Кои се московските синкретисти и со што ќе нè подлажат
Објавено во Новинарски лекции
on 15 - 06 - 2016 Автор: Љубомир Костовски
Во земјава стандардните напади на провладините медиуми кон САД и ЕУ и кон нивната улога во нашата криза проодолжуваат со несмалено темпо, со тоа што сега се користат сè почесто како потпора руски извори и личности и тоа „виа Белград“, каде има вистински калабалак на „москвичи“. Дел од нив добро камуфлирани. Што нудат, како се поврзани…
Пишува: Љубомир Костовски
Неодамна во Белград се одржа собир на кој се дискутирало за регионалната загрозеност на локалните влади од западните служби, со акцент на Македонија, Србија и на Република Српска. За ова имаше извештај од новинар од „Дневник“, кој бил таму и од кого се дознава дека „оние што денеска се обидуваат да го урнат Милован Додик, кои истото го прават и со Никола Груевски, утре тоа ќе се обидат да го направат и со Александар Вучиќ, бидејќи тие не сакаат да имаат силни лидери и силни земји. Ним им се потребни слаби политичари, луѓе што не се во состојба да направат ниту сопствена влада, туку тоа мора да им го прави странска амбасада“. Насловната тема е „Палењето на Балканот – од Македонија до Република Српска“, а воведничар бил познатиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, кој на север од нас постојано е ударен челник на пропагандата во корист на премиерот Вучиќ и тоа толку што неодамна влезе во „војна“ со советничката на српскиот претседател Томислав Николиќ – Станислава Пак, па медиумите уживаа во тоа како преку двајца аналитичари војуваат носителите на две најважни функции во Србија.
ВО ИСТ КОШ
За тоа дека сме пропагандно одамна ставани во ист кош со Додик и со Вучиќ, веќе сме пишувале во „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) и тоа не така одамна, ама, овојпат, како преку овој напис да сме сведоци на своевидна институционализација на таквото цртање на нова геополитичка карта на Балканот! За ова, нешто подолу…
Не минаа многу денови по овој собир, мандатарот за основање на нова Влада во Србија, Вучиќ, ги откажа веќе закажаните посети на САД и на Брисел. И разговорот со првите луѓе на САД и на ЕУ во Белград, ден потоа – амбасадорите Кајл Скот и Мајкл Девенпорт, со Вучиќ, велат колегите, не донеле насмевки меѓу актерите во таа ненадејна драма, што јасно укажува дека токму од врвот на владината политика се верува во „гатањето“ на Анѓелковиќ, кој од почетокот на своето присуство меѓу политичката елита е отворено против врзувањето на Белград со ЕУ?! Во какво друштво сме се нашле таму говори и фактот дека на собирот не претставувал, според „Дневник“, „македонскиот новинар Миленко Неделковски“, иако освен таа информација не е наведено ништо од неговиот евентуален говор. (Посебна приказна се, верувајте, ставовите на споменатиот Анѓелковиќ по кои Македеонија е, всушност, Стара Србија, што го споменуваме само заради „патриотизмот“ на друштвото од Аминта Трети. За ова, љубопитните нека видат овде.
Дека тезата за регионалната загрозеност ѝ одговара и на оваа влада и на експремиерот Груевски, не треба посебно да се нагласува, бидејќи излегува дека не е само тој на тапет кај западните сојузници. Вака, како ја тераат пропагандата некои анѓелковиќи, излегува дека се работи за некаква глобална геостратегија, а не за класични калварии на лидерот на ДПМНЕ со кои тој ја загрозува судбината на земјава! За нивните „соросоиди“, на оние кои го шинаа вратот, ѕиркајќи во кабинетот на Путин, инаку никој не говори, ама таму има секако и пари и организација и поединци, а што е најважно и голема камуфлажа.
Во тој контекст доаѓа и интервјуто кое „Нетпрес“ неодамна го објави со извесен Хоакин Флорес, кој на почетокот вели оти „нема сомнеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори“. Но, кој е тој соговорник што од петни жили во Груевски гледа „затка“ за влијанието на расипаните Американци и Европејци тука? Всушност, со кого се прави екслузивно интервју?
МНОГУ ФУНКЦИИ ЗА „ЛАТИНОСОТ“
Тој Флорес, со име и со презиме како од некоја латиноамериканска сапуница, најавен е како директор на тинк-танк Центарот за синкретички студии, уредник на „Форт Рус“ (Fort Russ) и претседател на независната новинарска Асоцијација за мир. Голем наслов, нели? Ем Американец, ем „латинос“ според името и презимето, ем новинар, иако она со синкретичките студии може и треба да збуни! Што понејасна фирма, помалку ќе прашувате!
Па, најнапред да речеме дека „Нетпрес“ се обидува да ги затскрие трагите, па не кажува дека се работи за основач на таков центар во Белград. Со него разговорот го правел дописникот на агенцијата наводно од Атина, дописник кој често се потпишува како таков, ама никогаш не открива кој е, како да се работи за претставник на некаква контраразузнавачка агенција? Но, под сликата на интервјуираниот во прилогот стои Белград, Србија, што говори дека човекот можеби е на некоја линија Белград – Атина, ама сликата е јасно поставена, со легенда дека е направена во Белград и ни кажува каде да го бараме.
Ова навидум може да биде неважно, ама таков центар за синкретички студии постои во Белград и наголемо се рекламира на страницата на Радикалната партија на Србија (да не барате на интернет – тоа е партијата на Шешељ), што лесно може да се провери. Што претставува овој центар може да се види на следниов линк, а од текстовите на Флорес се гледа дека тој ја бара синкретијата (сплотеност на разновидни, а блиски категории) во единството на моќта, марксизмот, православието (!), алтернативните медиуми…
КОЈА Е „ФОРТ РУС“
Индикативно за Флорес е дека е уредник на „Форт Рус“, кој е дел од еден мегапрокт, да не речеме концерн за пропагирање на руската политика кон надвор (тука влегува и агенцијата „Спутњик“, потоа „Раша тудеј“, „Новорасија“, „Екс-СССР“, „Кримеа“…) каде често го сретнуваме стручњакот од САД, што е логично со оглед на неговата функција. Дури човек да се запраша – дали тој уредува во Москва, држи предавања под мантилот на Шешељ во Белград, а често ја посетува, да го дозволиме и тоа – Атина? Некој доста динамичен човек, кој има – така е претставен – големи сознанија и за нашите работи тука.
Така, на почетокот од интервјуто, уште, така речи, непрашан, Флорес вели дека „Македонците се интелегентен и разумен народ кој согледува дека со оглед на сите услови во земјата, ВМРО-ДПМНЕ си ја заврши работата на прифатлив начин што ќе им обезбеди почит и авторитет, потребен за да ја предводат и следната влада“. Просто, и да се откажеме од избори, особено фер и со сите тертипи, бидејќи треба да му овозможиме на Груевски да нè води кон нови, додатни „прифатливи решенија“, додека Заев можел да понуди само „вазалство кон Западот“. Флорес е разочаран од откажувањето на еднопартиските избори во земјава, оние закажани за 5 јуни, бидејќи тие ја покажуваат моќта на Западот во земјава на еден конкретен начин.
Иако прашањата се сугестибилни и водат кон тоа да се добијат за возврат што повеќе пофалби за лидерот на ДПМНЕ (на пример, се сугерира дека Груевски бил шестпати поомилен кај народот од Заев, како прашањата да ги правел Амди Бајрам со неговото метро), Флорес едноставно си ја тера својата агенда – тој вели дека тука не се важни личностите, туку идејата за Голема Албанија (секако знае каде е нашата „Ахилова петица“), а Договорот од Пржино бил директна негација на Македонија како нејзино „природно право“ да постои. Небаре, нациите и државите се бараат во некакво матично одделение каде се запишани тие права! Бидејќи со никакво потпрашање не е прекинуван од новинарот, тој продолжува да ја гради геостратегијата (се претпоставува Скопје-Белград-Бања Лука) во која вели дека не само што не се работи за избор на некаква личност во земјата или земјите во регионот (просто, сеедно е кој ќе биде тоа), бидејќи западните сили сакаат да го дестабилизираат Балканот и квит! Тие сакаат војна, а тоа е нивниот најпрофитабилен бинис, вели Флорес.
И по упорното ургирање на поставувачот на прашањата (анонимниот дописник од Атина) Флорес, секако премачкан со многу бои, во еден миг навистина го споредува Груевски со самиот Путин. Внимавајте само!
„Груевски, исто како и Путин, се личности од поновата ера, во која што политичката интрига и геополитичките тактики еволуираа и станаа покомплексни. Тие всушност го прелажаа Западот. Тие дојдоа на сцената велејќи: Ние сме разумни луѓе и овде сме за бизнис. Банкарство, инвестиции, нема проблем. Како може да направиме договор ? Тие го зборуваа јазикот на Западот и ги наведоа западните лидери да веруваат дека тие се „нивни луѓе“. Да бидеме искрени, тие можеби пушеле пури и пиеле шампањ со западните лидери. Или, пак, пиеле вино и играле голф, или што и да е. Тие дури успеаја да донесат и да привлечат други олигарси и елити во земјата, кои себеси се сметаа за блиски до Западот. Но, тие го искористија ова за да купат време, за да го заживеат независниот безбедносен и разузнавачки апарат, за да ја прошират својата меѓународна база на поддршка и врски надвор од сферата на доминација на САД“.
ДА ГО ЗНАЕШЕ ОВА ГРУЕВСКИ ПОРАНО
Да го знаел Груевски ова порано, ќе ги откажел сите оние поединечни и групни портрети и ѕидовите на новото партиско седиште ќе ги искител со вакви цитати.
Но, не треба да се биде наивен – овие центри на моќ се на полуостровот со план и со стратегија. Формираат агенции, тинк-тенк органзации, даваат интервјуа кои потоа се преземаат. Засега, парите за пропагандата ги кријат или ние не ги гледаме. Ако малку се ѕирне, ќе се види дека постојат директни врски и меѓу Факултетот за европско-правни политички студии во Белград (домаќин на средбата каде нè претставувал Миленко Неделковски), тинк-тенк Центарот за синкретички студии на Флорес, партиите на Шешељ и напредњаците на Вучиќ… И меѓу нив има јасни и цврсти нишки. Тука некаде треба да ги бараме и врските на нашите „синкретисти“.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).