. Прво, ако се изнесува оцена дека некој бил меѓу најнеуспешните на функцијата, тоа треба да се аргументира со факти, а второ и позначајно од аспект на читателите и на вистината е тоа што „рекордната стапка на невработеност“ и „исклучително нискиот економски раст“, вопшто не се надлежности ниту на гувернерот, ниту на Народната банка на една земја, па ни во Македонија, туку тоа се исклучиво надлежности на економските политики водени од извршната и од законодавната власт.
Злоупотребата на интерпункциските знаци за прикривање на одговорноста од кажаното може да се види уште во самиот наслов:
Прашалникот со извичникот во комбинација, особено ако е прашалникот на прво место, треба да сугерираат нагласено прашање, односно чудење. Но, самиот интерпункциски знак има помало значење од зборовите и од целата реченица, па оттаму, ако новинарот и редакцијата сакаат да се оградат со тие знаци, односно да кажат – точно ли е ова – тогаш не ја постигнале целта и тоа апсолутно не е дозволиво. Евентуално би било во ред, велиме евентуално, иако и тоа не е доволно, само доколку во насловот напишале: „Дали Петар Гошев ја злоупотребил….?!“
Оваа форма е често користена во медиумите во Македонија, но таа е анахрона и е производ на тоа што во нашиот медиумски простор не се водеше целосно сметка за професионалните стандарди. Де факто таа форма на употреба на интерпункција во наслов или во реченица во некој текст, во функција на ограда, е реликт од социјализмот, но за тоа во друга пригода.
Да заклучиме, ова е текст во кој нема факти за да се поткрепи тврдењето, нема основно почитување на две обврски кои се сметаат за фундаментални – втора страна и избегнување на мешање на факти со коментари и како таков, е пример за лошо новинарство или за неновинарство.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
Нема факти за тврдењето
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
ненаведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови