verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

(Ќe) веруваме ли во Дедо Мраз исто како и во премиерот!?

on 30 - 12 - 2015       

 

Фото: CBEAS, 2011
Фото: CBEAS, 2011

 

Иако етиката е нераздвоен дел од новинарската професија, сепак таа своето модерно нормативно вообличување го добива во втората половина, поточно во 80-тите години на 19 век, кога и новинарството добива полноважечки статус на професија и тоа во САД, откако со медиумите почнуваат да владеат првите медиумски магнати –  родоначалниците на „жолтиот печат“ – Џозеф Пулицер и Вилијам Рендолф Херст. Што мислите, зошто е тоа така?

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Историски анализирано, главната теза оттогаш па до денес, сѐ уште важи – новинарството не забележа поголем праг на морална сензитивност во извршувањето на професијата, со што се сведе на само чисто пренесување информации и продолжи во облик на пренесување на реалноста онаква каква што сакаат да ја проектираат владејачките гарнитури за нивни потреби, па сѐ до навреди кон сопствениот сосед, колега, пријател, другар… како масовен „национален спорт“!

Сума сумарум за периодов кој измина и нема поголеми отстапки и во наши, македонски рамки. Доволен доказ се и посочувањата на Европската унија, ОБСЕ, особено реномираните и релевантни меѓународни организации како што се „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“… Согласно истите, се вели дека во последниот период Македонија бележи константен пад во делот на слободата на изразување и независноста на медиумите. Имено, „Фридом хаус“ нѐ оценува како делумно слободна земја во која рангирањето на слободата е на средина од скалата, додека „оценката за независноста на медиумите во Македонија и натаму е непроменета“. И додека од своја страна „Репортери без граници“ наведуваат дека откако Македонија падна на своето најниско рангирање, т.е. на 123. место за 2014 година, во моментот бележи барем привиден напредок и е на 117. место во светот…, сепак, истата и натаму е „делумно слободна“ во однос на слободата на медиумите и со опаѓачки/влошувачки резултат во последните години. Во извештаите, пак, на Европската комисија и понатаму константно се наведува сериозната загриженост на Комисијата и на другите, т.е. декаостанува да се реши владината вмешаност во слободата на медиумите. Потребно е да се вложат дополнителни напори за да се обезбеди политичка и финансиска независност на јавниот радиодифузен сервис заради зајакнување на регулаторните агенции и за да се поттикне функционалното саморегулирање на медиумите. Исто така, постои потреба од спречување на неформалниот економски притисок врз медиумите, вклучително преку зголемување на транспарентноста на медиумската сопственост, спречување на нејзината прекумерна концентрација и обезбедување на транспарентни правила за набавка на владини реклами“.

На домашен терен се потфрли и со новиот Закон за медиуми и аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој покажа многу повеќе проблеми отколку решенија, но и со проектот „медиумска писменост“ кој се одвива пребавно и не многу транспарентно и покрај пионерските истражувачки напори. Истото се случува и со наставните курикулуми во високото образование, кои наместо да бидат подобри и поатрактивни, согласно она што го бара пазарот, истите стануваат „експозитурни решенија“ на институциите каде на новинарството се гледа како на „дополнителен едукативен процес за пополнување часови на домицилните професори и од институциите каде истите припаѓаат“. Сепак, посебна е приказната според кои курикулуми и какви луѓе ја извршуваат, со каков капацитет располагаат тие „куќи на знаењето“ и можеби не последно, но многу важна е и тековната образовна политика во делот на истражувачкото и на аналитичкото новинарство.

Оттука, во новогодишен и празничен дух, иако веќе и децата не веруваат во постоењето на Дедо Мраз (денес македонската „модерност“ се изразува преку интенцијата на провладините медиуми во Бекетов стил: Дедо Мраз е мртов, да живее Премиерот! Сепак иста боја се!), во ова време на невреме, сакам да верувам во неговото постоење и би се „дрзнал“, упатувајќи му ја сопствената длабоко посакувана желба за подобрување на состојбите во македонската медиумска реалност. Не дека би можел да ја исполни (сепак, досега има примено повеќе од 8 милиони писма/желби), туку барем да ја слушне, прочита, зошто кај нас како да нема никој или не постои таков кој би ја слушнал, прочитал, а камоли делумно реализирал, слично на принципот „Кадија те тужи, кадија те суди“!

 

Драг Дедо Мраз,

Би сакал, доколку можеш, да земеш дел од логосот, умот, разумот…, од изворот на западноевропската мисла, и малку го просееш над балканското небо. Создади ветар, па макар и посилен, за истиот дух, семе на разумноста и на демократичноста, да стигне и до нас. Но, не пресилен, не невреме во ова време/состојба на наплив од стереотипи, предрасуди, претенциозен јазик и националистичка параноја во мејнстрим дискурсот, затоа што тоа веќе го имаме. Ќе ни ги одуваш и оние малку, но, сепак, разумни во новинарството кое сѐ уште држат до професионализмот и се обидуваат поголемата слобода и креативност да ја оправдаат со повисок степен на квалитетна култура во својата професија и покрај фактот што „постојните медиумски системи, постојните модели на медиумско финансирање и сопственички структури неминовно веќе го трансформираат новинарството од „четврта власт“ во најлукративната придружна дејност на рекламната индустрија и на индустријата на политичката комуникологија“.

Те молам иницирај, зароди желба за истражување, за објективност, за непристрасност, за точност и за навременост во нашето новинарство, а не развој на новинарски гонзо-тренд како социјална критика или, пак, митологизација на новинарската објективност, бидејќи, за доброто на сите „од широчината на сферата на информирањето зависи и димензијата на сферата на јавноста, како симболично место за дискусија за прашања кои се однесуваат на заедничкото добро“. Направи, она за што нештото постои, истото да биде повторно реперно и есенцијално во извршувањето на оваа професија, отворениот медиумски простор, кој е главна карактеристика на демократското општество, веќе да не претставува и да не служи повеќе како „герила (маркетинг) простор“, полигон за пласирање разно-разни „вистини и факти“ согласно желбата, интенцијата, мотивите на оној кој ја пишува, но и на оној кој стои зад него, а не јавниот интерес.

Направи истото да се реализира преку унапредувањето на културата на комуникација која се трудиме да ја развиваме во медиумите и со нив во однос на јавноста, а не преку пежоративни и антидемократски постапки во/за и со новинарите. Информациите кои ги даваат самите новинари и медиумите, да бидат базирани на основните постулати на етичното новинарство: вистинитоста, објективноста, навременоста, точноста…, затоа што само во вакви услови може да се прифати дека новинарството, а и медиумите сосема професионално ја извршуваат својата дејност и со голем степен на одговорност. Во спротивно, истите секогаш одново и одново ќе доаѓаат во служба на различни интереси и ќе бидат собиралиште на ниски страсти!

Смилувај се над нашиот „горчлив проблем“ со јавниот сервис (МРТ), која „од осамостојувањето на земјата во 1991 година продолжи да биде под силна политичка контрола на владејачките структури, слично како во времето на социјализмот“, т.е. да ја  почитува препораката 1 од 2012 година на Советот на Европа која вели дека „јавниот сервис не може да биде важен извор на точни, навремени и плурални информации ако не биде независен од разни политички и економски влијанија“!

Креирај услови за расчистување на јавниот простор од преголема политичка затруеност со стари и со авторитативни идеи. Ова оттаму што „општата политика на власта (производство на нов национален и општествен идентитет) и посебно нејзината политика во медиумите, строго се инструментални и се стремат кон максимално сериозни деформации, контрола и инструментализации“.

Затоа одвој, ослободи го новинарското од политичкото, особено квазиполитичкото. Услишај ја желбата барем политичката култура да се подигне едно скалило од калта преку негување на просторите за дијалог „каде претставниците на спротивставените страни, на различни нивоа ќе ја намалуваат тензијата и ќе градат меѓусебната доверба (…) Сфаќањето дека дијалогот и соработката се инхерентен дел од политичкиот процес и мора да бидат интернализирани во политичкото однесување на актерите на ист начин како што тоа е направено за политичкиот натпревар. Целта на дијалогот не е да се стави потпис на завршниот документ, туку да се застане позади договореното и заеднички да се преброди криза или направи промена“.

И на крај, од овие „скромни желби“, оценувај ги и исполнувај нивните желби согласно претходниот аршин. Нека „исплива на површина“ љубопитниот дух на вистинското „дете“ во новинарот, наспроти она кое само глуми „дете“ за да предизвика сомилост за да ги добие посаканите „слатки и бонбони“. Нека се направи разлика меѓу  професионалното и полтронското, затоа што „финансиските стимулации и државното рекламирање во медиумите кои континуирано се користат како инструмент за влијание врз работата на медиумите, а со самото тоа и врз нивниот професионализам и кредибилитет“ ќе направи истото времето (читај: власта и промената на владејачките гарнитури, а на крај и еснафот) да им пресуди!

 

П.С. Едно интимно прашање на крајот од ова писмо: Зарем не сметаш и самиот дека е време дејноста новинарство во Македонија да се оетичи и професионализира (не мора до степен на скандинавските земји) или и ти својата „школија“ ја подведе на тековното политиканство и идеолошка матрица на владејачките, сметајќи дека така најдобро ќе се известува, дури и за тебе, ама во твое отсуство!?

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести