verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кому кожувчето, кому јорганчето, а јавноста може и со кратки ракави!?

on 28 - 08 - 2015       
Инфотејнмент: Наочари и јахти. Колаж: СПФМ
Инфотејнмент: Очила и јахти. Колаж: СПФМ

 

 

Паралелно со можностите за енормен развој на масовните комуникации и на масовните медиуми во 20 и особено во 21 век, јавноста станува она поле на општественост во кое на најеклатантен начин се манифестираат односите на општествената моќ. Затоа, контролата на институциите на јавноста, а особено контрола на масовните медиуми, е најважното средство за општествена доминација, затоа што истото ја обезбедува можноста за управување, структурирање и за контролирање на јавното мнение, јавноста.

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Во принцип, јавноста секогаш е таа што го конституира комуникацискиот, социјалниот, политичкиот и општиот вредносен простор кој е нужен за индивидуална животна ориентација на луѓето, но и за колективно обликување на општествената и на политичката волја. Токму затоа истата не е можна без морално втемелување со што би била и основа за моралната заедница меѓу луѓето.

Имено, модерното право на човекот да биде признат во своето право за внатрешното морално уверување има смисла само доколку поединецот ја гарантира содржината на своите морални уверувања во јавната комуникација со другите луѓе. Јавноста е таа која на секој поединец му го признава правото на форма, но не и на содржина на моралните уверувања. Секому му е признато правото на морално уверување, но самата содржина на тие уверувања никому однапред не му е признаена. Секој поединец е принуден, своето мислење и уверувања да ги изнесе во јавност, доколку сака другите да му ги прифатат. Така, моралните уверувања на луѓето се спротивставуваат, судираат и посредуваат. Само на овој начин можат да настанат општи морални уверувања на една заедница.

 

МОРАЛНА ЈАВНОСТ

Во оваа смисла, кога денес владее уверувањето дека моралната и политичката јавност се конститутивен услов за модерна демократија, се вели дека само таму каде постои јавност, може да постои и демократска супстанција на едно општество. Во онаа мерка во која медиумите на комуникација ја „градат“ и ја „хранат“ јавноста, во толкава мера е можно општо обликување на мислењето и уверувањето на луѓето и нивното демократско учество во општествените процеси. Само демократското уредување на општеството овозможува слободно изразување на мислењето на јавноста. Што покомплексен е некој политички систем, толку е попотребна функционална јавност.

Но, сепак, Хегел покажа дека јавноста може да биде и противречен поим. Од една страна, јавноста извира од субјективното право на слобода на поединецот во општеството да ги изразува сопствените судови, мненија и совети за општите работи. Од друга страна, истата почива на „мешање на важното со неважното“. Затоа, таа може да има заблуди и погрешни мислења, особено ако е „хранета“ со погрешни, најчесто невистинити и тривијални (квази)информации кои се потребни за истата таа јавност да се одржува во „коматозна“ состојба на живот (колку да се каже дека ја има и дека е потребна од избори до избори), додека круцијалните информации се чуваат подалеку од „критичките очи“ на јавноста и се дозволува нештата, битни за опстојбата, да влегуваат во заедничкото живеење на „мала врата“.

И Македонија претпоставува јавност која се базира на концептот на моралната заедница. Но, прашањето е дали таа морална јавност кај нас ја добива можноста да просудува за целината на општествениот живот на луѓето („Ова не е приказна за наочарите на Груевски“), односно да просудува за она што, како и зошто на секое јавно дејство во општеството или попрецизно дали на неа може да ѝ се отстапи местото да биде чуварка на моралните вредности на самото општество? Ова, особено во услови кога истата се држи на т.н. „дистанца“ од вистинското политичко дејствување на власта, а и на опозицијата, а се одржува со т.н. „минимум од она што треба да го знае“, додека на „голема врата“ се најавува, но и останува само во најава, воведувањето на концептот на медиумската писменост и образование на јавноста како „agenda setting“.

 

ИНФОТЕЈНМЕНТ И НОВИНАРСТВО

За поткрепа на овие тези, би можеле да се послужиме со редица новинарски прилози на тема „премиерските очила“ и „јахтата на потпретседателката на опозицијата“. Забавни по сензацијата, уште поинтересни заради целосно исполнување на инфотејмент-концептот (како новинарска супкултура во последните 15-20 години), но суштински празни и во смисла на аналитичко и истражувачко новинарство – прозрачни и промашени прилози.

И додека во првиот случај фокусот на внимание на јавноста новинарите го насочуваат кон цената на очилата на премиерот („Го предизвикувам Груевски, заедно да одиме до оптичарата во Скопје каде ги има купено наочарите за сонце“ од 21.07.2015 или „Груевски на плажа носи очила од 60 000 долари!?“ од 20.07.2015) и начинот на нивно добивање („Очилата на Груевски му биле гратис со купувањето на службениот мерцедес?“ од 20.07.2015), па сѐ до моделот на истите и од каков материјал се изработени („Наочарите на Груевски од ист материјал како и внатрешноста на Мерцедесот?!“), кој непобитно ќе посведочи за реалниот квалитет на истите, од аспект на професионалната етика и критериуми на новинарството, уште позалудни се т.н. „деманти“ („Влада на РМ: Наочарите на премиерот се купени по просечна цена“), за кои дури и во новинарството се знае дека го немаат истиот ефект откако штетата е направена. Ова од проста причина што, како што покажува практиката во моментов, излегувајќи од сенката, самиот Минервин був затекнува енормно големо влијание на мас-медиумите врз јавноста преку процесите на претворање на јавноста во маса, граѓаните во гледачи, а гледачите во пасивни работници кои медиумските корпорации си ги продаваат едни на други, заедно со своите продуцентски куќи, односно емисии, т.е. медиуми (македонската јавност добро сведочи за процесот на трансферирање на истите популарни ТВ-сапуници од ТВ „Сител“, веднаш по затворањето на ТВ „А1“).

Во континуитет и за обидите за дискредитација преку инфотејментот и сензацијата и во случајот со Шекеринска, како потпретседател на опозицискиот СДСМ и „сензационалните откритија“ на „Република“ на тема „Дали ова е приватна јахта на Радмила Шеќеринска?“ од 16 август 2015 година, „нормално“ непотпишани, а во „медиумскиот линч“ засилени со провладините гласила, особено на дневниот весник „Вечер“ и серијата написи „Шеќеринска не демантира за одморот и за јахтата, ВМРО-ДПМНЕ бара одговори“ или „Наместо да раскажува како го поминала летниот распуст, Шеќеринска да каже до кога ќе плови под грчко знаме“ од 17 август 2015 година, интонирани со доволна доза (квази)националност и „усилено“ патриотско чувство, кога треба да се оцрнува и да се стави на оцена пред моралната јавност гестот на одреден политичар.

 

„АРАМ“ НОВИНАРСТВО

Каде е јавноста, знае ли да разликува, колку може да суди, врз основа на она со што „арам“ новинарството ја „храни“? Дали е потребен одговор, кога истиот го има во сите релевантни индикатори и показатели на светски референтните анализи и истражувања!? Прашањето звучи ноторно најмногу заради „фатумската безрезервна капитулација“ на јавноста. Потврдата е одамна презентирана преку интересот на политичарите: и „додека Македонија ја тресе бегалски бран, криминали тешки милиони евра, сомнежи за корупција во судството и поплави во кои згаснаа човечки животи, македонските политичари и нивните активисти, изгледа, се се позаинтересирани за тоа кој какви наочари носел, кој каде бил на одмор, дали некој имал или немал јахти…“. Ова бидејќи,  „ваквите дневни препукувања, се почесто ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми со кои земјава се соочува…“, односно „планот и на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ е да се извадат информации и деманти за кој, каде и со кого летувал, какви наочари се носеле, дали на плажа се мачкале со крема или со уље“, вели новинарот Емил Десподов во својот прилог од 16. август 2015 година на тема „Македонија тоне, политичарите се „тепаат“ за јахти и наочари“.

Резимирано, јавноста и понатаму треба „летаргично да дреме“ и „добро да се забавува“, наместо да алармира, проценува, суди за добробитта своја!? Како што се констатира во претходно посочениот прилог: „И додека македонските политичари уживаат на крајбрежјето, Македонија полека но сигурно, тоне!“. Со тоа само се потврдува дека Хегеловата пофалба и критика на јавноста, ниту до ден-денешен, нема изгубено од својата сила. Напротив, истата добиваше и сѐ повеќе добива уверливост, особено со прогресот во сфаќањата за бескрајните можности за контрола и за манипулација на јавноста, затоа што противречноста на современото поимање на јавноста е содржана во фактот дека нејзината критичка функција се претвора во манипулативна: наместо јавноста да стане граница на силата, таа претставува нејзин полигон!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести