verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Камшикувана „демократска“ јавност!?

on 8 - 12 - 2016       
Новинарството подразбира професионални стандарди, но претставува и прв нацрт на историјата. Фото: Гугл/pixabay
Новинарството подразбира професионални стандарди, но претставува и прв нацрт на историјата. Фото: Гугл/pixabay

 

„За вистинска слобода на изразување медиумите мора да бидат целосно слободни. Покривањето на изборите не подразбира само известување за изборната кампања и собири. Преку покривање на изборите новинарот станува гласник за сите мислења, вклучувајќи ги и оние кои промовираат демократија, до оние кои се нејзини непријатели. Затоа, покривањето на изборите е битен дел од слободата на изразување. Како што изборите треба да бидат целосно слободни и демократски, такво треба да биде и нивното покривање. Селективното или пристрасното покривање на изборите е анатема за демократијата“, се потенцира во Новинарскиот прирачник за следење на избори

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Влегуваме во предновогодишната еуфорија, во духот на препознатливата рекламна порака „Празници се ближат“. Но, декември ќе биде одбележан и со можноста за демократско созревање, преку  пораката „Избори се ближат“! Ако ја следиме логиката и суштината на првата рекламна порака, која повикува на пријателство, зближување, среќни моменти, тогаш која е логиката и суштината на втората порака, на само неколку денови пред изборите? Токму истото е предмет на анализава која ќе се обиде, се надевам не задоцнето, повторно да укаже и да ја покаже битноста и нужноста од изборите за еден демократски пораст, но низ призмата, пред сè, на новинарското известување.

Претходното произлегува од потребата да се разбере и да се прифати сознанието дека новинарството е првиот нацрт на историјата и во таа смисла, тоа е дејност која претставува една интерпретација на содржината на животот и интерференција и задирање во тековите на животот, односно ја претставува смисла на живеењето како градење на вредноста на егзистенцијата, произведувајќи голем број различни последици кои се од далекусежна важност. За какви последици по граѓанството и јавноста станува збор ако се знае дека истата таа јавност треба да биде чуварка на моралните вредности во општеството? Оттука, зошто е толку битен тој избор пред кој сме сите исправени? Колку е важно за нашата рецепција она што се „сервира“ преку отворениот јавен медиумски простор? И на крај, за анализирање е прашањето на нужниот напор за поставување на етиката, особено во светот на медиумите, бидејќи истата е еден од базичните супстрати на сознанието и на информацијата, т.е. на вистината.

На крајот сме од изборната трка која кулминира со несфатливи пораки за закана по животот на опозицискиот лидер: „Да беше денеска Делчев жив, тој немаше да може со него да се поздрави. На него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“. Од навидум препознатлива, предвидлива и по малку здодевна кампања, со веќе видена и очекувана реторика и фолклор, истата првпат ја има можноста да се развие во отворен повик за насилство, уривање на системот согласно девизата „Ако не е по мое, нека биде потоп“. Препознатливо, но за монархија (иако во неа нема можност за избори!) како таа на Луј, ама неоправдано, дури и навредувачки за демократија во 21 век, по 25 години независност. Јавноста прими уште еден камшик по својата интелектуална маса!

 

ИЗЏВАКАНО СЦЕНАРИО

Во овој контекст, само ако се присетиме на случувањата и на изјавите од пред неполна година, иако звучи гротескно, сепак е вистинита сликата дека се отиде дури дотаму, преку оцрнувањето од страна на забавното „дуо-трио“ на обидот за разоткривање на „апла“ криминалот да се освојуваат политички поени за власта, т.е. преку негативна кампања за опозицијата, се бараа и сè уште се бараат начини за победа на позицијата: „… се утврди дека единствените лица кои биле прислушувани било раководството на ВМРО-ДПМНЕ и сега веќе сфативме дека тие се само со една единствена цел, да се отфрли раководството на ВМРО-ДПМНЕ и да се направи обид за намалување на рејтингот, а со тоа да се искачи рејтингот на СДСМ…“. Неверојатен, но вистинит е и обидот од пред половина година, но и моменталниот, дополнет со темните „федерализација“ и „двојазизчност“, на веќе виденото и изџвакано сценарио за дестабилизација на Македонија, да се купуваат поени: „Оваа битка ќе биде многу жестока и сурова, но да не упаднеме во однапред подготвено сценарио според кое ќе настане вистински, дури и физички судир помеѓу Македонците“. Оттука, и логичноста на изјавата и сè поголемата зачестеност во отвореноста да се говори за вистината: „Системот можеш да го контролираш, инструментализираш, узурпираш и злоупотребуваш само ако му оставиш минимум интегритет…, (но) ти немаш систем на кој можеш да сметаш, туку банда празноглави, корумпирани будали кои врескаат кај што ќе стигнат мислејќи дека те бранат. За да ја дорастуриш Македонија сè уште ти беше потребен системот што ти веќе го урна. Не смееше да го урнисаш системот пред да ја урнисаш државата. Направи кардинална грешка, затоа што државата ќе го рехабилитира системот и ќе дојде по тебе“. Со тоа слегна и вториот камшик по грбот на граѓанинот кој се правда дека нема сила да „собори режим, диктатура, семејна династија…“, навлекувајќи оловни чизми на своите нозе за денот на изборите!

Едновремено, во услови на каков-таков развој на граѓанскиот активизам, се покажа дека од граѓанското новинарство, кое го поведе истото преку лобирање за промени, но и го разбуди интерактивното новинарство, означувајќи, помалку задоцнет почеток на медиумската писменост, а согласно кој иако граѓаните можат да бидат новинари, на крај професионалните новинари го даваат финалето како „чувари на портите“ на информациите, настаните, случувањата. Се иницираше и почна да се развива и партиципативното новинарство, но и активностите во блогосферата. Но, едно не се промени – (зло)употребата на носителот на новинарската дејност и активност. Полтронството, клиентелизмот во медиумите, речиси целосна нивна инструментализација ѝ го нанесоа третиот камшик по грбот на јавноста, иако не ја разбудија! Индикатори за докажување на оваа ситуација има многу!

 

КЛУЧНИТЕ УЛОГИ НА МЕДИУМИТЕ

Сето претходно укажува само на големото значење на улогата на медиумите во предизборието, на изборите и во постизборниот период. Ова, затоа што „свеста на луѓето за изборите во голема мера зависи од содржините пласирани во медиумите“, се вели во Новинарскиот прирачник за следење на избори, кој издвојува три суштинско клучни улоги на медиумите: прво, медиумите обезбедуваат информации за изборите на граѓаните, второ, да бидат во функција на „куче чувар“ во име на јавноста, и трето, да бидат глас на гласачите. Имено, следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на граѓанското општество, новинарите се тие што треба да се борци за човековите права, достоинството и за слободата, преку почитување на  плурализмот на идеите и на ставовите, придонесувајќи на тој начин за зајакнување на правната држава и контрола на власта и на другите субјекти од јавниот живот.

Практично применето сублиматот од претходното стои запишан и во членот 14 од Кодексот на новинарите на Македонија, во кој осврнувајќи се на изборите, се вели: „известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“. Во контекст на засилено влијание врз етичката свест на медиумите, беше и иницијативата на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) од почетокот на 2016 година – Повелбата за етичко известување на изборите, согласно која новинарите, уредниците и раководствата на медиумите се обврзаа дека ќе ги почитуваат основните принципи на новинарската професија, почитувајќи го правото на јавноста да биде објективно, вистинито и навремено информирана и имајќи целосна одговорност и свесност за улогата на медиумите околу претстојните парламентарни избори. Едновремено, основната задача на новинарите да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана, е регулирано и со член 16 од Уставот на РМ.

Сосема на крај, не е лошо да се потсети дека најдоброто одбележување на демократијата е да се учествува во истата, но и да се гради ниво на свест дека истата не е спортски натпревар за навивање, туку мудар избор на најдобрата опција. Затоа изборите се важни, а работата на медиумите од непроценлива важност. Со тоа, во духот на  денешниот ден, во линија на размислување на учителот свети Климент: „Тргај се од злото и прави добро“, да направиме правилен избор! И граѓаните и медиумите!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести