verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како јагниња на кланица…

on 20 - 02 - 2016       
5414542364_2ce34e5edc_b
Oбезличени медиуми и новинарство – сигурни избори! Фото: ФОСИМ, 2011

 

Имајќи ги предвид фактите дека нема нови поместувања во преговорите за медиумските реформи, т.е. дека занемарувањето на исправноста и на вистинитоста на ставот  дека одредување на медиумската реалност и иднина без учество на медиумите и понатаму ќе продуцира нивно заробеништво во прангите на политиката во Македонија, понатаму сите испади со прегазувањето и со понижувањето на новинарските стандарди во неодамнешните интервјуа на ТВ „Сител“ и ТВ „Канал 5“ кои само докрај го потврдија колапсот на етичното и професионалното во оваа дејност, неколкуте „тазе“ извештаи кои не само што ја откриваат, туку и потврдуваат поврзаноста (особено финансиската) на власта со медиумите…, си земам за право истите случувања, сумарно, погледнато од аспект на етиката на новинарството, да ги анализирам во согласност со главната и сѐ уште ненадмината теза за докажување и оправдување – „Феникс од пепелта – новинарот од урнисаниот професионален морален хабитус“!

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Претходното уште повеќе и поради стравичноста од тврдењето за „крајот на новинарството“, кое се јави во блиското минато, пред сè, како резултат од прогласувањето на „крајот на идеологијата“ (Даниел Бел), прогласувањето на крајот на историјата (Френсис Фукујама), на науката (Џон Хорган) и на самиот свет (Џон Лесли), а што не е, како што вели Хано Хардт, ништо повеќе од „предупредување на историскиот процес во доцниот капитализам, која ја покажува зависноста на новинарството како културна практика од економските начела на маркетингот и на новата информациска технологија“. Во оваа смисла, еден Питер Далгрен говори за „заоѓање на класичното новинарство“, Давид Алтеид и Роберт Сноу за „постновинарска доба“, а Џо Бардоел за насетувањето дека се ближи „крајот на критичкото новинарство“, завршува периодот во кој ни се чинеше дека со „професионализмот се решава и проблемот на јавната сфера“.

Во потврда на овие изјави е и скицирањето на состојбата во која новинарските организации се сретнуваат со економски проблеми што ја загрозуваат новинарската автономија, а новинарството го подредуваат на притисокот на (политичкиот) пазар. Ова заедно со политичките проблеми што го потресуваат македонското општество во целина веќе безмалку една година, го отвораат прашањето за идентитетот на новинарот и на новинарството, како и за неговото место во јавната сфера.

Кризата со новинарскиот идентитет што се случува кај нас ја означува, пред сѐ, „судбината на вистинитоста на информациите и на јавното известување“, во време кога популарната култура и пропагандата ја замаглуваат границата меѓу сериозното и популарното новинарство, што за последица го има мешањето на нивните „правила на игра“, со што веќе не може да се утврди вистинскиот идентитет на новинарството и на медиумите. Дополнето со нивната (зло)употреба од политичкото, добиваме непрепознатливост на новинарскиот дискурс во известувањето, согласно примерот со изјавата од пред некој ден: „откако ве/се собраа/вте како јагниња во кланица, веќе дегутантно е да се претставувате како новинари по професија!“.

 

НИШТО НЕ СЕ ПОМРДНУВА

Во македонски рамки, овие навестувања говорат за валидноста на последните чекори во „егзекутирањето на новинарското“, за „убивањето на новинарот како морален субјект“ преку докрај наметнатата квазипарола: обезличени медиуми и новинарство – сигурни избори! Тогаш што од реформите во медиумската сфера за кои дури и бараме, иницираме, сме согласни на посетите и на препораките, советите од странците од „белиот свет“!? Истите доаѓаа и сè уште доаѓаат, а и допрва ќе доаѓаат иако зад нас, барем во делот на медиумските реформи, во последните четири-пет месеци ништо не се помрднува. Подлабоко, ако ова не се заврши, не се разбере суштината на потребата од ослободување на просторот од политичките канџи, тогаш како во Европа, која многу не милува локални политикантски игри што можат да ја дестабилизираат? Нејсе, на локално, наше ниво: што не се разбра во приказната од страна на преговарачите, од четирите страни или, пак, позицијата „власт“ е толку хипнотички моќна, при здрав памет и кристален поглед да се остане слеп дека народот ви заминува, а без него, со кого ќе управувате? А, идејата беше да се врати на народот, јавноста, сопствениот простор, она што им беше вешто со манипулативните техники откраднато и со помош на пропагандата сервирано до понизност и сервилност! Само тогаш можеме со сигурност да тврдиме дека „народот одлучува и своето големо не за досегашните лаги и измами ќе го каже на изборите“.

Но, кој тоа се плаши од моќта на јавноста, од слободата во критиките што треба да бидат позитивни импулси во развојот на демократијата? Кој тоа сака, не да го разболи, туку донесе на смртна постела новинарството? Народски кажано, одговорот видлив и од авион: оној кој сака во своето самоодржување на власт да ги злоупотреби „критичарите на истата“, подведувајќи ги до стадиум на „квазиинтелектуални проститутки“! Ова особено затоа што истиот тој знае дека преку едно здраво новинарство, цврсто фундирано на темелите на една силно практицирана морална и професионална активност, дека преку еден ваков модел на размислување за отворено, слободно, демократско општество кое во заднина ги сместува државата и власта (затоа што настојува самото да се разбере како апсолутно место на моќта, владеењето и на влијанието) ќе се фаворизира идејата за самоодговорно граѓанско општество каде визијата, аргументот, зборот, комуникацијата, медиумите и новинарството добиваат општествена, а како создавачи на истото и клучна позиција. Токму затоа, „водачот“ и ги води новинарите и медиумите како јагниња во кланица, пред свршен чин, триејќи раце од профитот што го остварува и ќе го остварува преку нив: пораз на јавниот наспроти политичкиот интерес!

 

„ДА ГО ОСТАВИМЕ ПЕСИМИЗМОТ ЗА ПОДОБРА ИДНИНА“

Во едни вакви констелации, со мала доза црн хумор: „да го оставиме песимизмот за подобра иднина!“, не е сè загубено! Тезата дека никој и ништо нема да ги врати новинарството и новинарското на сцена, со сиот свој некогашен сјај, треба да биде дополнета и применета со сознанието: „освен самиот новинар и неговото саморазбирање како одговорен морален субјект, со јасна и деонтелска професионална етика!“. Бидејќи основата на новинарската дејност е работа со луѓе, т.е. „сѐ што новинарството прави е во однос на луѓето“, при што го остварува уставното право на секој човек на известување (да биде известуван во согласност со темелната новинарска обврска вистинито и неискривено да ја известува јавноста), со што човекот станува највисоко добро во однос на кое, усогласена со својата смисла е насочена новинарската дејност. Значи, секоја криза содржи и позитивна можност, т.е. „крајот не смееме да го разбереме само како немање перспективност. Излезот е во потрагата во личноста, затоа што истата е врв, каде почнуваат сите патишта на светот! Поставувањето на „етичката зграда“ на новинарското известување значи дека новинарот не е осамена индивидуа, туку личност која станува таква во личниот однос кон другиот човек. Враќањето на новинарот како етички субјект на новинарството би овозможило препознавање на идентитетот и на иднината (на развојот) на професијата. Нешто за што уште пред пет години, кога го напишав првиот учебник по „Етика во новинарството“, во Македонија во согласност со потребите на студентите по новинарство на УКИМ, се залагав и сѐ уште стојам на истата теза!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести