verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кога вистината се топи меѓу „филот и обландите“

on 4 - 08 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Кит за прва помош за објективност во медиумите. Фото: CC BY-SA HonestReporting.com, flickr/akeg, 2014

Кит за прва помош за објективност во медиумите. Фото: CC BY-SA HonestReporting.com, flickr/akeg, 2014

Спинот најчесто се дефинира како форма на пропаганда, која се прави преку таква интерпретација на одреден настан или кампања, која има за цел да го убеди јавното мислење во корист, или против одредена организација или јавна личност. Лицата кои се занимаваат со односите со јавноста тврдат дека разликата меѓу ПР и „спин“ е во два мали, но многу битни детали. ПР-от се базира на афирмација и факти, а спинот на манипулација и трикови.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Колку пати само сме ги слушнале репликите: „Прочитав во весниците“  или „Видов на телевизија“! Оној кој ги кажува не остава речиси никаков простор за резерва  во вистинитоста на бомбастичната  информација која веќе ја бранува јавноста. Лавината е тргната, нема враќање! Кај читателите или гледачите е создадена таква перцепција што без докази може да се „осуди жртвата“! Има и обратни ситуации, со истите методи се креира слика во која од губитникот се прави херој! Поинаку кажано, со манипулативни техники и наменско презентирање може да се маскира вистинската природа на која било информациија. Во јавноста многу често се споменува  терминот „спин“, кој во политичка смисла  е преземен од популарниот англиски спорт „крикет“  –  подразбира посебна техника со која се настојува да се промени правецот на топчето, за да се залаже противникот.

 

Но, што е всушност  „спинот“?

Основното значење на овој англицизам е врти, заврти. Терминот насатанал во квантната физика (механика), а потоа е пренесен и во другите сфери вклучително и во политиката. Спинот е практично трик со кој вистината не се претвора во лага, туку фактите толку многу се извртуваат што може и без изнесување лаги да се прикажат во поинакво светло од правата вистина. Спинувањето во буквална смисла значи „извртување“ на приказната со која јавноста ќе се сврти на онаа страна  во чиј интерес се пласира информацијата.

Спинот најчесто се дефинира како форма на пропаганда, која се прави преку таква интерпретација на одреден настан или кампања, која има за цел да го убеди јавното мислење во корист, или против одредена организација или јавна личност. Лицата кои се занимаваат со односите со јавноста тврдат дека разликата меѓу ПР и „спин“ е во два мали, но многу битни детали. ПР-от се базира на афирмација и факти, а спинот на манипулација и трикови.

Познати техники на спинот се: селективно изнесување на податоците, давање на добро смислени изјави (од „довреливи“ извори ) во кои нешто се тврди, па се демнатира , па повторно се тврди,  употреба на еуфемизми за да се нагрди или разубави нечиј став, прикривање на лошите вести, соопштување во јавноста на некоја многу популарна и долгоочекувана позитивна вест, но со истовремено набројување на лошите вести – надевајќи се дека медиумите ќе се фокусираат на популарната вест.

Личностите кои се занимаваат со оваа префинета вештина на манипулирање со јавноста се нарекуваат „спин доктори“. Задолжителни се во секојдневното опкружување на  политичарите, како и на луѓето кои имаат постојани контакти со јавноста.

Едвард Л. Бернајс (Edward L. Bernays, 22 ноември 1891 – 9 март 1995 година), кој се смета за таткото на спинот, чии пропагнадни техники  во дваесеттите години на минатиот век помогнаа во промоција на тутнските производи и оние на алкохолната индустрија. Во една од неговите први книги, „Пропаганда“ (1928) вели дека манипулацијата со јавното мислње е неопходен дел од демокартијата.

Бернајс кој, инаку, бил под силно влијание на она што го осознал од психолошките техники и психоанализите на неговиот тетин Зигмунд Фрјод, пишува дека:

„Доколку ги разбираме механизмите и мотивите на групното размислување, можно е да се контролираат и насочуваат масите по наша волја, без нивно знаење за тоа“.

 

„Свеста и интелигентната манипулација со организираните навики и мислењето на масите е важен елемент на демократските општества.“

 

„Оние кои манипулираат со овие скриени општествени механизми конституираат невидлива власт која единствена има вистиска моќ над нашата земја.“

 

„Во речиси секоја акција од нашиот секојдневен живот, дали во сферата на политиката или бизнисот, или нашата социјална ангажираност или етика, со нас доминира влијанието на мал број луѓе кои ги разбираат менталните процеси и општествените шаблони  на однесувањето на масите. Тие се оние кои ги влечат конците и го контролираат мислењето на масите.“

Подоцна Бернајс, во другите негови дела, ги опишува техниките за контрола на масите и за таа цел го провморира  изразот „инженеринг на согласноста“.

 

Фризирани информации

Во македонската јавност, особено политичката, терминот се одомаќини последните години. Спинувањето стана секојдневие во нашето новинарство кое натежна од „фризирани“ информации. Сведоци сме на бројни написи во кои вистината се топи меѓу „филот и обландите“.  Дел од  нив се предмет  и на рецензии на Сервисот за проверка на факти од медиумите. Има, текстови како што е овој, кога со еден типичен политички спин на читателите им се подметнува приказна за раздор во опозицискиот блок.  Имено, од  информацијата дека органите на ЛДП сѐ уште не донеле одлука за враќање на пратеничките мандати (се работи за период од мај 2014), се прави конструкција дека „Жерновски му го врти грбот на Заев“. Иако, од изјавата цитирана во написот не може да се извлече таков заклучок.

Веста пак,  „ММФ со повисоки прогнози за македонската економија“, со еден селективен пристап ги прикажува само позитивните податоци од Извештајот на Меѓународниот монетарен фонд. Па, сакајќи да ја пофали Владата, прогнозата на монетарците за зголемување на растот на БДП за 0,2 отсто во однос на претходната анализа, наменски се чита како „зајакнување“ на македонската економија. Но, никаде во веста не се споменуваат важните информации  дека ММФ оценува оти во земјата и натаму ќе расте долгот на Владата, а невработеноста бавно ќе се намалува. Што дава поинаква слика за состојбите.

Неретко во медиумите може да се прочитаат оцрнувачки написи во кои се доведуваат во некаква врска личности, предмети и настани, кои реално немаат никаква меѓусебна поврзаност. Таков е текстот : „Жерновски навиваше во дрес со боите на Грција“, каде навивачката атмосфера  од еден спортски натпревар е искористена за политички напад врз опозициски политичар. Тој  е  претставен како „предавник“, само затоа што бил облечен во маичка во боите на  дресот на националниот тим на Грција!

Има и бројни примери каде со умешно манипулативно презенатирање на иформацијата се маскира вистинската поента на кажаното. Па, изречените зборови се вадат од контест, се стават во негативна конотација и наменски се искористуваат како орудие со кое ќе му се наштети на политичкиот противник. Како што е случајот со написотПендаровски повторно со навреди за граѓаните – за него тие се корумпирани“, каде е искористен фрагмент од 28 секунди од неговиот настап на една трибина, во кој тој говори за изборната корупција

„Практично, волјата на маса граѓани беше киднапирана на систематски начин, изборната корупција беше со стравични размери, мојата проценка што ја правев со мојот изборен штаб по изборите покажува дека на последните двојни избори изборната корупција била поголема околу 30% во компарација со ланските локални избори и за околу 50 % повеќе од 2011 година.“ 

Потоа, од овој исказ со тенденциозна интерпретација  се  плете приказната дека  Пендаровски, наводно, ги нарекол граѓаните корумпирани.

Несомнено  дека „спинот“ е моќна  алатка со која се искривоколчува вистината и се насочува јавноста во посакуваниот правец. Невидлив, софистициран механизам со кој се диригира информацијата  на патот од политичките и бизнис центри кон  публиката, за да ги глорифицира истомислениците, или,  пак, да  ги сатанизира противниците.

И кога ќе почне да се тркала  „топката“, речиси никој повеќе ниту ги бара, ниту ги гледа фактите.  А вистината, таа веќе не е универзална и морална категорија. Вистината  –  не е вистина!  И сето тоа што сте го слушнале  со свои уши, или виделе со свои очи, не важи. Вистината е тоа што некој (најчесто апологетите на власта) ќе го интерпретира со посакуваното толкување, а не со парвилното и точно значење. Вистината се претвора во фабрикувана, или жаргонски кажано фарбана, полирана и добро спакувана измама, која јавноста ќе ја „проголта“  сервирана на тацна!  За жал, со помош на медиумите.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести