verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како етички да се известува за „регистарот за педофили“?

on 28 - 05 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: Si të raportohet në mënyrë etike për ‘regjistrin për pedofilë’?

Новинар(к)ите треба да бидат многу внимателни кога известуваат за сексуално насилство врз деца. Во минатата анализа, укажавме дека од новинар(к)ите се очекува „да ги истражуваат случаите на сексуално насилство и сексуално искористување на децата, но и да ги почитуваат стандардите на етичкото новинарство“.

Според експертската анализа на UNICEF за Македонија, медиумите можат да имаат и позитивно и негативно влијание. Токму затоа, новинар(к)ите треба да добијат посебна обука за известување за случаи на сексуално малтретирање на деца, која не треба да охрабрува сензационализам, затоа што неодговорното и сензационалистичко известување може да им предизвика дополнителна штета на децата и нивните семејства.

Во публикацијата на UNICEF „Медиумите и правата на децата“ има посебно поглавје за „Сексуалното малтретирање и искористување на деца“ во кое се даваат конкретни препораки како да се известува и во која насока да се истражува. Во целокупната публикација на UNICEF (како и во принципите и насоките) ниту еднаш не се употребени сензационалистичките термини „педофилија“ и „педофил“.

Дали во САД има „регистри за педофили“?

Во ТВ-прилогот „Од 1994 во САД има регистер на педофили“ се тврди дека:

„Трагичната судбина на седумгодишната Меган Канка од американското гратче Хамилтон ја потресе целокупната светска јавност, и беше иницијална каписла САД да го донесе Законот за регистар на педофили“.

Меѓутоа, во законите што се носат во САД воопшто не се сретнува изразот „педофили“, туку изразот „сексуални престапници“ (sex offenders). И во ТВ-прилогот објавен три дена претходно во истиот медиум беше известено дека:

„Во САД, речиси секоја од сојузните држави има посебен регистар на сексуални претстапници…“ (Регистар на педофили има во најдемократските земји).

Преводот на изразот „sex offenders“ со „педофили“ е несоодветен, меѓу другото, и затоа што регистрите не се однесуваат само на сексуалните престапници врз деца, туку на сексуалните престапници воопшто. На пример, на веб-сајтот на Министерството за правда на САД (јавен веб-сајт на национални сексуални престапници) воопшто не се користат изразите „педофилија“ и „педофил“, а во едукативниот дел „Препознавање на сексуално малтретирање“ има оддел и за сексуално малтретирање на возрасни.

Како етички да се известува за „регистарот на педофили“?

Новинар(к)ите се исправени пред уште еден голем етички предизвик, по објавувањето на „регистар на педофили“ од страна на Министерството за труд и социјална политика. Имено, кои законски термини треба да се употребуваат кога известуваат за сторителите на сексуални кривични дела – термините од Кривичниот законик (каде не се спомнуваат „педофили“ и „педофилија“), или пак термините од „Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија“?

Кога известуваат за „регистарот на педофили“, новинар(к)ите треба добро да ги познаваат кривичните дела од член 188-194 и кривичното дело 418-г, а пожелно е да ја познаваат и „Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба“ (објаснувања за кривичните дела и конвенцијата може да се најде во извештајот од истражувањето на Народниот правобранител за „појавите на сексуална злоупотреба и сексуална експлоатација на децата“).

Многу битно е да прават разлика помеѓу кривичните дела кои се однесуваат на малолетни лица (до 18 години) и на малолетни лица кои не наполниле 14 години. Исто така, битно е да знаат дека малолетни лица кои не наполниле 14 години не можат да даваат согласност за сексуални дејствија, и дека во такви случаи децата се третираат како жртви на „полов напад“ дури и кога ќе дадат изјава дека сексуалните дејствија биле со нивна согласност (види студија на случај 4).

Без разлика што Законот за „регистар на педофили“ сугерира мошне широка употреба на „педофил“, новинар(к)ите треба да се придржуваат до кривичните изрази, а да се воздржуваат од претерана употреба на изразите „педофил“ и „педофилија“ од следниве причини:

1. Етимологијата на зборот „педофилија“ не соодветствува ниту со сегашната медицинска, ниту со пара-правничката употреба. Имено, старогрчкиот збор „педофилија“ е составен од зборовите „паидос“ (на дете) и „филиа“ (сакање, наклонетост, пријателство). Несоодветно е да се означуваат сексуални кривични дела врз деца со збор кој има вакви конотации. Употребата на терминот „педофилија“ за кривични дела како што се посредување во вршење проституција или трговија со малолетно лице создава дополнителна конфузија бидејќи лицата кои се осудени за овие кривични дела не се осудени заради сексуален контакт со жртвите.

2. Наспроти популарните гледишта, медицинските експерти укажуваат дека „не се сите сексуални престапници педофили, ниту пак сите педофили извршуваат сексуални престапи“. Новинар(к)ите треба да се свесни дека со употребата на медицинската дијагноза „педофилија“ им даваат аргументи на сексуалните престапници дека се првенствено пациенти кои треба да се лекуваат, а не сторители на кривични дела кои треба да се казнуваат. Имено, претераната употреба на „педофилија“ ја пренебрегнува реалноста дека мнозинството сексуални престапници не се „педофили“, туку нормални злосторници кои го избрале тоа.

3. Претераната и сензационалистичка употреба на изразите „педофилија“ и „педофил“ во медиумски прилози кои ги пренебрегнуваат начелата на етичкото новинарство може да се толкува како форма на медиумско искористување на децата и нивните семејства.

Уште еден симптом за неетичко новинарство и за медиумско искористување е тоа што кога ја обработуваат темата „превенција на сексуално насилство врз децата“, мнозинството новинар(к)и ставаат фокус на „регистарот на педофили“, а речиси воопшто не известуваат за потребата од сексуално образование како мерка за превенција на сексуално насилство врз децата. Новинар(к)ите имаат обврска да бидат информирани, и самите да информираат, дека не е можна успешна превенција на сексуално насилство врз децата без воведување на сексуално образование кое ќе им овозможи на децата информации и вештини како да се заштитат од сексуални кривични дела. Не случајно, првата насока за новинар(ки) во публикацијата „Медиумите и правата на децата“ (во одделот „Сексуалното малтретирање и искористување на деца“) е:

„Известувајте за сексуалното образование и за законите кои ги покриваат сексуалните активности кои вклучуваат деца“.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести