verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

КАКО (НЕ)ТРЕБА ДА СЕ ПИШУВА ЗА ВИНОТО: Количеството пред квалитетот (2)

on 2 - 10 - 2014       
Оценувањето на вината на Меѓународниот балкански вински фестивал 2012 во Софија на кој македонската винарија „Шато Камник“ освои прво место за виното Бела вода во конкуренција на 400 вински брендови. Фото: balkanswine.eu

Оценувањето на вината на Меѓународниот балкански вински фестивал 2012 во Софија на кој македонската винарија „Шато Камник“ освои прво место во конкуренција на 400 вински брендови од регионот. Фото: balkanswine.eu, 2013

 

Медиумите и јавноста немаат претстава за значењето на винската култура. Одамна е сфатено дека виното не е само производ, туку и дел од општото цивилизациско ниво на една нација, народ, дека е дел од идентитетското опстојување на одредена култура. Во битката против обидите за оспорување на идентитетот на нашата нација и култура, виното е едно од оружјата со кои можеме да ги отфрламе таквите тенденции  

 

(Првиот дел од написот можете да го најдете ОВДЕ

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Државата е посебна приказна во секој поглед. Иако се труди да прикаже дека нешто се прави во афирмацијата на винарството и винската култура кај нас – резултатот е повеќе од скромен. Непостоењето визија, план стратегија, тактика, како тоа да го постигне, се оди на палијативни решенија кои имаат повеќе манифестационен и поводен карактер: наместо да го промовира брендот „македонско вино“, сѐ се сведува на посета на некои саеми без посериозна презентација на она што Македонија во овој поглед може да го понуди.

 

ИЗВОЗ ВО ЦИСТЕРНИ

Кога за виното се пишува дневно, тогаш особено се истакнуваат произведените количества во милиони литри, што е остаток од погубната политика во време на социјализмот кога квантитетот се ставаше над квалитетот. Но, тоа на новинарите им импонира.

Сѐ уште од Македонија виното главно се извезува во цистерни без име, идентитет и тоа во печатот се третира како голем успех на домашната индустрија. Медиумите како топ вести ги истакнуваат фирмите кои извезле толку и толку милиони литри и добиле толку и толку девизни милиони. И скромно упатените во винарството ќе ви кажат дека таквата продажба е едвај на нивото на проста репродукција. Сѐ додека виното не влезе во шише, со марка, бренд , потекло – нема никаков значаен ќар. Извозот во цистерни е нешто како лон производство кај текстилот, па дури ни толку.

Во основа се работи за незнаење. Македонија има многу малку квалификувани менаџери во винарството и во областите кои го следат – од енологијата, продажбата и дизајнот, до рекламирањето и винската едукација.

 

ВИНО И ХРАНА

Виното и храната се дел од една софистицирана култура на живеење и се нераздвојни. Во светот таа едукација е особено изразена во рестораните, еден од главните нарачувачи на виното. Кога во нашите медиуми ќе се појави илустрација за убавината на виното, таа е задолжително прикажана со оние огромни чаши во кои може да се смести течноста од цело шише вино, а кои се сега во мода. Со тоа се праќа јасна но погрешна порака. Според винската етикеција вакви чаши не се прописни, а и ако служат за нешто тоа се случува кога имате некое исклучително старо или уште несозреано вино, па така, во големиот простор на чашата се зголемува можноста да се развие и да си ги покаже своите особености. Нешто како декантирање.

Посебен момент се приказите за винските награди кои нашите вина ги освојуваат. Нашите винари сѐ повеќе учествуваат на вински натпревари и саеми и по правило таквите вести се пренесуваат како дел од некој пи-ар аранжман со редакциите, најчесто како податок дека нашите вина собрале куп медали, златни и други. Таму нема никаква информација за тоа кој друг се натпреварувал, ниту основни податоци за манифестацијата, но главно се сугерира впечатокот дека нашите биле – главни! Нема ни податок за тоа колку вина биле во конкуренција, како и низа други податоци. Во светот постојат безброј саеми, а најголемиот дел од нив имаат манифестационен карактер. Освен тоа, мора да се знае и карактерот на саемите и нивниот кредибилитет, зашто има саеми кои доделуваат по неколку стотици златни, сребрени и бронзени медали, има „слепо“ дегустирање, кое е поавтентично како вреднување и така натаму. Значи, повторно погрешна претстава за вредноста на нашите вина.

 

КОЈ Е ТОЈ РОБЕРТ ПАРКЕР?

Вредноста на вината најмногу ја определуваат точно одредени познавачи. За најдобрите вина на прво место е Роберт Паркер, кој долго време е „број еден“ во светот, потоа постојат оценките на списанието Декантер и на некои други списанија, но и на посебните вински книги. Туристичките или гастрономски водичи можат да бидат добро упатство, како и списанијата кои секојдневно објавуваат издржани рецензии за виното како што тоа се прави, на пример, за бестселери или театарски премиери.

Кога сме кај Роберт Паркер, секоја редакција, која на еден или друг начин ја допира темата за виното, треба да знае дека се работи за најголемиот авторитет за вино во светот воопшто. Неговите оценки се репер за винската берза, која е една од најпрофитабилните финансиски институции во светот. Кога тој ќе оцени некое вино со висок број бодови, тоа е сигурно добро вино, цената му скока, а побарувачката расте. Тоа го докажал  со оценките на близу 40.000 вина во светот во последниве триесетина години. Кога некое вино ќе добие висок број поени, тоа е нешто какао да се добие или, пак, да се биде номиниран за Оскар. Неколку пати досега Тиквеш од Кавадарци добил висок број поени за своите вина од Паркер, последниот пат и 95 поени (од максимум можни 100 поени) за црвеното вино Бела вода, што го вброи во светската винска елита. И покрај добрата промоција на „Тиквеш“ околу ова признание, кај нас медиумите го примија тоа како обична вест и никој не се потруди барем да објасни кој е Роберт Паркер и што значат неговите оценки. Сите сметаа дека тоа спаѓа во комерцијалниот домен на „Тиквеш“, што имплицира дека фирмата треба да плати за да го презентираат тоа на своите страници или емисии. Тоа е, споредено, исто како кога Милчо Манчевски беше номиниран за Оскар од продуцентот, да се бараше да плати за да се пишува за таа неговата номинација!

Оваа состојба се повторува во повеќе наврати. Кога минатата година, Шато Камник на еден сериозен себалкански натпревар за најдобро вино, стана апсолутен (и единствен) победник во конкуренција на повеќе од 400 винарници, тоа кај нас речиси и да не се одбележа.

Едноставно, медиумите, а со тоа и јавноста, немаат претстава за значењето на винската култура. Зашто одамна е сфатено дека виното не е само производ, туку и дел од општото цивилизациско ниво на една нација, народ, дека е дел од идентитетското опстојување на одредена култура. Ќе ви се чини можеби претерано (а и тоа би било заради непознавање), но убеден сум дека во нашата битка против обидите за оспорување на идентитетот на нашата нација и култура, виното е едно од оружјата со кои можеме да ги отфрламе таквите тенденции.

(Крај)


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести