Како една невистина станува новинарски текст
Објавено во Новинарски лекции
on 9 - 06 - 2015 Автор: Владо Ѓорчев
Новинарството не е пуста желба на поединци. Напротив, тоа е сплет на информации, докази и на аргументи кои треба да се потврдат за да може еден напис да се објави
Пишува: Владо Ѓорчев
Провладините медиуми деновиве упорно ја туркаат темата за наводна смена на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. И како на лента, секојдневно вакви написи се појавуваат, а притоа во нив ниту малку не се запазува тоа што се вика новинарски стандард. Како по обичај, текстовите се непотпишани, без извор во нив и со многу климава теза која најмалку може да се нарече вистинита.
Еден од последните написи во кои се обработуваше оваа тема наведе:
„Додека Заев продолжува да се бламира и политички да тоне, во најголемата опозициска партија се поинтензивно почнуваат да се прават, но и да се зборуваат комбинаторики за нов лидер на партијата.“
Дневниот весник „Вечер“, пак, подробно ја анализира оваа проблематика и ја надградува со ексклузивни информации за тоа кој би може да го наследи Заев на лидерското место во опозициската партија. Според овој весник кандидати се тројца: Стево Пендаровски, Гордан Георгиев и Игор Ивановски. Последниве двајца, тврди написот, се фаворити поради партиско искуство, поддршка од самата партија и немање коруптивни и политички хипотеки.
Колку овие информации се вистинити? Дали има назнаки за да може да се рече дека овие текстови се објективни?
НЕМА НАЗНАКИ
Неколку моменти ја побиваат оваа логика на провладините медиуми за смена на лидерот на СДСМ.
Првата теза е дека Заев дојде на челното место на оваа партија пред точно две години. На 2 јуни 2013 година Зоран Заев беше избран за претседател на СДСМ. На 14. редовен конгрес на партијата, за актуелниот градоначалник на Струмица гласале 395 од 705 делегати. Негови противкандидати беа Зоран Јовановски, кој доби 137 гласови, и Кире Наумов, кој доби 15 гласови. Игор Ивановски еден ден пред конгресот ја повлече својата кандидатура. По завршувањето на конгресот, Заев рече дека не победил ниту еден од кандидатите, туку дека победил СДСМ.
Дотогашниот претседател на партијата, Бранко Црвенковски, не ја прифати кандидатурата од иницијативниот одбор, кој поднесе околу 30.000 потписи. Тој во обраќањето на почетокот на конгресот, посочи дека на партијата ѝ треба нова сила и дека неговото повторно кандидирање ќе биде грешка. Рече дека ги прифаќа сите порази. Од новото раководство побара единство и поголема ефикасност.
Во прилог на ова оди и последното интервју на Црвенковски дадено за телевизија „Телма“, во кое тој посочи дека на лидерството во партијата му посакува многу храброст и уште повеќе мудрост во реализацијата на оваа задача.
„Еве, ова е стратегијата во која верував пред две години и во која уште повеќе верувам денес и на чија реализација до колку до нејзе дојде целосно се ставам на располагање. Подготвен сум на ист начин како и на 24ти декември 2012 година заедно со син ми да бидам во првите редови“, истакна тогаш Црвенковски.
Втората теза која не ѝ оди во прилог на информацијата дека на Заев му се подготвува смена е и Статутот на партијата.
Имено, во член 24 од Статуот на СДСМ, се вели дека Конгресот на СДСМ го избира претседателот на партијата.
Во следниот 25. член стои:
„Конгресот на СДСМ е највисок орган на СДСМ. Мандатот на делегатите на Конгресот трае 4 години. Мандатот на делегатите со кои се прават измени и дополнување во составот на Конгресот е во рамките на четиригодишниот мандат на целиот Конгрес.“
Тоа значи дека до следниот конгрес има уште две години, а исто толку му трае и мандатот на претседателот на партијата.
Следниот член 26 од Статутот дава можност и покрај овој зацртан датум, да се свика конгрес, но тие причини се далеку од реални во овој момент. На пример, се предвидува Конгресот да се свикува задолжително пред парламентарните и претседателските избори заради утврдување кандидати за изборите и по парламентарните, претседателските и локалните избори заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати.
Ова не е можно барем уште 10 месеци, поради фактот што неодамна, со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, беше договорено предвремени избори да се одржат до крајот на април 2016 година.
ВИСОКА ДОВЕРБА
Третата причина зошто оваа теза на провладините медиуми паѓа во вода е голема посетеност на интернет на објавените прислушувани материјали што Заев почна да ги објавува на почетокот на февруари годинава.
Медиумите пишуваа дека прес-конференцијата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за третиот дел од „бомбата“ имаа речиси 287.000 прегледи на „Јутјуб“ за три дена. Овој аудиозапис, насловен „Слушнете ужас: Местат апсење и изживување врз Љубе Бошкоски“, предизвика најголема заинтересираност од сите досега објавени снимки на официјалниот јутјуб-канал на СДСМ и има рекордна гледаност за толку кратко време.
Првите три аудиоснимки на СДСМ (кога се водела и статистика во медиумите на оваа тема) за прислушувањата имаат вкупна гледаност од 686.641 прегледи.
Видеозаписите на анонимните канали на „Јутјуб“ за тајните средби на Заев со Груевски и на Бошковски со непознатотo лице, пак, имаат вкупна гледаност од 416.011 прегледи.
Голема посетеност на социјалните мрежи имаа и текстовите, објавите и сè она што е објавено, а е поврзано со студентските маршови и протести, како и „бомбите“ на Заев.
За разлика од твитер-заедницата, која неуморно твиташе и споделуваше информации на овие теми, традиционалните медиуми парцијално ги пренесоа или целосно ги игнорираа. Тие полека ја губат битката со времето, па информациите им доцнат и по неколку часа или се објавуваат еден ден подоцна, како што е случај со весниците.
Аудиозаписот од првиот дел на „бомбите“, со сите прислушувани разговори, насловен „Слушнете кого прислушувале Груевски и Мијалков“, достигна 379.801 прегледи (додека е пишуван овој текст), а целосната прес-конференција, насловена „Докази од мега скандал: Груевски и Мијалков прислушувале 20.000 луѓе“, само во еден ден достигна 35.174 прегледи.
Четвртата теза која ја побива шпекулацијата за смена на Заев се неговите изјави.
Тој постојано истакнува дека сега главен момент е тоа што Груевски мора да замине, а и во мај 2014 година тој ја потврди информацијата дека нема намера да поднесе оставка:
„Друго решение нема. За да се врати демократија, да се врати надежта и достоинството. За да ја исправиме на нозе Македонија. На злоупотребите ќе ставиме крај“, истакнува Заев.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за телевизија „Телма“, исто така, категорично тврдеше дека нема раскол во партијата и дека барањата за негова смена на Централниот одбор на партијата доаѓале од некои поранешни високи функционери, кои на овој начин го покажувале незадоволството од изборните резултати, но и од сегашниот статус во партијата.
„Ако сите едногласно во партијата потврдивме дека се бориме против режимот, дека е комплетирана контролата врз гласачите, дека не ги признаваме изборите и не ги прифаќаме пратеничките мандати, тогаш се поставува прашањето зошто неколку поединци бараат оставка од мене и од раководството. Јавно го поставувам ова прашање“, изјави Заев.
Овие моменти само потврдуваат колку медиумите во Македонија немаат желба да ја сработат сторијата професионално. Новинарството не е пуста желба на поединци. Напротив, тоа е сплет на докази и на аргументи кои мора да се потврдат за да може еден напис да се објави. На крајот на краиштата, овие написи морале да поминат и покрај уредник (барем така е редот на нештата). Уредникот, пак, мора да има здраво објаснување зошто би се пуштиле текстови со невистинита содржина. Но, по сè изгледа, во ваквите написи се прескокнуваат цели фази од правењето новинарски производ. Поради тоа имаме текстови кои не се објективни и служат за дефокусирање на јавноста од вистината или за спинување. Таа практика мора да се промени затоа што новинарството има познати и признати стандарди кои не смеат да се рушат. Во спротивно, текстовите би изгледале како стрип, а не како новинарски напис.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).