verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кумановски настани: дводневна девалвација на професијата репортер од местото на настанот

on 19 - 05 - 2015       
Аматерските видо клипови беа првиот прозорец кон местото на настанот за време на настаните во Куманово. Фото: видео клип скришот
Аматерските видеоснимки беа првиот прозорец кон местото на настанот за време на настаните во Куманово. Фото: видеоклип скришот

 

Интернетот беше побрз од етаблираните медиуми, неконтролираните од оние „под заклетва“, локалните од печатот и од телевизиите од метрополата. Особено загрижува што дел од медиумите своите екипи во Куманово ги користеле за проста илустрација на она што се пишува во Скопје! Овојпат немаше значајно ширење на меѓунационална омраза низ медиумите и тие не се делеа на „наши“ и на „нивни“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Неформалните извори на информирање, особено оние визуелните, двапати досега ја покажаа својата супериорност над официјалните во земјава. И тоа во слични околности или, поточно, при драматични настани, кога гладта за секоја вест, секое делче од стварноста некаде, на некое место, вреди „како суво злато“. Првиот пат тоа беше по убиствата кај Смиљковско Езеро (12 април 2012 година), вториот пат неодамна, во кумановските настани од 9 и од 10 мај 2015.

Пред три години, никој не забележа дека официјалните извори на информирање и она што значи етаблирани медиуми беа комплетно во аут, целосно неупотребливи, додека на интернет вриеше од размена на вести од настанот и во врска со настанот. Со тоа, првпат во земјава толку ефикасно една нова, масовна и неконтролирана форма на информирање ја кутна на плеќи класичната шема „весници-радио-телевизија“. При тоа, да издвоиме, МРТВ јасно се покажа дека е заробеник на државните структури и не објави ништо за убиството и 20 часови откако тие се случиле, односно 17 часови откако бил направен првиот увид!

Рано утрото на 13 април, меѓу два и три часот по полноќ, на терен беа само ТВ-екипите на „Сител“ и на „24 Вести“. „Сител“ известуваше само за убиството, истражуваше за тоа кои се жртвите и како се случил злосторот, а „24 Вести“ и за нападите врз муслиманското население. Значи, последнава екипа го имаше предвид и целиот аспект на настанот од таа регија, кога настрада и самата пред толпата демонстранти (дел од линковите за овој настан се неупотребливи, а за ова може да се прочита тука). Овие телевизии, бидејќи имаа сопствени видеостории, продолжија со отворена вест-програма и следниот ден, надградувајќи го веќе снименото, додека другите телевизии беа едноставно затечени и со фактот дека тој ден беше неработен и беше сегмент од подолг празничен викенд.

 

 СКОПЈЕ ЈАВИ ВО КУМАНОВО ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО КУМАНОВО

Да минеме на поновиот датум и на поновиот аспект од информирањето во кризни моменти. Така, во муабетите што меѓу колегите се водат постфестум околу известувањето за пресметката меѓу полицијата и вооружената група во Куманово на 9 и на 10 мај, забележливо е дека најлошо минале оние кои се потпирале само на официјални извори, бидејќи тие се огласија само двапати во текот на денот (тоа беа прес-конференции на МВР, кои беа задоцнети, штури и манипулативни). Дел од медиумите кои важат за провладини, видливо вршеле од теренот само илустрација за текстови односно „сознанија“ кои доаѓале на релација Скопје-Скопје. Индикативно е сведочењето за тоа на новинарот Џенис Сулејмани во емисијата „Топ-тема“ на ТВ „Телма“, кој седел со известувач од скопска редакција во мигот кога јабанџијата добил информација дека сите терористи се предале. Сулејмани рекол дека докази за тоа на терен сè уште нема, ама известувачот, сепак, директно се јавил од Куманово, небаре тој лично ја видел таа сцена! А сè било само репринт на дошепната „вистина“ од нечии одаи во метрополата. Ова е еден јасен портрет што во земјава понекогаш значи „директен пренос“! Да споменеме дека во реалноста немало едно предавање на терористите, имало три, како и дека изјавата на Јанкулоска дека целата група е „во аут“ се покажа неточна, бидејќи и следниот ден борбите продолжија! Но, власта мораше да вкнижи некаква „позитива“ и за тоа чекаше буквално цел ден!

Карактеристика на информирање од настаните во Куманово е дека известувачите дојдени во Куманово мораа да цитираат локални и т.н. мали медиуми, а, се разбира, користени се видеоснимки кои се правени аматерски и кои слободно циркулираа, некои и на „Јутјуб“, кои сами по себе не беа вредни, но даваа визуелен фон на веста (сведочеа за брзината на истрелите, типот на оружјата кои се користат) или служеа како слика за бројот на користените, полициски сили. Најчесто позајмуван во утринските прилози е овој аматерски прилог, како и еден емитуван/користен потоа. Вториот содржеше и неточна информација за бројот на загинатите.

Доста користена беше веб-страницата на извесен „Калимеро“, за кого сè уште не можеме да добиеме појасни сознанија, кој е првиот, можеби, што излезе од „македонскиот блок“ со штури, но точни информации и тоа во 6 часот утрината.

 

ТЕЛЕВИЗИИТЕ – КАКО НИШТО ДА НЕ СЕ СЛУЧУВА

И додека голем дел од телевизиите не ја прекинуваа редовниата програма, дури и во вечерните часови, кога се наѕираше конечниот број на загинати и на повредени, на интернетот струеја вести. Тие, секако, мора да се земат со резерва, но за разлика од оние пред три години, по настаните кај Смиљковско Езеро, овојпат одиграа многу значајна улога во чувањето на меѓунационалниот мир, бидејќи говореа за ненарушените односи меѓу граѓаните во овој град.

Тука, за волја на вистината, значајна улога одиграа и некои интервјуа што ги направија професионалните телевизии кога прилогот за двајца жители на Куманово – Албанец и Македонец – кои прегрнати објаснуваат дека терористичкиот напад не е поради меѓунационален конфликт, стана најпопуларна видеоснимка во Македонија досега. Според it.com.mk, ова интервју дадено за ТВ-каналот „24 Вести“, а споделено на фејсбук-профилот на новинарот Васко Маглешов, за само еден ден е прегледано повеќе од 500.000 пати! Видеоснимката им се допаднала на 26.000 корисници на интернет, а ја споделиле повеќе од 17.000.

„Прашањето можеби е дали оваа порака за соживот ќе беше прегледана од толку многу луѓе ако ги немаше друштвените мрежи, и ако беше оставено на македонските медиуми да ја пренесат? Но, тоа што е сигурно е дека повикот за соживот и рекордниот број на прегледи и поддршката од граѓаните, се единствената светла точка од нападите и најдобар одговор до сите кои повикуваат на насилство, и за среќа се во помал број“, констатираат твитерџиите.

Во текстот на Виктор Дано, документирано се потврдува дека т.н. големи телевизии си ја терале вообичаената програмска шема.

„Ниту една македонска телевизија тоа утро не беше подготвена да ја смени програмата, ниту пак беше подготвена да понуди информации за тоа што се случува. Ако сакавте вести, треба да ги знаете термините кога се прикажуваат. Немаше вонредни вести до пладнето, до околу 14:00 часот, кога беше првата конференција од 30-секунди на Министерството за внатрешни работи. Одеа серии, рандом емисии, македонски приказни (од тие новите верзии што се ужасни) и филмови… Во Македонија телевизиите се поделени на табори, поголемиот број се про-владини и покажаа дека се селективни со информациите … Но, сите телевизии се заглавени во традиционалниот бизнис модел во кој турска серија привлекува повеќе пари од реклами, отколку вистинските вести снимани со тешки професионални камери кои камерманите ги носат на рамења, чии снимки мора да се монтираат, чии новинари мора да смислат текст, чии уредници мора да ги склопат за во предодреден термин.“

Од друга страна, се повторува дека на интернет-медиумите им е многу поважно први да дојдат до некоја важна и, пред сè, нова информација, бидејќи тоа ќе ја зголеми т.н. „ролованост“ на порталот! Тука, секако, има голема опасност дезинформацијата, исто така, бргу „да го обиколи светот“ и пред да се стигне – евентуално – да биде коригирана. Битна е комуникацијата и меѓу корисниците, бидејќи низ интеракцијата се отвора една дебата, која ја вага секоја вест, ја потврдува или ја негира, но ја остава „жива“ сè додека не дојде новата. Да речеме тука дека соопштението на американската амбасада, со кое се изразува сочувство со семејствата на загинатите, практично пуштена низ интернет веднаш, подоцна утрината, на некој начин ја натера власта да ја „отвори конзервата“: не можеше повеќе да се крие неповолниот тек на конфликтот по силите за безбедност и пред сè постоењето на жртвите!

 

НЕМАШЕ НАШИ И НИВНИ МЕДИУМИ

Од пишуваните медиуми на местото на настанот рано во саботата на 9 мај свој известувач имаа „Лајм“ и ТВ-станицата „Алсат М“. Весникот на албански беше доста цитиран, особено во првите часови на конфликтот, до саботата напладне, како во оваа вест на ТВ „Тера“ од Битола, на пример. Ова, секако, покажува дека не постоеја „наши“ и „нивни“ извори на информирање.

Особено треба да се издвои прилогот на „Телма“ од кумановската болница, резултат на иницијативата на брзомислечкиот новинар, додека раката на цензорот не забрани информации од оваа установа, кога илустрираше за тоа колку се тешки борбите во Диво Насеље. На овој прилог, како илустрација, не само што се повика и една независна интернет-телевизија, туку и весник кој ексминистерката Јанкулоска го нарекува „нашиот“, кој ја повторува веста и видеоприлогот од разговорот со лекарите и со сестрите во овој град.

Секако дека дводневната евалвација, во извесна мерка на професијата „репортер од местото на настанот“ е наша специјалност. Имаме власт која, пред сè, во секоја ситуација се грижи за сопствениот имиџ. И во случајот со убиствата кај Смиљковското Езеро пред три години и сега кога се пукаше два дена во Куманово, власта ништо не објавува додека не стигне барем една добра вест за неа, да ја менува со лошата; втората, потоа ќе станува доминантна или ќе биде противтежа на лошите известувања од теренот. Патемна жртва на таа формула е известувањето од теренот да биде што помалку ефикасно и без било какви објективни извори. Така, вестите ќе стигнуваат од владините канцеларии и тамошните служби за односи со јавноста. Што се вели, речиси, џабе бензинот!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести