verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Купот неодговорени дилеми за „Денот на дрвото“ – вистински новинарски предизвик

on 4 - 12 - 2014       
Лицата кои професионалн озасадуваат дрвца во Канада, моѓжат да засадат од 1.600 па дури и до 4.000 дрвца дневно. Засадувач се движи низ изгорена шума во Сверна Алберта засадувјаќи нови дрвца на местото од изгорените. Фото: Luc Forsyth, 2013
Лицата кои професионално засадуваат дрвца во Канада, можат да засадат од 1.600, па дури и до 4.000 садници дневно. Засадувач се движи низ изгорена шума во Северна Алберта, засадувјаќи нови садници на местото од изгорените. Фото: Luc Forsyth, 2013

 

Манифестацијата „Ден на дрвото“ отвора куп прашања и дилеми кои заслужуваат новинарска анализа и одговори и тоа уште од 2008 година. Сомневањата и недоследностите што постојат околу оваа манифестација се толку многубројни и можат лесно да се насетат, што би требало да претставуваат голем новинарски истражувачки предизвик, кој сигурно би донел интересни откритија.

 

Пишува: Жарко Настоски

 

„Денот на дрвото“ – манифестација замислена како толку масовна, што во нејзина чест се прогласува неработен ден во државата, би требало да биде очигледна тема за објективна новинарска анализа. Сепак, и покрај фактот што за ваквите акции се трошат народни пари, односно пари на даночните обврзници, во македонските медиуми (освен ретките исклучоци) во изминатиов период  „секнаа“ сериозните анализи за оправданоста и за исплатливоста на редовните масовни акции за пошумување.

За разлика од пред само неколку години, кога почесто се среќаваше некакво аналитичко третирање на оваа манифестација, при што на телевизиите, но и во интернет-медиумскиот простор често беа поставувани редица логични прашања во врска со „Денот на дрвото“, медиумите денеска главно унифицирано ја следат акцијата, претставувајќи ги само нејзините наводни придобивки и пишувајќи сувопарни извештаи за тоа кој политичар каде засадил дрвце.

 

СЛЕДИ ГИ ПАРИТЕ

„Денот на дрвото – засади ја својата иднина“ почна да се организира од 2008 година, а почна како граѓанска иницијатива што ја потегна оперскиот пејач Борис Трајанов. Сепак, за целото време на спроведување на акцијата, таа е претставена како владин проект, а на веб-страницата на Владата, меѓу другото, стои дека „сите акции се безрезервно поддржани од Владата на Република Македонија“.  Оттогаш, таа се одржува двапати годишно, а според податоците на Владата и на ЈП „Македонски шуми“, како дел од оваа манифестација граѓаните досега засадиле десетици милиони садници, на околу 12.000 хектари непошумени површини.

Кои се логичните прашања што еден новинар би требало да ги постави во врска со ова? Каков е правилниот, објективен новинарски пристап кон една ваква акција?

  • Најпрвин, имајќи ја предвид новинарската должност за критичка опсервација на трошењето на државните пари од страна на властите, да се задржиме на овој аспект:  колку пари се трошат за едно пошумување? Од која институција потекнуваат парите? Дали се тие предвидени во годишниот буџет на ЈП „Македонски шуми“ или се црпат од други фондови, во други органи и министерства? Институциите, според  досегашните искуства, не секогаш ќе бидат подготвени да дадат брзи и точни податоци, па новинарите за ова, можеби, би морале да посегнат и по средствата кои се дадени на располагање во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

  • Според  некои изјави на директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски, за една ваква акција се трошат од 50 до 70 милиони денари (од 800.000 до 1.150.000 евра). Но, граѓаните (читателите/гледачите) не можат да знаат што значи оваа бројка, односно дали таа реално ја покрива акцијата во обемот што ни го пртетсавуваат институциите. Колку садници се набавени и колку чини овој дел од акцијата? Колкави се трошоците за организиран транспорт на граѓаните до локациите за пошумување? Која е цената на една набавена садница? Дали тоа е реалната, пазарна цена? Како и од кого се набавуваат садниците? Дали е испочитувана процедурата предвидена со Законот за јавни набавки? Постои ли систем на независна контрола или ревизија што ќе потврди дека се засадени онолку садници колку што тврдат институциите? Сиве овие прашања, насочени кон познавачите, односно кон луѓето што се упатени во проблематиката, треба да водат до одговори за тоа дали „Денот на дрвото“ е исплатлива манифестација за државата, односно за даночните обврзници кои ја плаќаат, како и да ги отстранат сомнежите за можни малверзации.

 

КАКВИ СЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ЗАСАДУВАЊЕТО

  • Оправданоста на „Денот на дрвото“ е уште еден важен аспект. Идејата, суштината на оваа акција е благородна – се садат дрвја, кои ни се многу потребни како пречистувачи на воздухот што го дишеме. Се пошумуваат површини уништени во шумски пожари, се намалува загадувањето, се спречува ерозијата на земјиштето и се поставува основа за почиста и поздрава еколошка средина за идните генерации. Но, со оглед на природата на акцијата и огромното количество државни ресурси кои се вложуваат во неа, објективниот новинар мора да запраша: дали пошумувањето се изведува правилно? Колкав е процентот на успешност во садењето? Според податоците на „Македонски шуми“ што се појавија во медиумите, досегашниот успех изнесува околу 50 проценти. Ако ја земеме оваа бројка како веродостојна, дали таа е реална и задоволителна? Дали е тоа многу или малку? Дали масовното вклучување на граѓаните, кои се нестручни во оваа практика, влијае негативно врз овој процент? Дали кога садењето би го спроведувале стручни лица, успешноста би била поголема? Независни експерти од конкретната област (биолози, ботаничари) би можеле стручно да одговорат на овие прашања.

 

  • Еколозите, пак, исто така, би можеле да дадат објективна проценка за добивките и за слабостите на „Денот на дрвото“. Иако таа е замислена како еколошка манифестација, разговорите со еколозите откриваат низа нови, интересни аспекти за масовното пошумување, особено за начинот на кој тоа се спроведува во земјава. Во јавноста досега не се претставени анализи врз основа на кои ќе се прикаже оправданоста на пошумувањето на конкретните локации вклучени во „Денот на дрвото“. На некои од тие локации, според еколозите, живеат други растителни видови, чиј опстанок може да биде доведен во прашање со ваквото пошумување. Во исто време, на некои од овие локации се повторуваат претходно неуспешните пошумувања, без да се предочи анализа дали на тие места (голини на кои природно нема доволно вода) воопшто некогаш може да успее шума. Видот на дрвја што се користат во пошумувањето, исто така, е важен – аризонскиот чемпрес, на пример, е алохтоно (неавтохтоно) растение во Македонија, а според Законот за заштита на природата, забранета е интродукција на вакви видови на територијата на земјата. Дел од еколозите деновиве ги покренаа овие дилеми, притоа укажувајќи и на уште една важна работа – дека постојат многу други, поприоритетни области во екологијата во кои Владата може да ги насочи ресурсите на граѓаните.

 

ЗОШТО СЕ НАМАЛУВААТ ПОШУМЕНИТЕ ПОВРШИНИ

Всушност, ова погоре се само главните дилеми кои се поставуваат во врска со „Денот на дрвото“. Има и многу други отворени прашања кои чекаат да бидат поставени од новинарите: Зошто, според податоците на Државниот завод за статистика, вкупните пошумени површини во Македонија во периодот 2009-2013 се намалуваат и покрај масовните акции за пошумување? Што се случи со граѓанската иницијатива која ја почна манифестацијата? Нејзината веб-страница е последен пат ажурирана во 2010 година. Зошто во манифестацијата повеќе не учествува Борис Трајанов, нејзиниот иницијатор? Каква е моралната позиција на актуелната власт да организира ваква акција за пошумување, ако се знае дека токму таа во изминатите години спроведе практика на засилено сечење на дрвјата и на другите зелени површини во градовите (особено во Скопје). Дали власта со истата посветеност се бори и против нелегалната сеча на дрвја на македонските планини – проблем кој постојано се влошува?

Аспектите што објективниот новинар би требало да ги разгледа за конкретната тема се сложени и многу на број, но тоа е единственот начин темата сериозно да се покрие, а граѓаните да добијат вистинска слика за „Денот на дрвото“, поткрепена со аргументи.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести