Критиките од САД ги нема, ама алибито за Груевски е тука
Објавено во Рецензии
on 2 - 07 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: Извештајот на Стејт Департментот има критики за сите земји, неговата цел е да издејствува подобрување]
Уште од самиот наслов се гледа дека ова е политички пристрасен текст, кој има цел да ја „испере“ Владата поради лошите оцени во редовниот извештај на Стејт департментот за човековите права во светот.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Извештајот на Стејт Департментот има критики за сите земји, неговата цел е да издејствува подобрување
Датум и време на објавување: 26.06.2015
Датум на рецензирање: 29.06.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Американскиот Стејт Департмент вчера го објави Годишниот извештај за почитување на човековите права во светот во 2014 година. Извештајот кон сите земји е генерално остар. Тоа е и целта на Стејт Департментот, да ги критикува состојбите во земјите со цел да иницира нивно подобрување. Овој Годишен извештај претежно ги бара слабите страни во сите држави и на тоа го поставува својот фокус. Ако истиот прецизно се погледне, ќе се забележат критиките за најголемиот дел од земјите.“
На самиот почеток од текстот, авторот се задржува на тоа што во извештајот има критики за сите држави и на тој начин сака да ги ублажи тие што се упатени на адреса на Македонија, односно на Владата и на премиерот Никола Груевски. Но, во текстот на ниту едно место не може да се прочита ништо за тоа што во извештајот е напишано за нашата држава, кои се слабостите на нашиот систем. Затоа, пак, читателот може детално да се запознае со проблемите во другите европски држави.
„Овој извештај опозициските медиуми го искористија за да ја критикуваат македонската Влада и презентираат текстови во кои пишуваат дека Америка ја критикува Македонија. Сепак вистината е дека извештајот е критички настроен кон сите земји се со цел подобрување на состојбите во државите.“
Во овој дел од текстот е спинот и манипулацијата со јавноста, дека опозицијата е виновна за лошиот извештај, односно дека опозицијата преку своите медиуми по секоја цена го напаѓа Груевски, а тој не бил единствениот премиер обвинет за „корупција , автоцензура, избори, говор на омраза, мигранти, физичко насилство врз Роми и слично“.
Инаку, извештајот на Стејт департментот, кој го објави „Гласот на Америка“, е сличен како тој на Европската комисија, подготвен од експертскиот тим предводен од пензионираниот директор во Комисијата, Рајнхард Прибе, и изобилува со многу критики за власта во повеќе области. Критиките, пред сè, се однесуваат на корупцијата и на владиното непочитување на владеењето на правото.
Авторот на овој напис, наместо да се потруди да го прочита извештајот и да ги запознае читателите со него, ја префрлил вината на опозициските медиуми што го објавиле. Според неговата логика, извештајот воопшто не требало да се објави, туку медиумите требало да молчат за тоа, бидејќи, нели, целта на Стејт департментот е да „криткикува со цел посочените слабости во иднина да се подобрат“.
Тоа е посочено и најдолу во текстот, преку изјавата на владинот портпарол, кој тврди дека Македонија и САД имаат одлични односи во сите полиња.
„Извештајот на Стејт департментот го гледаме како дел од нашата соработка со Соединетите Американски Држави кои се наш стратешки партнер во реализација на нашите цели за евроатлантски интеграции, истиот секогаш сме го почитувале и врз основа на него сме правеле многу реформи…“
Авторот на овој напис го прекршил основното новинарско правило од Кодексот на новинарите кое гласи: „Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со членот 16 од Уставот на Република Македонија“. Наместо информација, читателот пред него добил политички пристрасен и пропагандистички текст. Која е логиката да не објавуваш нешто, а за истото да бараш оправдувања? Очигледно, тоа му е јасно само на авторот.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови