verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како да се разбуди статистичкото новинарство?

on 19 - 08 - 2013       

Picture-9

 

Статистичкото новинарство бара три основни вештини: способност за собирање податоци, способност за организација на податоците и способност за нивно анализирање

Пишува: Катерина Блажевска

Во Македонија многу малку е присутно т.н. статистичко новинарство. Под овој поим не се подразбира класична употреба на статистички податоци во новинарски текст, нивна споредба со претходни состојби или компарација со слични состојби во регионот и светот.

Статистичко новинарство или data journalism е новинарство базирано на податоци кое подразбира поширока форма на соработка, односно професионална синергија меѓу програмер и новинар. Првиот се занимава со организација и структуирање на податоци и нивно прикажување во прегледни формати, a на новинарот тоа му е основа за истражување, откривање на потенцијална приказна и градење на новинарскиот текст.

Денес модерните информациски и комуникациски технологии им помагаат на новинарите да дојдат до се поголем број информации, со едноставна постапка на пребарување, а во потрага за нови траги и докази кои му даваат аргументи на новинарскиот текст.

Но, пребарувањето е само дел од процесот. Статистичкото новинарство вклучува анализа на податоци преку компјутерски апликации, од табеларни калкулатори како Excel, па се до напредни алатки за обработка на податоци. Овие алатки ја олеснуваат обработката на податоците: комбинирање, споредба, сортирање, брза анализа на податоците и нивна визуелизација, кои овозможуваат нештата да се согледаат и од други агли, кои дотогаш можеби биле незабележани.

Статистичкото новинарство во основа е традиционално новинарство кое се разликува по тоа што употребува спектар од нови алатки. Тоа е компјутерски потпомогнато новинарство, во кое едниот израз се фокусира на материјалот – податоците, а другиот – на алатката. Статистичкото новинарство бара три основни вештини: способност за собирање податоци, способност за организација на податоците и способност за нивно анализирање.

КАКО ДО ПОДАТОЦИ?

Има многу извори на податоци и информации. Еден од нив е јавниот збир на податоци. Надлежните институции и тела на интернет објавуваат голем број податоци, вклучувајќи и статистички податоци од разни области- здравство, економија, буџет, наталитет, јавна потрошувачка, производство, стандард, потрошувачка кошница, услуги итн.

Друг извор се јавни информации кои не се во форма на база на податоци, но новинарот може да ги префрли во таков формат. На пример, колку општествено одговорните компании финансираат проекти во локалната заедница. Ако станува збор за еколошки проекти, тие податоци се наоѓаат и кај компаниите, кај еколошките организации, кај локалната и централната власт – Министерството за животна среднина. За да можат да се анализираат треба да се внесат во табеларен калкулатор, а во посебни графи – податоците од министерството, од локалната власт, од организации и други информации. Кога сето тоа ќе се внесе во табеларен калкулатор, новинарот има збир на податоци со кои може да почне да работи.

Трет извор се податоци од приватни извори, добиени преку лични контакти на новинарот или врз база на веќе објавени информации. Не треба да се заборави дека и невладините организации располагаат со голем број податоци обезбедени преку нивни истражувања, кои исто така може да бидат добар извор за квалитетен текст. Компаниите денес не можат да функционираат без големи бази на податоци, па некои од нив сигурно се расположени да ги споделат тие податоци ако ја разбираат важноста на темата на која работи новинарот. Научниците собираат голем квантум податоци кои можеби не се целосно искористени во научни трудови, но можат да бидат од корист за новинарски текст, како почетни или компаративни.

Четвртиот извор се податоци до кои новинарот стигнал сам. На пример, ако има податок за бројот на службени патувања во странство во потрага по инвестиции, тие податоци може да се организираат во табеларен калкулатор и да се комбинираат со други информации добиени од јавни извори за влез на странски инвестиции, по што можат да се утврдат вистинските ефекти од тие патувања.

ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ

Новинарот прво треба добро да ги разгледа и проучи податоците што ги објавуваат надлежните институции за да знае што е достапно, а доколку нешто не е, може да го искористи правото за слободен пристап до информации. Во текот на пребарувањето, благодарение на јавно објавените податоци, новинарот може да наиде на приказна таму каде што не ја очекувал. Или да открие дека тие податоци се застарени, што е тема за нова приказна.

Нужно за обработката на податоци е добро познавање на табеларните калкулатори како што се Excel или Open Calc. За чистење на неуредните бази на податоци се препорачува Google Refine. Од алатките за визуелизација на податоците Меѓународната мрежа на новинари препорачува три такви алатки за почетници: ManyEyes, Vuvox i Dipity. Исто така важна е и способноста за „симнување“ на податоци („scrapping“) од јавни интернет страници.
Ако новинарот нема такво знаење, важно е да се работи во тандем со лице со добри технички вештини. Програмерите се занимаваат со такво собирање на податоци или со автоматизација на собирање на податоци кои се достапни на интернет во неорганизирана форма, постапка што бара посебна стручност. Постојат и интернет страници за таа намена, како што е ScraperWiki.com, каде може да се стапи во контакт со програмерите и стручњаците кои се занимаваат со визуализација на податоци. Онлајн верзијата на прирачникот Legal Leaks нуди информации и линкови на корисни страници и ресурси за статистичко новинарство.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести