verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кого го интересира каде некогаш летувал Груевски?

on 14 - 02 - 2020       

[Рецензија: „Баш му е гајле-Никола Груевски со сопругата на Сејшелски острови: Боркице дали ме снимаш (видео)“]

Кога новинарски текст не информира, не донесува нови, за јавноста релевантни факти и сознанија, кога не е актуелен ниту настанот ниту личноста за која  станува збор во него, тогаш се поставува прашањето зошто тој текст воопшто требало да биде напишан? Вистински пример за ова е написот под наслов: „Баш му е гајле-Никола Груевски со сопругата на Сејшелски острови: Боркице дали ме снимаш (видео)“.

Линк до оригиналниот напис: „Баш му е гајле-Никола Груевски со сопругата на Сејшелски острови: Боркице дали ме снимаш (видео)“.

Датум и време на објавување: 5.02.2020

Датум на рецензирање: 13.02.2020

Рецензент: Југослава Дуковска 

Во овој, доста опширен и со фотографии и со видео поткрепен текст, авторот се бави со Никола Груевски, поранешниот претседател на ВМРО ДПМНЕ и актуелен бегалец од правда со азил во Република Унгарија. Не е јасно каква била проценката за актуелноста, како и за релевантноста на понудениот материјал од страна на медиумот кој го објавил написот бидејќи во него нема ниту една буква нов податок ниту за пребеганиот експремиер на државава, а уште помалку за околностите кои беа пред и настаните по неговото бегство. Ниту пак, се знае со какви мотиви тој бил објавен, освен непотребно актуелизирање на личност која веќе неколку е години надвор од политичките збиднувања во земјава.  Случајот „Тенк“, за кој Груевски беше осуден на две години затвор, како и за настаните кои уследија потоа-бегството на Груевски, неговиот политички азил во Унгарија и  животот што оттогаш го води во унгарската престолнина, се веќе повеќекратно објавени и искоментирани факти.

Она што дава дополнителна доза на апсурдноста на текстот што го рецензираме е екстензивниот опис на дестинацијата на која наводно Груевски со сопругата го помина одморот летото 2018 година – атрактивните Сејшелски острови во Индискиот Океан. Буквално половина од текстот е посветена на тоа каде се наоѓаат Сејшелските острови, колку се на број, колку жители има, што пишува во тамошниот Устав и слично, и сето тоа го става во дилема читателот-дали чита репортажа за туристичка брошура или, сепак, се работи за текст за експремиерот на државава. Толкаво потенцирање на убавините на Сејшелите и подробни објаснувања,  во ваков текст делува смешно и непотребно.

Сејшелите се островска држава во Индискиот океан и се наоѓаат североисточно од Мадагаскар и околу 1600 југоисточно од Кенија. Соседни држави на Сејшелите се Занзибар на запад, Маврициус, Агалега и Реунион на југ…

Иако, намерата, веројатно, била да се прикаже луксузирањето и расипништвото на Груевски, кој си дозволувал годишен одмор на скапи и ексклузивни дестинации, силно се наметнува прашањето: Зошто некого во Македонија денес би го интересирало каде бегалецот од правда Груевски бил на одмор во 2018 година, кога таквите информации, и покрај медиумската блокада се обелоденуваа и кога тој беше премиер?

Дополнително, освен што има проблем со актуелноста, овој напис има сериозен проблем и со вистината.

Имено,  на самиот почеток на текстот се тврди дека Груевски со сопругата летувал на Сејшелите во ноември 2018 година, но фактите зборуваат поинаку.  Судот, на барање на Специјалното Јавно обвинителство му го одзеде пасошот на Никола Груевски на 3 јули 2017 година, па според тоа, оваа снимка можела да биде направена само пред тој датум, а тоа значи пред повеќе од две години, но да е објавена подоцна. Ама, од некоја причина, овој напис се труди да го „оживее“ Никола Груевски, дури и само како расипнички расположен македонски експолитичар, а тоа го сугерира и самиот наслов, кој е во сегашно време: „Баш му е гајле-Никола Груевски со сопругата на Сејшелски острови: Боркице дали ме снимаш (видео)“.

Прилично немушто и со доста граматички грешки, но пред сè невистинито, текстот се обидува да го „продаде“ „ланскиот снег“ како актуелна „ексклузива“ бидејќи, наводно снимките од одморот на Груевски сега се појавиле на социјалните мрежи:

На социјалните мрежи осамна видео на екс-премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој во 2018 година заедно со сопругата Боркица уживаат на одмор во Сејшелските острови, кои за жал многу малку граѓани од нашата земја можат да си дозволат овој луксуз,

Всушност, се работи за Јутјуб снимка објавена на 18 ноември 2018 година од страна на НОВА ТВ. Снимката досега ја виделе над 107 илјади луѓе.

Со разоткривањето на манипулацијата и нерелевантноста на овој, по многу елементи манипулативен напис, единствена непозната се мотивите поради кои  токму сега е објавен, на прагот на предизборниот период. Односно, кому му е сега потребно „оживувањето“ на една мртва политичка фигура каква што е Никола Груевски?

Интересен куриозитет на оваа објава е што содржина насочена против експремиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ се појавува на портал кој до пред извесно време беше познат како исклучително апологетски настроен кон политичката опција на која ѝ припаѓа Груевски.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести