verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како швајцарскиот поздрав „груези“ стана албански

on 4 - 11 - 2019       

[Рецензија: (Фото) СЕ КИТАТ СО ТУЃИ ПЕРЈА: Власта се пофали со странска инвестиција донесена од ВМРО]

Со нескриена жал за „добрите стари времиња“, но и со флагрантни невистини, текстот што го рецензираме ја дезинформираше својата читателска публика за отворањето на новата фабрика за сензори во слободната трговска зона Бунарџик така што пласираше невистини, а потоа се пишмани. По системот „ако пројде-пројде“, тој ги потцени своите читатели, обидувајќи се да им подметне невистина, но патем да поттикне и етничка нетрпеливост играјќи на карта дека тие се неуки и неинформирани па ќе проголтаат сè што ќе им се сервира, но потоа ретерираа и се обидоа грешката да ја забошотат така што ќе ја избришат. Сепак, на интернетот грешките не се забораваат лесно.

Линк до оригиналниот напис: (Фото) СЕ КИТАТ СО ТУЃИ ПЕРЈА: Власта се пофали со странска инвестиција донесена од ВМРО

Датум и време на објавување: 31.10.2019

Датум на рецензирање: 03.11.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ШВАЈЦАРСКИ ПОЗДРАВ ГРУЕЗИ – ТРН ВО ОЧИ ЗА НЕУКИТЕ

Промоцијата на стартот на работењето на фабриката на компанијата Баумер од Швајцарија се случи на 31 октомври, со присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, директорот на ТИРЗ Александар Младеновски, како и двајцата сопственици на Баумер –господата Оливер Вице и Кристијан Вице и швајцарската амбасадорка во РСМ, Сибил Сутер Техада. Написот што го рецензираме, пак, по се изгледа „не ги виде“ присутните на настанот, но затоа, пак „виде“ поточно речено – измисли дека на настанот стоела информативна табла на која, покрај името на компанијата стои и „Добредојде“ на неколку странски јазици, како и имињата на Висар Фида и Арлинд Зекири, кои за потребите на написот се министри, иако во реалноста тие не се на своите министерски позиции најмалку две години.

Во првичната верзија на текстот, објавен на 31.10.2019г. Владата беше обвинета дека ја промовирала странска инвестиција на влез во зградата каде што е компанијата без да го употреби службениот јазик – македонскиот и дека гостите, наводно, биле пречекани со натписи на „албански, англиски француски и италијански, но не и македонски“. За илустрација на ова тврдење, била одбрана стара слика од информативно пано, од пред неколку години, а не актуелна фотографија од самото свечено отворање, што е вообичаено кога се известува од лице место за некој настан. На сликата се гледа пано со добредојде на четири јазика меѓу кои е традиционалниот поздрав на швајцарските Германци, „Груези“ во текстот е претставен како поздрав на албански јазик, бидејќи тоа некому веројатно му звучело албански. Но, оваа лага очигледно не била доволно. Оваа фотографија е искористена за Владата да биде обвинета дека го „исфрлила македонскиот јазик“ од официјалното пано на настанот бидејќи- гостите-министри биле Албанци?!

Откако ја увидел или бил предупреден дека објавил невистина, порталот го исфрлил од текстот делот со јазиците и сега овој напис може да се најде на интернет во нова, „фризирана“ верзија, без гафот со јазиците. Сепак, Krithink ја регистрираше промената, па така на читателите ќе може да им се разјасни што била првобитната интенција на овој напис, но и што потоа требаше да биде „забошотено“.

ШПЕКУЛАЦИЈА ГАРНИРАНА СО ЕТНО-ШОВИНИЗАМ

Во верзијата на текстот која првобитно беше објавена, стои следниов пасус, кој потоа е избришан, но остана документиран со скриншот:

„Но, ниту оваа одлична вест за македонската економија не мина без скандал па така на влезот на компанијата се најдоа четиријазични табли, но проблемот е во тоа што натпис на македонски воопшто и немаше. На таблата пишуваше на Албански, Англиски, Француски, но не и на македонски.

Која е причината за ваквото непочитување на македонскиот јазик, но пред се на законите и Уставот, останува нејасно. Сепак, она што не може а да не се забележи се имињата на гостите од Владата на Република Македонија. Неговата екселенција, како што е напишано, Висар Фида, Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и министерот за странски инвестиции, Арлинд Зекири.

Дали бидејќи министрите се етнички Албанци, македонскиот јазик е намерно изоставен?“

Ова е пасусот што „летна“ од текстот откако било увидено (или било сигнализирано) дека е направена грешка, а кој остана забележан на скриншотот што го направивме пред да биде тргнат. И тоа, очигледно не една туку цел низ груби грешки – Не само што на настанот немало таква табла, и што не биле присутни екс-министрите Фида и Зекири, туку Владата не била таа што ги пречекувала гостите туку била гостин во фабриката, а нејзиното именување веќе со месеци не е Влада на Република Македонија како што стои на сликата која го илустрира текстот, туку, Влада на Република Северна Македонија, како што впрочем стои на паноата кои биле поставени на свеченоста и може да се утврди од видео-снимките од овој настан.

 

КИТЕЊЕ СО ТУЃИ ПЕРЈА

Ваква табла, барем судејќи според видео снимките од отворањето на фабриката – немало, но не е тешко да се претпостави дека ваква табла била истакната за време на некоја поранешна средба помеѓу претставници на швајцарската компанија и претставници на македонската Влада во некоја фаза од преговорите што и претходеле на самата изградба на фабриката во Бунарџик.

Дека претходната македонска Влада навистина била таа што ја договарала оваа странска инвестиција со компанијата Баумер од Швајцарија го потврдува и самиот текст што го рецензираме:

 Договорот за инвестирање во Македонија со компанијата Баумер е постигнат уште во 2016-та година од страна на претходнава Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Компанијата пројавува интерес за инвестирање во Македонија како резултат на работата на економските промотори од претходната власт иако Владата на СДСМ се пофали дека станува збор за странска инвестиција донесена од актуелната власт.

Поради ова, не би требало да е чудно што при некоја официјална средба, домаќините поставиле ваква табла со добредојде за министрите Фида и Зекири на јазиците кои се службени во Швајцарија, секако, додека овие биле министри одговорни за странски инвестиции, во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Е, токму тој момент, порталот сака да го забошоти и да ги излаже своите читатели претставувајќи дека божем сегашната Влада, која, патем „се кити со туѓи перја“ односно со инвестиција која ја донесле нивните претходници, го прекршила законот и го занемарила македонскиот јазик за сметка на албанскиот.

Очигледно дека било проценето дека ова ќе им пројде бидејќи читателите веројатно не знаат како се викаат сите министри во актуелната Влада, но посебно дегутантно е што покрај невистината, овој пасус поттикнува и етничка нетрпеливост, импутирајќи и на Владата дека го брише македонскиот јазик, а го фаворизира албанскиот.

Овој обид настанот со отворањето на фабриката во Бунарџик да се искористи за пропагандистички текст против сегашната Влада и за величење на претходната, на ВМРО-ДПМНЕ, неславно пропадна, а грешката медиумот сам си ја призна, бришејќи дел од написот. На лагата ѝ се кратки нозете вели познатата народна поговорка, а во овој случај скратен и е и – текстот.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести