verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ќе одумре ли новинарот како дејствен субјект!?

on 6 - 01 - 2017       
Етиката над политиката: новинарско прашање. Фото: Википедија, 2010
Етиката над политиката: новинарско прашање. Фото: Википедија, 2010

 

Кризата на современото новинарство е окарактеризирана по сите параметри како криза на етиката во новинарството, која, пред сè, е криза на субјектот – новинарот како морален дејственик. Сходно на ставот дека во постмодерната субјектот исчезнува како таков, а со него и почитувањето на достоинството на човековата личност, признавањето и третирањето на истиот како највисока цел, повеќе нема субјект, нема новинарско прашање, нема ниту одговор, ниту одговорност, т.е. нема одговорност, нема етика, истата исчезнува, а новинарството е во криза!

 

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Ваквиот нагласен песимистички став за тековната состојба во новинарството, особено реалистичен во Македонија, и не е потребно подетално да се елаборира, знаејќи   што сè проживеавме со и преку медиумите и новинарите во последните две години, а пошироко во последната декада или воопшто од осамостојувањето на Македонија, па до денес. Во многу нешта новинарската практика покажа дека во значителен дел не може да се носи со утврдените и одамна апсолвирани светски професионални стандарди. Генерацискиот јаз во новинарството, помеѓу два система на уредување, донесе повеќе раскол отколку можност за самообединување на професијата која по својата тежина на дејствувањето дури и Макс Вебер ја поистоветува со онаа на научниците кога вели: „кај секој чесен новинар чувството на одговорност во просек е изразено онолку колку и кај научникот, затоа што по природа на работите токму неодговорното новинарско дејствување, останува во сеќавањето поради својот лош резултат“.

И сега, согласно последните случувања, повторно истата слика на депрофесионализам на носителот на дејноста преку спин, контраспин, пропаганда, популизам, мистифицирање на вистината, демистификација на нарачаната и сервирана лага како вистина. Токму овој процвет на релативизмот, прагматизмот и макијавелизмот, направи масовните медиуми кај нас да се одлучат или „џентламентски поканат“ да се одлучат за новинарство во кое ќе се „продаваат“ привлечни розови конструирани слики и за економијата и за политичкиот живот, но дизајнирани по желбата на оние кои ја обработуваат нивата, но и „третодобашите“, со што категоријата „човек“ се направи средство за задоволување на добивката и политичките цели на „реалните“ (!?)  известувачи. Со тоа се направи обид (доста успешен) за целосно киднапирање и за злоупотреба на информирачите на јавноста за систематско воведување на авторитарноста во која еден од постулатите на професионализмот – слободата на говорот и изразување, суптилно е заменета со оправданието „тоа го прават сите, зошто не и јас!?“

 

ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА НОВИНАРОТ КАКО ОДГОВОРНА И ЕТИЧКА ЛИЧНОСТ

И до овде приказната е јасна – на сцена се дискусиите и обидите за одумирање на новинарството и песимистичката прогноза за неговиот крај. Но, дали? Имено, ако диоптријата што се нуди малку се подзабрише, паметниот ќе признае дека во секоја криза постои позитивна можност, т.е. дека „крајот не смееме да го разбереме само како немање перспективност“. Односно, додеканекои тоа го нарекуваат криза на новинарството, други, во овие турбулентни промени ја гледаат шансата за ревитализација на новинарството како професија во нови рамки и со нешто изменета општествена улога (која, пред сѐ, се однесува на интерпретативната и едукативната улога на медиумите и новинарите во современото време)“. Се бара, значи, од кризата да се види можноста за преродба на новинарството, обид на нови темели да се воспостави новинарот како етичка и одговорна личност. Излезот се гледа во човековата личност, затоа што личноста е „врв, каде започнуваат сите патишта на светот“. Поставувањето на „етичката зграда“ на новинарското известување значи дека и новинарот не е осамена личност, туку личност која станува таква во својот персонален однос спрема другиот човек. Сходно, враќањето на новинарот како етички субјект на новинарството се овозможува препознавање на идентитетот и иднината (на развојот) на професијата.

И логично, како истото најбезболно да го направиме? Одговорот е веќе даден и е многу едноставен. Треба да се сфати контекстот и нужноста од суштинска промена на образовната парадигма, во случајот, новинарската, сходно на дилемата какво новинарство и новинари ни се потребни во овие времиња, кога хиперкомерцијата на медиумските содржини, политичките притисоци и се полошите услови за работа на новинарите ја ослабнуваат неговата општествена, но и општествената улога на медиумите и новинарството како професија.

Имено, досегашната комбинација и сооднос од теорија и пракса во едуцирањето на идните новинари за влез во професијата, веќе е недоволна доколку само се однесуваат на успешно совладување на технологиите и препознавање на различните теориски концепти и пристапи во медиумската активност. Токму затоа, доколку сакаме соодветен издржан одговор на проблемот, тој сооднос треба да се постави на истражувачките пракси и развивањето на современи методи на новинарството како база за редефинирање на образовните понуди за идните новинари: „суштинска, структурална промена во самата дефиниција на новинарството. Истото бара нови компетенции на новинарот, кои не се однесуваат само на техничко-технолошките промени во професијата, туку на супстанцијални промени на позицијата на новинарот и улогата на новинарството во современото доба. Во пошироко, донекаде и философско значење, би можело да се каже дека доколку новинарството е мисловна пракса со која и помагаме на публиката да го разбере светот околу себе – од истата може да се појде и во (ре)дефинирањето на образованието за новинарството во иднина, затоа што истата може на најдобар начин да ја рефлектира потребата за нови знаења и вештини на идните новинари“.

 

ПОДИГНУВАЊЕ НА КОМПЕТЕНЦИИТЕ

Едновремено дилемата дали знаењето и компетенциите кои се потребни за оваа професија треба да се стекнуваат по пат на формално или неформално образование, лажниот превез треба да биде тргнат преку еден комплементарен и континуиран напор за подигнување на компетенциите, т.е. да се надмине претераната склоност кон теорија и прилагодување на истата согласно барањата во пракса со надополнување на недостатокот од стручна пракса и едукатори/практиканти. Новинарството мора да биде професија која ќе почива на концептот на целоживотно учење, формално и неформално, како и на континуирана комуникација меѓу професионалците и размена на идеи, искуства…

Но она што е најважно, како што смета мојата добра пријателка и колешка од Институтот за новинарство при Факултетот за политички науки од Сараево, проф. д-р Лејла Тучило, е секако „новинарство кое ќе креира субјекти кои мислат, кои на публиката/јавноста ќе и помагаат да ги задоволи своите информациски потреби, но и кои таа иста публика/јавност ќе ја ориентираат, едуцираат, поддржуваат во активна партиципација во општеството. Денес, а и во иднина, можеби повеќе од кога и да било, во оваа професија ни се потребни они кои мислат и оние кои дејствуваат, наместо речиси насекаде доминантните овластени држачи на микрофони кои не поставуваат тешки (а најчесто и никакви) прашања и на кои врв им е медиумското дејствување засновано на методот copy and paste. Ваквите новинари (а за среќа ги има уште) никогаш не излегуваат од мода. Во информациското општество кое е пред нас истите ќе ги цениме повеќе од кога и да е“.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести