verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како известуваа медиумите за извештајот на „Репортери без граници“? (1)

on 15 - 02 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Мама МИА: врамување без срамување

Пишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: Si raportuan mediumet për raportin e “Raportuesve pa kufinj”? (1)

Како известуваа медиумите за извештајот на „Репортери без граници“? (1)

 

„I’ve been cheated by you since I don’t know when…“ („Mamma Mia“, Abba)

Како известуваа медиумите за последното рангирање на „Репортери без граници? Пред да го поставиме прашањето дали имаше неетичко известување, да видиме што ни сугерира компаративната анализа на медиумските наслови за рангирањето на „Репортери без граници“ од 2009-та и од 2013-та.

Релевантноста на извештајот на „Репортери без граници“ во 2009-та

Во 2009-та година поголем број на медиуми објавија за рангирањето на „Репортери без граници“, без притоа да се оспорува кредибилитетот на оваа организација: „Македонските новинари најслободни на балканот“ (Сител ), „Репортери без граници“ не’ ставија на 34. Место“ (Дневник), „Дојдовме на 34. место според слободата на медиумите“ (Утрински весник), „Македонија на 34 место по слободата на печатот“ („Вечер “), „Македонија во 2009. најдобра по медиумските слободи на Балканот“ (Макфакс)… Дури и коментарот на Владата за извештајот на „Репортери без граници“ беше удостоен со насловот  „Владата им честита на медиумите за нивниот придонес“.

Значи, Владата во 2009 година го сметала извештајот на „Репортери без граници“ за релевантен, а рангирањето јавно го оценила како „особен показател за развојот на степенот на демократијата и почитувањето на слободите и правата во нашата земја“ (Владата го поздрави извештајот на „Репортери без граници“ за слободата на медиумите). И не само тоа. По повод високото рангирање на извештајот, Владата им упатила „искрена честитка на претставниците на медиумите, и на сите лица кои ја вршат новинарската професија, за нивниот придонес во етаблирањето на Република Македонија во земја во која најмногу се почитува слободата на медиумите во регионот на Југоисточна Европа“. Притоа, охрабрена од извештајот на „Репортери без граници“, Владата ветила дека „и во иднина, преку дијалог и конструктивната соработка со претставниците на медиумите, ќе продолжи да работи на унапредување на степенот на слободата на медиумите, и развојот на демократските вредности и процеси во Република Македонија“.

Следствено, во 2009 година, ниту медиумите ниту Владата не го доведувале под прашање рангирањето на „Репортери без граници“. Извештајот на „Репортери без граници“ го прифатиле како показател за медиумските слободи и „показател за развојот на степенот на демократијата и почитувањето на слободите и правата“.

Рангирањето на „Репортери без граници“ во 2013-та

Во 2013 година рангирањето на „Репортери без граници“ беше далеку поактуелна и поконтроверзна тема во медиумите. Дел од медиумските наслови испратија порака за влошување на состојбата со медиумите и оценката за Македонија:  „Репортери без граници: се влошува слободата на медиумите во Македонија“ (Телма), „Индексот на медиумската слобода паѓа“ (Дневник), „Новинарството во Македонија со најлоши оценки“ (Нова Македонија). Некои наслови падот го опишаа како „стрмоглав“, „драматичен“, „катастрофален“: „Македонското новинарство продолжува стрмоглаво да паѓа, Македонија последна во регионот по слободата на печатот“ (МКД), „Драматичен пад на слободата на новинарството во Македонија“ (Вест), „Катастрофален пад за Македонија на Репортери без граници – 116-та“(24 Вести). Други наслови пак истакнаа дека медиумската слобода ни е најзагрозена и дека се подготвува легализирање на цензурата: „Репортери без граници: Во регионот Македонија има најзагрозена медиумска слобода!“ (Капитал), „„Репортери без граници“: Македонија падна за 22 места и се спрема да ја легализира цензурата“ (+инфо ).

Но, за разлика од убедливото мнозинство наслови, неколку идентични наслови испратија сосема поинаква порака во јавноста: „Репортери без граници“: Состојбата со слободата на медиумите се враќа во вообичаени рамки (МИА) „„Репортери без граници“: Состојбата со слободата на медиумите се враќа во вообичаени рамки“ (Сител – 30.01.2013), „Состојбата со слободата на медиумите во 2013 се враќа во вообичаени рамки“ (Press24). Наспроти мнозинството наслови кои ја акцентираа оценката за состојбата на медиумските слободи во Македонија, насловот на агенцијата МИА (кој подоцна беше пренесен од други медиуми) ја акцентира оценката на „Репортери без граници“ за „состојбата со слободата на медиумите“, без воопшто да се нагласи дека таквата оценка не се однесува на Македонија.

Мама МИА!

Како може да се толкува оптимистичката порака што ја испратија агенцијата МИА, Сител, и неколку други медиуми – дали како обид за надминување на македоноцентричната перспектива која ја зазедоа мнозинството медиуми (во духот на синтагмата „репортери без граници“), или пак како обид за медиумска манипулација, со намерно испраќање на неодредени и тенденциозни информации?

Ако претпоставиме дека позитивната порака што ја испраќа МИА се однесува за состојбата со слободата на медиумите во светот во 2013, таквата порака воопшто не се поклопува со насловот на извештајот на „Репортери без граници“: „Светски индекс за слобода на печат 2013: Уништени надежи по пролет“ (Reporters Without Borders: 2013 World Press Freedom Index: Dashed Hopes After Spring.) Ако претпоставиме дека испратената порака за „враќање во вообичаени рамки“ се однесува на поширокиот регион во кој се наоѓа Македонија, тогаш воопшто не се поклопува со генералната оценка на „Репортери без граници“:

„Вон Европската Унија, слободата на информации е во состојба на колапс“.  Дури и ако претпоставиме дека се однесува за состојбата на Балканот,  испратената порака е сосем несоодветна со дадената описна оценка во извештајот: „Балканот остана вкоренет во репресивните практики на минатото“.

Оттаму, пораката што ја испраќа насловот на МИА, најблаго речено, е резултат на селективно пренесување и пристрасно толкување на извештајот на „Репортери без граници“ преку  „оптимистичко“ врамување.

Во веста на МИА има место и за оценката за Македонија, но дури во седмиот параграф:

„Македонија е на 116-то место (пад за 22 позиции) и е вклучена во третата (портокалова) група на земји со „забележителни проблеми“, во која се и останатите земји од регионот, како и Јужна Кореја, Јапонија, Италија и Унгарија.“

Седмиот параграф од веста на МИА ни соопштува една лоша, и една „добра“ вест. Лошата вест е дека „Македонија е на 116-то место (пад за 22 позиции)“. „Добрата“ вест е дека Македонија била вклучена во иста група „во која се и останатите земји од регионот, како и Јужна Кореја, Јапонија, Италија и Унгарија.“ Во лошата вест, соопштена дури пред крајот на написот, нема ништо фактички проблематично. Меѓутоа, информацијата дека Македонија е во ист регион со Јужна Кореја и Јапонија е географски неточна, и сама по себе е скандалозна за една новинарска агенција.

Исто така, обидот на МИА да ја смести Македонија во иста група со овие четири земји воопшто не се засновува на податоците објавени во извештајот на „Репортери без граници“.  Јужна Кореја е рангирана на 50-то место (лани 44-то), Јапонија е 53-то место (лани 22-ро), Унгарија е 56-то место (лани 40-то), а Грција 84-то место (лани 70-то). Бојата на мапата на „Репортери без граници“ со која е означена Македонија не е портокалова, туку окер, а бојата со која се означени Јужна Кореја и Јапонија е жолта.  Значи, „добрата“ вест соопштена веднаш по лошата вест, воопшто не е статистички заснована, врз основа на објавените податоци на мапата, туку е конструирана со фалсификување на географски податоци, со погрешно читање на мапа, и со манипулирање на статистички податоци.

Интересно, во веста на МИА се адресира и прашањето кои земји забележале најголеми падови: „Најголем пад бележат Мали за 74 места на 99-то, Танзанија за 36 места на 70-то и Јапонија за 31 на 53-тото.“ Но, зошто листата на земји со најголеми падови е скратена само на три земји, кога и Македонија (-22) е експлицитно сместена во потпоглавјето „големи падови“, заедно со Султанатот од Оман (-24), Израел (-20), Малезија (-23), и Камбоџа (-26). Ваквото известување претставува класичен пример за селективно известување и прикривање на суштински податоци.

Претходно, кога станува збор за рангирањето на земји членки на ЕУ, МИА ја користи синтагмата „подраматичен пад“: „По драматичен пад забележан е единствено во Унгарија (56-то место) и Грција (84-то место)“. Ако описот „подраматичен пад“ се користи за Унгарија (пад од 16 места) и Грција (пад од 14 места), зошто МИА не зборува за „драматичен пад“ и во случај на Македонија (пад од 22 места)?

Накусо, веста на МИА е пример за неетичко известување и медиумско манипулирање, преку селективно пренесување и пристрасно толкување податоци, преку намерно испраќање на неодредени информации, преку погрешно читање на мапи, преку фалсификување на географски и манипулирање на статистички податоци, како и преку прикривање на суштински податоци за Македонија.

Неетичкото известување на МИА е особено симптоматично, ако се земе предвид дека главниот и одговорен уредник на акционерското друштво МИА и членовите на управниот одбор ги избира  надзорниот одбор, чии членови се именувани од страна на Владата на Република Македонија.

(продолжува, со втор дел)



Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести