verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Киднапирани“ медиуми за „нашминкана“ демократија

on 22 - 11 - 2016       
Се грижат ли медиумите за обичните граѓани фатени во мрежата на прислушување? Фото: flickr
Посветија ли медиумите доволно внимание на обичните граѓани фатени во мрежата на прислушувањето? Фото: flickr

Како што постои индивидуална одговорност за дејствување во медиумите, така постои и институционално-организациска одговорност, т.е. етос на медиумските институции, кој ја претставува одговорноста на медиумските организации за општата и за конкретната морална ориентираност на севкупноста на нивната активност – придржување кон општите начела, вистинито известување, точност на информациите, почитување на човековото достоинство, почитување на личноста, избегнување на секаков облик на дискриминација, право на критика на јавни личности и настани…

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Живееме во црно-бел свет, во паралелни светови на живеење, но и на прифаќање на вистината. Кој и како верува и, најважното, во што верува? Се работи за спротивното од вистинското, објективното постоење и за начин на восприемање на вистината. Се зароди и успешно, за жал, досега постои и се практикува во голема мера мноштвото модуси кои се произведени од спинувањето и од пропагандата. Истите оние кои го поделија народот на два табора многу често се раководат од само ним познати и функционални, „морално исправни“ (???) критериуми на дејствување и на живеење и истите повеќе од успешно медиумски ги „продаваат“: првиот за субвенциите до промената на власта и додека истите не бидат укинати поради злоупотребата, додека вториот, за моментот на промена на власта и можноста да си играме „полицајци и крадци“. А всушност, тоа е еден ист народ, истите комшиии, истите пријатели…

Второ, но најпоразително, е како сега да се допре, во време на избори, до ваквиот народ, до таборската логика и идеологија, во однос на неговите права, концептот и почитувањето на човековите права…, во крајна линија во однос на демократијата, за да му се укаже на истиот тој народ колку е важно да се има свест за демократијата. Ова особено во период на „прекршување“ на Шекспировото „да се биде или не“, за тоа ќе се оправиме или ќе нè нема вакви какви што сме. Европа, светот, но најмногу себеси не можеме и не смееме повеќе да се сакаме вакви, непрогресивни, ескапистички настроени, со ноево (не)прифаќање на реалноста, за која самите сме најмногу виновни, оти направивме: „земјата (да) страда од поделена политичка култура и недостаток на капацитет за компромис“.

 

„ИНФОРМАТИВНО ДОПОЛНУВАЊЕ“ ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ

Како да се смени досегашната вештачки напумпана и манипулативна медиумска слика за себеси? Се чини дека, во основа, тука најмногу потфрлија медиумите, односно во три четвртини од претходно таксативно набројаните нивни активности, не се успеа да се реализираат. Потфрлија, со мал исклучок на медиуми, поради неможноста и несакањето да излезат од комодитетот на „киднапирани медиуми“! Колку за илустрација, да го земеме проблемот кој деновиве се презентираше „Таргет“ – прислушувањето, бројките и ликовите и сходно кој: „во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените лица, искористувајќи ја службената положба и овластување, на штета на средствата на државата, преку злоупотреба на системите за комуникација, потешко ги повредиле основните човекови права на незаконито прислушуваните граѓани“.

Најава – помпезна, но празна, затоа што медиумите оставија простор повторно политичарите да ја дополнат со добро познатата тензичност до масакр-обвинување: во првиот случај велејќи дека „СДСМ лаже како што лаже Зоран Заев и како што манипулира Катица Јанева. СДСМ со соопштението потврди дека аболицираниот криминалец Зоран Заев и Катица Јанева се двата лика на истата паричка, а СЈО е нивен партиски штаб.“, односно, во вториот случај обвинија дека: „јавноста сфати зошто Груевски со месеци бега од јавна и транспарентна судска постапка, како што ветуваше, и соочување со граѓаните, за да даде одговор на прашањата кој, како и зошто прислушувал во Македонија. Ете кој го направил пучот. Ете кој прислушувал над 20 илјади граѓани. Ова е обид за воведување целосна диктатура и поништување на правото на приватност преку следење на граѓаните“. Но, никој не се осврна на суштественото, а новинарите заборавија да го постават како очигледно прашање (иако прогресот на нивната професија се мери согласно развојот на демократијата) – каде е граѓанинот во приказната и што овој случај значи за него како носител на демократските промени?

 

СИТЕ ГРАЃАНИ НА МАКЕДОНИЈА ПОД УЦЕНА

Ова оттаму што во однос на таборските досегашни морално „исправни“ критериуми на дејствување и на живеење, проблемот не се сведува само на 5.800 и нешто ситно досега прислушувани, т.е. нешто повеќе од 20.000 нелегално прислушувани, туку проблемот е во нарушувањето на цивилизацискиот пораст преку нарушувањето на правото на приватност во согласност со тезата дека тоа може и нам да ни се случи, на секојдневниот, на просечниот човек. Како што вели еден од прислушуваните, новинарот Горан Михајловски во својата колумна „Слобода или смрт“: „не сум шокиран ни од злоупотребата на прислушните апарати купени со наши пари за да ми влезат дома и на работа, и не само кај мене, туку и кај сите со кои барем еднаш сум зборувал по телефон. Не сум шокиран ниту од фактот дека сакаат да ме контролираат и да ме уценуваат. Тие таа контрола и уцена, пак со наши пари, је прават на еден или друг начин кон сите граѓани на Македонија. Па дури и кон нивните најблиски, најлојални соработници и државни функционери од највисокиот врв…“.

Начинот на кој медиумите тоа го пренесоа, говори за нивната инструментализираност и потфрлање, една ситуација на „киднапирани“ медиуми, бидејќи, во однос на барањето правда, не го поставија како прашање за отворена дебата во медиумскиот простор, туку само известија (секоја чест на исклучоците), за да не може да се измери и компензира нарушувањето на правото на приватност. И тука потфрлија како „поставувачи на агенда“, не се изборија да го наметнат како клучно прашање кое (би требало да) го тангира секој од нас, отворен кон новото, подоброто, посветлото, поубавото… Така, „ефектот од таа новоотворена истрага (…) Очекувaно, краткотраен и млак од многу познати, банални причини. Еден мегасканадал од колосални размери за европската демократска практика беше, за нашата кротка и дополнително кротена јавност од дресурата на груевизмот, нешто познато, веќе потрошено“. Со тоа вредноста на секој од нас како засебна индивидуа беше помножена со нула!

 

НАРОДОТ ПРИСЛУШУВАН, НАРОДОТ ЌЕ ПЛАЌА

Уште повеќе, иако еден од одговорите е дека заклучокот ќе биде „од народ за народ“, сепак, во случајот на СЈО со прислушувањето, кој ќе ги плати можните оштети врз основа на тужби кон државата за нарушување на правото на приватност? И повторно народот, кој не е свесен дека тој е и самарот и магарето, кој по своја вина живее во црно-бел свет со лажна илузија дека тоа е демократската реалност, која ќе биде урната со одземање на субвенцијата или поволностите или со масовното апсење на злоупотребувачите на истите. Уште повеќе ако се знае декатајната полиција (УБК) и натаму ги прислушува тие што ја плаќаат – граѓаните (…) Која, од своја страна, и натаму си работи за својот џеб по ист начин и со ист интензитет како и пред нејзиното разобличување кое уследи по серијалот „бомби“ на опозицијата од почетокот на 2015 г.“. Застрашувачки, затоа што медиумите ја искористија подведувачката улога на граѓанинот како зависник од субвенции, од останатите коски и трошки на политичарите!

На крај, ако се водиме од изјавата на обвинителката Фатиме Фетаи дека „нападот врз човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество. Сега е ред на таквото општество да возврати“, се наметнува нова дилема, далеку посуштинска од првата (која беше предмет на анализа – зарем во цивилизирано општество и во 21 век ќе се служиме со средства недолични за развојот до кој сме стигнати!?), а тоа е начинот на кој реалното демократско општество треба да возврати: тековниот морал, обвинителството(?), медиумите или, пак, народот кој би требало конечно да го реши парадоксот на „маѓепсаниот круг“ во кој секојдневно се обезличува како носител на демократските процеси.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести