verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Контраефектот на фактите

on 15 - 10 - 2013       
Овој напис го има и на: Англиски

Истражувачите открија изненадувачка закана за демократијата: нашите умови

 

Пишува: Џо Кеохејн за Boston.com (Boston Globe Newspaper web site). Објавено со дозвола на авторот.

 

4337754796_4c499b3fa2_z

„Факти, не ставови“ натпис врежан во камен над влезот на Kirkaldy Testing Museum во Southwark, Велика Британија, Фото: Kevan

 

 

 

 

Една од најважните претпоставки врз кои се темели модерната демократија е дека е попожелно да се има информирано, отколку неинформирано граѓанство. „Кога луѓето се добро информирани, тие можат да имаат сопствена влада“, напиша Томас Џеферсон во 1789 година. Сè се засновува врз овој концепт, пренесуван низ годините: од скромните политички памфлети, преку претседателските дебати, до самиот концепт за слободата на печатот. Според Кант, човештвото може да биде подложно на незнаење и дезинформации, но знаењето е најдобриот лек. Ако луѓето добиваат факти, ќе размислуваат појасно и ќе бидат подобри граѓани. Ако се неинформирани, фактите ќе ги просветлат. Ако грешат, фактите ќе ги исправат.

На крајот, вистината ќе излезе на виделина, зар не?

Можеби не. Неодамна, неколку политиколози започнаа да откриваат една тенденција кај луѓето која е навистина обесхрабрувачка за секој оној кој верува во моќта на информациите. Се работи за следново: не значи дека фактите имаат моќ да ги сменат нашите мислења. Всушност, можат да го направат сосема спротивното. Во повеќе студии од 2005 и 2006 година, истражувачите од Универзитетот во Мичиген открија дека кога погрешно информираните луѓе (особено членовите на политичките партии) биле изложени на коригирани факти во новинарските статии, тие ретко го менувале мислењето. Всушност, тие уште повеќе ги зацврстувале своите ставови. Фактите, откриле тие, не ја лекуваат погрешната информираност. Како слаб антибиотик, фактите всушност би можеле да ја интензивираат погрешната информираност.

Ова не е добро за демократијата, бидејќи повеќето гласачи – луѓето што одлучуваат за тоа како земјата ќе функционира – не претставуваат празен лист. Тие веќе имаат свои мислења и серија на факти што постојат во нивните умови. Проблемот е во тоа што понекогаш, работите што тие мислат дека ги знаат, се објективно, веројатно лажни. Во присуство на точни информации, тие луѓе реагираат многу, многу поразлично од неинформираните луѓе. Наместо да ги сменат ставовите во насока која ќе ги рефлектира точните информации, тие можат уште повеќе да ги зацврстат постоечките ставови.

„Општата претстава е дека е апсолутно застрашувачки да признаеш оти не си во право“, вели политикологот Брендан Нихан, водечкиот истражувач на студијата во Мичиген. Феноменот познат како „контра ефект“ или „повратен ефект“ – е „природен одбранбен механизам за избегнување на таа когнитивна дисонанца“ (спротивставеност) .

Овие наоди отвораат долготрајна дискусија за политичката неинформираност на американските граѓани за пошироките прашања околу интеракцијата меѓу природата на човековата интелигенција и нашите демократски идеали. Повеќето од нас сакаат да веруваат дека нашите мислења се формирани со текот на времето преку внимателно, рационално согледување на фактите и идеите и дека, според тоа, одлуките засновани врз тие мислења се основани и интелигентни. Всушност, нашите мислења често ги базираме врз нашите верувања, кои, пак, можат да не се совпаѓаат со фактите. И наместо фактите да бидат двигател на верувањата, нашите верувања можат да ги диктираат фактите што избираме да ги прифаќаме. Тие можат да нè натераат да ги искривуваме фактите за да се вклопат подобро со нашите веќе утврдени ставови. Најлошо од сè е што можат да доведат и до некритичко прифаќање на лоши информации само затоа што тие ги зацврстуваат нашите верувања. Ова зацврстување нè прави поуверени дека сме во право, па уште помалку сакаме да слушаме какви било нови информации. И потоа гласаме.

Овој ефект е уште понагласен со презаситеноста со информации, која со себе – освен огромен број добри информации – носи и бескрајни гласини, дезинформации и сомнителни варијации на вистината. Со други зборови, никогаш не било полесно луѓето да не бидат во право, а истовремено да чувствуваат досега најголема сигурност дека се во право.

„Локален жител – страстен бранител на она што тој го замислува за Устав“, беше насловот на една неодамна објавена статија во „Onion“. Како и најдобрата сатира, оваа мала незгодна статија на почетокот предизвикува смеа, која веднаш потоа се придушува со одвратно чувство на препознавање. Во последните пет децении политичката наука дефинитивно се утврди дека повеќето денешни Американци немаат дури ни основни познавања за тоа како функционира нивната земја. Во 1996 година, Лери М. Бартелс од универзитетот Принстон тврдеше дека „политичката неинформираност на американскиот гласач е еден од најдобро документираните податоци во политичката наука“.

Ова, само по себе, можеби и не би било проблем: луѓето што не ги знаат фактите едноставно можат да решат да не гласаат. Но, наместо тоа, се чини дека погрешно информираните луѓе често се оние со најцврстите политички мислења. Скорешен пример за ова откри студијата спроведена во 2000 година, предводена од Џејмс Куклински од Универзитетот во Илиноис. Тој спровел влијателен експеримент во кој на повеќе од 1000 жители на Илиноис им беа поставувани прашања за социјалната помош – процентот од буџетот што се троши за социјална помош, бројот на лица опфатени со програмата, процентот на афро-американски корисници на социјална помош и просечниот износ на социјалната помош. Повеќе од половината одговорија оти се уверени дека нивните одговори се точни – но, всушност, само 3 проценти од луѓето одговорија точно на повеќе од половината од прашањата. Уште повеќе загрижува тоа што луѓето кои беа најмногу уверени дека се во право, беа, всушност, оние кои имаа најмалку познавања од оваа област. (Повеќето од овие учесници изразија ставови што сугерираат силно спротивставување во однос на социјалната помош).

Студиите спроведени од други истражувачи забележаа слични феномени кога станува збор за образованието, здравствените реформи, имиграцијата, афирмативното дејствување, контролата на оружјето, како и за други прашања што имаат тенденција да привлекуваат цврсти партиски мислења. Куклински ова го дефинира како синдром „знам дека сум во право“ и го смета за „потенцијално сериозен проблем“ во еден демократски систем. „Тоа значи дека не само што повеќето луѓе ќе дадат отпор кога ќе треба да ги исправат своите фактички верувања, туку и дека веројатноста да го сторат тоа е најмала кај луѓето кои најмногу треба да ги коригираат своите мислења“.

Што се случува? Како можеме толку да грешиме, а да бидеме толку сигурни дека сме во право? Дел од одговорот лежи во начинот на кој функционираат нашите умови. Генерално, луѓето се стремат кон доследност. Постојат многу психолошки истражувања кои покажуваат дека луѓето се стремат да ги толкуваат информациите во насока на зацврстување на нивните тековни мислења. Ако веќе имаме некакво мислење за светот, ние со поголема веројатност пасивно ќе ги прифаќаме како вистина сите информации со кои се потврдува нашето мислење, а активно ќе ги отфрламе оние што не го потврдуваат. Ова е познато како „мотивирано расудување“. Без разлика дали информациите се точни, можно е да ги прифатиме како факти ако ги потврдуваат нашите мислења. Тоа нè прави поуверени во нашите мислења, па дури и ја намалува веројатноста да ги земеме предвид контрадикторните факти.

Новото истражување, објавено во јуни 2010 година во списанието „Political Behavior“ („Политичко однесување“), укажува на тоа дека кога еднаш тие факти или „факти“ ќе се интернализираат (ќе си најдат место во нечиј ум), многу тешко се поместуваат. Во 2005 година, кога беа актуелни апелите за подобро проверување на фактите во медиумите на почетокот на војната во Ирак, Брендан Нихан од Универзитетот во Мичиген заедно со еден негов колега смислија експеримент во кој на учесниците им беа дадени лажни новинарски стории што содржеа докажано лажно, но, сепак, распространето тврдење од некоја политичка фигура: дека имало оружја за масовно уништување во Ирак (иако немаше), дека со намалувањето на даноците администрацијата на Буш ги зголемила владините приходи (приходите, всушност, се намалија) и дека администрацијата на Буш вовела целосна забрана на истражувањата за матични клетки (беа ограничени само одредени фондови). Нихан вметна јасна, директна корекција по секоја дезинформација, а потоа мереше колку таа имала влијание врз учесниците во студијата.

Кај најголемиот дел од учесниците, корекцијата немала влијание. Оние што себеси се идентификувале како конзервативни, дури уште повеќе верувале во дезинформациите за оружјето за масовно уништување и за даноците откако ја добиле корекцијата. Кога станува збор за овие две прашања, колку повеќе учесникот се грижел за темата – фактор познат како значајност – толку посилен бил повратниот ефект. Ефектот бил малку поинаков кај оние што се идентификувале како либерали: кога читале коригирани стории за матичните клетки, корекциите немале повратен ефект, но читателите, сепак, го игнорирале незгодниот факт дека ограничувањата на администрацијата на Буш не биле целосни.

Не е јасно што го поттикнува ова однесување – дали е тоа едноставен одбранбен систем или, пак, луѓето позасилено се трудат да ги одбранат своите првични убедувања. Но, Нихан во оваа прилика едноставно изјави: „Тешко е да се биде оптимист во врска со ефикасноста на проверката на фактите“.

Би било добро да се помисли дека политиколозите и психолозите нашле начин да се справат со овој проблем, арно ама сè уште е рано за тоа. Упорноста на политичките заблуди сè уште е ново поле за истражување. „Ова прашање останува нерешено“, вели Нихан.

Но, истражувачите работат на ова прашање. Истражувањето ја опфаќа и самопочитта. Нихан работеше на една студија во која покажа дека луѓето кои добиле вежба за сопствена афирмација имало поголема веројатност да ги земат предвид новите информации, отколку луѓето кои не добиле ваква вежба. Со други зборови, ако се чувствувате добро за себе, ќе слушате – но нема да слушате ако се чувствувате несигурни или загрозени. Ова објаснува и зошто демагозите имаат полза од вознемиреноста на луѓето. Колку повеќе луѓето се чувствуваат загрозени, толку помала е веројатноста да слушаат спротивни мислења и толку полесно можат да се контролираат.

Има и случаи во кои директноста функционира. Студијата на Куклински за социјалната помош сугерираше дека луѓето, всушност, ги менуваат своите мислења ако им се „плеснат в лице“ објективни факти што се спротивни на нивните претходно создадени перцепции. Тој праша една група учесници колкав е процентот што сојузната влада го одвојува од буџетот за социјална помош, а колкав процент сметаат дека владата треба да одвојува. Друга група ги доби истите прашања, но на учесниците од оваа група веднаш им беше соопштен точниот процент што владата го троши за социјална помош (1 %). Потоа, учесниците од истата група беа прашани (имајќи го предвид овој факт), колку треба да потроши владата. Без оглед на тоа колку им биле погрешни одговорите пред да ја добијат информацијата, учесниците од втората група ги приспособиле своите одговори според точниот факт.

Од друга страна, студијата на Куклински опфатила луѓе што информациите ги добивале директно од истражувачите, на многу интерактивен начин. Но, кога Нихан се обидел да ја испорача корекцијата во пореални околности, преку една новинарска статија, тоа имало контра ефект. Дури и ако луѓето ги прифатат новите информации, тие може да не опстанат на подолг рок или може едноставно да немаат ефект врз нивните ставови. Во 2007 година Џон Сајдс од Универзитетот Џорџ Вашингтон и Џек Ситрин од Универзитетот на Калифорнија во Беркли спроведоа студија околу тоа дали обезбедувањето точни информации на погрешно информираните луѓе во врска со процентот на имигранти во населението на САД би имало влијание врз нивните ставови за имиграцијата. Немало влијание.

Ако се прифати популарната перцепција дека решението е повеќе образование и повисоко ниво на политичка софистицираност кај гласачите, тоа би претставувало добар почеток, но не и решение. Студијата спроведена од Чарлс Тејбер и Милтон Лоџ од Универзитетот Стоуни Брук во 2006 година покажа дека политички софистицираните мислители биле дури и помалку отворени за нови информации отколку помалку софистицираните. Овие луѓе можат да бидат фактички во право за околу 90 проценти од нештата, но поради нивната самодоверба речиси е невозможно да се поправат тие 10 проценти за кои не се во право. Тејбер и Лоџ ова го сметаа за алармантно, бидејќи софистицираните мислители се „токму оние луѓе на кои најмногу се потпира демократската теорија“.

Идеално би било кога граѓаните би имале способност да одржуваат постојана „будност“, надгледувајќи ги и информациите што ги добиваат и начинот на кој нивните мозоци ги обработуваат. Но, за да се биде во тек со вестите потребно е време и труд, а постојаното само-преиспитување, како што филозофите отсекогаш тврделе, може да биде исцрпувачко. Нашите мозоци се дизајнирани да создаваат когнитивни кратенки – изведување заклучоци, интуиција, итн., за да се избегне токму таа непријатност, истовремено справувајќи се со напливот на информации што ги добиваме секојдневно. Малку работи би можеле да се завршат без тие кратенки, но, за жал, благодарение на нив лесно ги прифаќаме политичките лаги.

Нихан на крајот препорачува пристап од страната на понудата. Наместо да се фокусираме на граѓаните и корисниците на дезинформациите, тој вели дека треба да се обрне внимание на изворите. Ако се зголеми нивото на влошување на угледот заради ширење дезинформации, посочува тој, можно е тоа да ги обесхрабри луѓето да не шират дезинформации толку често. „Значи, ако гостувате во некоја ТВ емисија и ве критикуваат поради пласирање погрешни информации“ вели Нихан, „ќе се запрашате дали да го направите истото во иднина“.

За жал, ова решение засновано врз срам може да биде исто толку невозможно колку што е разумно. Зборливите политички критичари се искачија во царството на високо профитабилната забава за народот, додека професионалните сервиси за проверка на фактите скапуваат во занданите на невлијателноста. Лесно е да се натера еден политичар или критичар да соопшти дека Џорџ Буш издал наредба за настаните на 11 септември, 2001 г. или дека Барак Обама е кулминација на петдецениски заговор на владата на Кенија да ги уништи САД. Но, да се натераат да почувствуваат срам? Тоа воопшто не е лесно.

 

keohane3

Џо Кеохејн е писател од Њујорк.

Оригиналниот напис на англиски јазик е објавен на 11 јули 2010 година и можете да го најдете овде:
http://www.boston.com/bostonglobe/ideas/articles/2010/07/11/how_facts_backfire/?page=full

© Copyright 2012 Globe Newspaper Company. Reprinted with author’s permission.


Оваа анализа е реобјавена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Проектот е овозможен сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести