verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како до добро интервју?

on 21 - 05 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Пишува Ѕвездан Георгиевски

Текстот е достапен и на албански јазик: Si deri te intervista e mirë?
Како до добро интервју?

Фотографија: Ethan Lofton

Во новинарските кругови обично владее убедувањето дека интервјуто е најлесна новинарска форма. Имено, сè зависи од интервјуираниот. Новинарот може да има и најумни прашања на овој свет, ако соговорникот е индиспониран или, едноставно, нема што да каже, тогаш резултатот е – лошо интервју. И обратно, ако интервјуираниот е умен, елоквентен и има квалитетни одговори, тогаш новинарот може да постави и најглупави прашања, а сепак да добие – квалитетен производ. Ова правило, наводно, најмногу се однесува на таканаречените пишани интервјуа, односно оние што излегуваат во печатените медиуми.

Медиумските разлики на интервјуто

Според врежаното мислење, новинското интервју поедноставно се спроведува, затоа што постои можност за авторизација (соговорникот да си ги провери своите ставови пред објавување на интервјуто), можност за отстранување на евентуалните лапсуси и грешки пред објавување на конечната верзија, а и можност, која во македонското новинарство особено се користи, на соговорникот да му се достават готови прашања и, без многу мака, да се добие целосен производ.

За разлика од новинските интервјуа, во телевизиските и радиските разговори се забележува секој лапсус и секоја грешка се регистрира. За телевизиско интервју не е доволно соговорникот да биде умен, туку тој треба пристојно да изгледа, да има разбирлив глас и телевизичен лик. Окото, како што се вели, е побрзо од умот, па некаков кикс во облекувањето, на пример, лесно може да ја покрие целата содржина на разговорот.

Се разбира дека, како и кај секое друго општо убедување, и во ова има – делумна точност. Од друга страна, радиото и телевизијата се – етер. Еднаш кажаната реченица речиси засекогаш се губи и гледачот (слушателот) не може повторно да се наврати на неа, додека кај печатените медиуми текстовите се далеку потрајни и секоја грешка, ако може така да се каже, се монументализира. (Тука не ги разгледуваме интервјуата правени специјално за интернетските портали, бидејќи интернетот, според своите технички карактеристики, според наше мислење, не е најпогодниот медиум за презентирање на еден релативно обемен разговор, иако, се разбира, има и мошне квалитетни исклучоци, па дури постои и сајт специјализиран за интервјуа.

Сепак, нашата забелешка за делумната точност за погоре искажаното тврдење, повеќе се однесува на поедноставувањето на процесот на правење интервју, отколку на медиумските разлики во техникалиите на водењето на разговорот. Иако не го потценуваме квалитетот на избраниот соговорник (напротив, изборот на соговорникот е еден од најважните чекори за правење добро интервју), сепак постојат повеќе, би рекле, подеднакво важни фази во изработката на квалитетен новински разговор.

Од подготовка до реализација

Имено, уште пред да се избере соговорникот, се бира темата на интервјуто, а според неа се одредува најпогодната личност што може да одговори на евентуалните дилеми. Се разбира дека и самиот соговорник може да биде тема за себе, особено ако зад себе има некаков резултат или некое дејство за кое се проценува дека, на овој или оној начин, ја интригира јавноста. За жал, искуството на македонскиот журнализам многу малку го почитува ова правило. Најчесто (погрешно) се смета дека добро интервју е она каде што новинарот доминира над соговорникот и каде што разговорот и буквално се претвора во кавга (ова особено важи за овдешните телевизиски интервјуа). Во земјите со добри и долги журналистички традиции важи правилото дека медиумскиот простор е скап и дека не се исплаќа да биде пополнет со личност која ни самиот новинар не ја почитува.

Откога ќе ја изберете темата и соговорникот, следната фаза е подготовка за интервјуто и составување прашања. Подготовката подразбира (во рамките на расположливото време) да научите што е можно повеќе за темата, како и за ставовите на вашиот соговорник. Тоа значи многу читање, неформални анкети, разговори со колегите и со сите оние за кои сметате дека можат да ви помогнат во реализацијата на успешно интервју.

Што се однесува до прашањата, во суштина тие во македонското новинарство се – преценети. Прашањата не се важни. Важни се одговорите. Значи, не треба многу да мислите на тоа што ќе прашате, туку треба да размислувате за тоа кои одговори ги барате. Кога ќе знаете што ве интересира, а преку вас и што ја интересира јавноста, прашањата сами ќе се постават.

Постои само едно правило: не поставувајте прашања, каде што одговорот може да биде сведен на „Да“ или „Не“. Овој одговор не кажува ништо, а особено е непријатен во електронските интервјуа.

И преку прашањата покажете му на вашиот соговорник дека го почитувате. Без оглед колку сте блиски со него, персирајте го во прашањата, затоа што е тоа добар обичај во конверзацијата во јавен дискурс.

Не збунувајте го. Не избегнувајте провокативни прашања, ама затоа поставувајте ги во кристално јасна форма. Ако не бидете задоволни со одговорот, инсистирајте на истото прашање, колку што е тоа можно.

Едно од правилата, секако, е да не се прекинува соговорникот, освен ако тоа го наложуваат техничките можности (ограниченото време или ограничениот простор). Праксата во македонското новинарство, пак, покажува сосема спротивни интенции. Прашањата на новинарот се подолги од одговорите. Соговорникот се прекинува и не му се остава да ја заврши мислата. Ваквите тенденции покажуваат висока доза на новинарска суета и потреба за самоистакнување. Секогаш, ама токму секогаш, треба да се има на ум дека соговорникот е оној чии ставови се во моментот важни за јавноста, а не новинарот. Добриот новинар е како добар тапанџија во бенд – тој не треба да биде забележлив, а сепак неговиот ритам треба да го даде тонот на нумерата. Непочитувањето на ова правило е едно од најголемите слабости на македонското интервјуерско новинарство.

Едно од правилата е и „едно прашање – еден одговор“. Никогаш не поставувајте во вашето прашање повеќе дилеми или потпрашања. Ако во прашањето имате повеќе прашалници, тогаш соговорникот може да ви одговори само на едно, она што нему му се допаѓа или му е полесно да го одговори, а тоа нема да биде задоволително за вашето интервју.

И покрај сето ова, новинарот мора да биде рамноправен со соговорникот. Своевремно, како студентска вежба, правев интервју со големиот југословенски новинар Љубомир Рајнвајн, во тоа време дипломатски уредник на ТАНЈУГ, инаку првоборец, по ослободувањето основач на некои филмски компании и издавачки куќи, а потоа и во првите редакции на „Борба“ и „Вечерње новости“, прв дописник од странство во тогашна Југославија итн. Токму осврнувајќи се на овие референци, првото прашање ми беше дали и колку се чувствува одговорен за состојбите во која било од овие области, каде што бил пионер. Второто беше: „Дали колегите од ТАНЈУГ се смеат кога ќе добијат соопштение од Извршниот совет (тогашната влада на СФРЈ – з.м.)“, а на третото, за жал, не можам да се сетам. Како и да е, одговорите на сите три прашања беа еднакви: „Помини на следното, на ова после ќе ти одговорам“.

По третото прашање, на негово изненадување, реков дека јас го завршив интервјуто и дека сум сосема задоволен од неговите одговори. Рајнвајн ми даде огромен комплимент – рече дека никогаш во животот не направил подобро интервју. (Сепак, подоцна реализиравме уште едно „вистинско“ интервју и останавме пријатели до крајот на неговиот живот). Значи, не плашете се да биде еднакви и, ако треба, и дрски. Ама, не по секоја цена. Почитувањето мора да биде присутно во секој дел од вашиот разговор.

Постојат низа причини зошто во Македонија сè уште не се појавил врвен интервјуер. Јасно, тука е стеснетоста на медиумскиот простор, штедењето на кадри, а со тоа и на време за подготовка на врвно интервју (своевремено интервјуата за „Vanity Fair“ се правеа и по 30 дена), но најмногу затоа што не се почитуваат основните принципи на овој дел од новинарскиот занает.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести