verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како маркетинг-агенциите ја оценуваат слушаноста на радиостаниците во Македонија?

on 16 - 10 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Кој колку е слушан, кој колку заработува. Фото: пиксабеј. Колаж: СПФМ
Кој колку е слушан, кој колку заработува. Фото: пиксабеј. Колаж: СПФМ

 

Во најновите објавени податоци од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за состојбите на македонскиот медиумски пазар, има и некои збунувачки податоци

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Неодамнешниот извештај за состојбите на македонскиот медиумски пазар што го претстави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја отвори и дилемата зошто медиумите не добиваат пари од спонзори и од реклами во согласност со нивната гледаност, слушаност или читаност? Ова, секако, би била логична причинско-последична врска меѓу постоењето на толкав број медуми во сите сфери (печатени, интернет, радио и телевизиски станици) кај нас и постоењето на пазарно стопанство кое во земјава, белким, постои од смената на системот во 1990 година!

 

СКОК НА ПРИХОДИТЕ КАЈ РАДИОСТАНИЦИТЕ

Дури, барем кај случајот со „Радио Слободна Македонија, според податоците од истиот извор за 2015 година, имаме комплетно превртена логика? Најголем приход врз основа на реклами има токму оваа станица, ама имаме многу ниска слушаност!

Имено, според објавените поатоци за 2015 година, во анализата, четирите водечки по приходите комерцијални радиостаници на државно ниво, сите заедно, оствариле вкупни приходи во износ од 88,4 милиони денари или близу 1,5 млиони евра, што претставува зголемување за 21,75 отсто во однос на претходната година. Во тој скок, генерално, свој удел имаат сите лидери по приходите, споредено со 2014 година. Во анализираната година (2015), сите тие имале зголемување на вкупните приходи, а стапката на пораст е највисока кај приходите на „Рос метрополис“ (за 85,88 отсто).

001-final-prihodi-po-radio-stanici-vo-posledni-pet-godini

Дури, ако се гледаат последните пет години, најповолна за радијата „Антена 5“ и „Канал 77“ била 2011 година, а за „Рос метрополис“ и за „Слободна Македонија“ била последната година („Слободна Македонија“ почна да емитува програма во 2013 година).

003-final-udeli-na-prihodi-po-reklami

Сепак, доминантно учество во структурата на приходите во овој сегмент на радиската индустрија имале приходите остварени од продажба на времето за рекламирање (77,73 отсто), при што највисоки приходи од рекламирање, во износ од 29,22 милиони денари, остварило радиото „Слободна Македонија“, што оди накај бројка од половина милион евра! Поточно, според анализата на Агенцијата, по оваа основа остварила 42 отсто од вкупните приходи од рекламирање што ги оствариле сите четири радиостаници заедно.

Два милиони денари помалку, односно 27,23 милиони денари остварила „Антена 5“. Другите две радиостаници прикажале значително помалку приходи од рекламирање („Рос метрополис“ – 6,58 милиони денари, а „Канал 77“ – 5,67 милиони денари).

Радиостаницата „Слободна Македонија“ речиси исклучиво и заработува од реклами (99,59 отсто од вкупните приходи биле од емитување рекламни спотови). За споредба, радиото „Канал 77“ морало да се занимава и со други дејности – „останати приходи“ како категорија кај него се дури 44,5 отсто, при што свој удел има и продажба на стока.

Во однос на споменатите радиостаници, најголема добивка прикажала токму „Слободна Македонија“ (2,57 милиони денари или речиси 42.000 евра). Оваа радиостаница им дала најмногу пари на оние кои ја прават програмата (13,64 милиони денари или 221.000 евра) – веројатно главно за новинари и за соработници. Тоа е значително повеќе во однос на конкурентите (овој вид на трошок кај „Антена 5“ изнесувал 5,2 милиони денари, кај „Канал 77“ – 2,22 милиони денари, а кај „Рос метрополис“ – 2,52 милиони денари), при што сите три заедно не достигнуваат сума од 10 милиони денари!

 

АКО ИМА ДОБРИ ПРИХОДИ, СЕКАКО ИМА И ЗА ДОБРИ ХОНОРАРИ

Дека радиото „Слободна Македонија“ главно било дарежливо кон надворешните соработници, односно хонорарците, покажува бројот на вработени во радиостаниците (14 биле ангажирани во „Антена 5“, 10 во „Канал 77“, 11 во „Рос метрополис“ и 15 во „Слободна Македонија“).

Ако се погледне листата на соработници во радиото „Слободна Македонија“, забележливи се познати имиња на соработници кои најчесто се врзуваат за промоција на владините политики, како уметникот Ацо Станковски, професорката Тања Каракамишева, шоуменот Миленко Неделковски, дипломатот Ристо Никовски, актерот Тони Михајловски, директорот на Театарот за деца и младинци, Братислав Димитров, голем дел од екипата на ТВ „Сител“ (Марјан Николовски, Наташа Мерсовска, Јанко Илковски, Славица Арсова), нивните колеги Иван Мирчевски и Антонио Димитриевски од атарот на телевизиите…

И директорката на оваа радиопрограма, Емилија Гаврилова, во интервју ја потврдува својата определеност да се собираат околу нејзината програма врвни имиња.

„Квалитетна програма се прави исклучиво со квалитетни добро познати, профилирани и етаблирани мајстори од својата област, кои имаат што да понудат на публиката. На фреквенциите на Радио „Слободна Македонија“ можат да се слушнат многу такви имиња“, вели таа.

И дали е постигната некаква слушаност со таквата формула? Веројатно тоа е и мамката по која рекламерите би требало да се водат кога се определувале за емитување на нивни аудиоспотови? Анализата на Агенцијата, го кажува следното по тоа прашање.

002-final-prosecen-doseg-na-programata-na-radio-stanicite-vo-rm

Просечниот дневен и неделен досег на радиостаниците што емитуваат на државно ниво е пресметан како однос помеѓу популацијата што ја слушала радиостаницата подолго од една минута во претходниот ден, односно недела и вкупната популација. Во 2015 година, највисок просечен неделен досег имала радиостаницата „Антена 5“ – двапати повеќе од „Канал 77“ којашто е на второто место. 6,20 отсто од испитаниците одговориле дека во претходната недела подолго од една минута ја слушале програмата на „Македонско радио“, а 5,60 отсто радиостаницата „Рос метрополис“. Најмал просечен неделен досег имала радиостаницата „Слободна Македонија“ (2,10 отсто).

Дали тогаш, ако рекламерите не биле врзани за податоците кои им биле достапни и ним или можеле да ги проверат, се воделе по некои критериуми кои излегуваат од пазарната логика? А можеби маркетинг-агенциите имаат некои критериуми кои не се познати за обичниот аудиториум?

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести