verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како да се известува за природни катастрофи, а да не се прави медиумски профит

on 16 - 08 - 2016       
nevreme-24

Поплави во Скопско, 6.8.2016 Фото: Агенција „Мета“

 

Новинарите треба да останат докрај професионални и на висината на задачата кога известуваат за природни катастрофи, да го знаат своето место и местото на сите други за време на стихиите и секогаш да ги предвидуваат нивните идни чекори, во согласност со развојот на настаните на теренот

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Кога станува збор за новинарско известување во посебни услови, како што се природните катастрофи, на пример, сериозните и одговорни медиуми треба да бидат посебно подготвени и посветени. Таа подготвеност и посветеност треба да биде со ист интензитет и на терен, таму каде што се случуваат трагичните настани од каде што доаѓаат главните вести, како и во редакцијата во која посебен тим на уредници, деск-репортери и презентери, ги следи сите други странични процеси, како што се реакциите на институциите, и ги „пакува“ сториите што треба да ѝ се испорачаат на медиумската публика.

Во посебни услови, за време на природни катастрофи или други вонредни ситуации, завршуваат одморите и слободните денови за сите новинари и уредници. Електронските медиуми креираат вонредна програма и содржини, а печатените медиуми додаваат дополнителен број страници.

Постојат две основни фази во новинарското известување за катастрофите: фазата на ударни вести и фазата постфестум, кога се известува за да се одговорат сите прашања поврзани со причините и со последиците за катастрофата.

Кога веќе споменавме прашања, наједноставниот опис на задачите во овие две фази е дека во првата најважни се прашањата „што“, „кога“ и „каде“, од петте новинарски прашања, а во втората фаза се трага по одговорите на другите две или три прашања „колку“, „како“ и „зошто“.

 

ДО ЕПИЦЕНТАРОТ И ПРЕКУ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

За време на природните катастрофи, новинарите и другите медиумски професионалци треба да бидат во епицентарот на настаните. Но, и за таа позиција треба да се донесе промислена и рационална одлука. Понекогаш, особено во првиот налет на природните стихии, најдобрите информации не се во средиштето на непогодата, туку во првиот надворешен круг од каде што попрегледно и порационално може да се следи текот на настаните.

Катастрофалната поплава во Скопје дочека неподготвени и професионално на крајно срамно ниво, повеќе електронски медиуми. Особено еден поголем дел од најгледаните национални телевизии.

Овој непрофесионализам е крајно запрепастувачки ако се земе предвид времето во кое живееме, во кое информациската поврзаност преку мобилната технологија и социјалните мрежи со локалната и со пошироката заедница, па и со светот, е елементарното предворје на најважните информации. Во услови кога институционалните органаизации задолжени за информирање, предупредување и тревожење (Управата за хидрометероолошки работи, Центарот за известување и кризи…), целосно и неодоговорно потфрлија, во првиот налет целосна неподготвеност покажаа и медиумските професионалци, кои не ги прочитаа соодветно алармите и предупредувањата што до јавноста ги испараќаа дел од граѓаните кои се најдоа во вителот на водената стихија.

Еден таков аларм и предупредување испраќаше нашата сограѓанка, познатата адвокатка Сузана Јошевска-Анастасовска. Таа, во потрага по асистенција и по упатства како да се извлече од обиколницата на која се најде во критичното време на поплавата, испраќаше вредни информации. Дури и фотографии. Тие вредни информации никој од медиумите не ги прочита како што треба и така беше пропуштена можност од прва рака и навреме да се проверат тие информации и да се информира јавноста.

Многу е интересна комуникацијата на Јошевска-Анастасовска на нејзиниот фејсбук-профил, од кој јасно се гледа дека една наша национална телевизија, иако била директно информирана дека е во тек сериозна закана за безбедноста на граѓаните, воопшто не реагирала соодветно.

Се разбира, не се должни сите новинари да бидат поврзани со сите граѓани, но вниманието што треба да им се посвети на следењето на информациите на социјалните мрежи, уште еднаш се покажа како неотповиклив императив.

Да ја прифатиме оптимистичката варијанта дека и од несреќите и од пропуштените шанси треба да учиме, и да одиме понатаму со препораките за новинарите за тоа каде треба да бидат кога известуваат за време на природните катастрофи.

Бидејќи во првиот налет се важни ударните и основни вести, новинарските екипи треба да бидат на места од кои имаат најдобар увид во настаните, но и најдобра конекција со редакцијата. Зашто информациите треба веднаш да бидат дистрибуирани до редакцијата, односно до публиката доколку е можно да се воспостави линковска врска за пренос во живо.

За време на вакви настани, со трагични и стихијни последици, најдобро е на терен да има најмалку две комплетни репортерски екипи. Додека едната известува, другата е во потрага по следната важна информација.

 

ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД ПОВЕЌЕ ИЗВОРИ И НА ПОЧЕТОКОТ

Кога ќе пристигнат колку што е можно поблиску до епицентарот на настаните, а доволно безбедно за сопствените животи и за неопходните услови за работа, репортерите треба да направат брза и, колку што е можно, пообјективна проценка за тоа што се случува. На патот до местото на настанот, веќе треба да бидат обезбедени првичните информации од кризните штабови, здравствените екипи и другите надлежни институции за справување со катастрофи и да се побараат контакти од нивните луѓе на теренот.

Ова е особено важен момент, бидејки во првиот налет најважно е информациите да бидат добиени, вкрстени и проверени со официјални, овластени лица, претставници на организации и на институции задолжени за менаџирање на кризни ситуации. Додека репортерите собираат информации, многу е важно да не ги попречуваат спасувачките активности.

Се разбира, овластените лица не се единствените извори. Треба внимателно да се препознаат и да се побараат информации од сведоци и од други луѓе кои биле погодени од стихијата. Но, тоа треба да се прави многу внимателно. Најдобро е тие разговори да се прават откако новинарите ќе бидат сигурни дека е безбедно и дека поминал фаталниот удар. Секако, тоа не ја исклучува работата на фоторепортерите и на камерманите да ги регистрираат сцените, лицата, гестовите, борбата, трагедијата на жртвите. Тоа е материјал што подоцна ќе ја обои сликата на трагедијата.

 

РЕДАКЦИЈАТА ТРЕБА ДА СОБИРА, СПОРЕДУВА И ДА ПАКУВА

За тоа време, луѓето во редакцијата, дел од кризниот тим не медиумот, треба да ги собира, споредува и да ги „пакува“ во медиумски содржини сите други информации поврзани со природната стихија што стигаат во дескот. Одговорните во редакцијата, всушност, на тој начин имаат целосен увид во настаните. Додека ги следат и другите медиуми, тие се во состојба стратешки да го планираат известувањето и да ги органзираат репортерите, новинарите и другите од тимот, особено снимателите, монтажерите и продуцентите, кога станува збор за телевизиите, радијата и за интернет-порталите со мултимедијалјни содржини. Уредниците во печатените медиуми ги проверуваат фотографиите и планираат дополнителни страници, доколку е потребно.

Одговорните во редакциите ги контактираат овластените лица на кризните штабови, лекарските тимови во болниците и владините институции за спасувачките акции, и стапуваат во контакт со експертите и со стручните лица кои треба да ги објаснат трагичните природни феномени.

Медиумите можат многу да помогнат со вистинските информации, упатствата за тоа каде е можно да се добие вистинската помош и информации, како и да го објават телефонскиот број за помош на настраданото население.

Во време на социјалните мрежи и општата поврзаност на граѓаните и на медиумите, од голема полза се и креативните решенија на посветените индивидуалци, каков што е нашиот сограѓанин Демијан Хаџи-Англековски, кој со прилично брза реакција направи кризна мапа на поплавените подрачја.

 

ПИШУВАЊЕ НА СТОРИИТЕ

Овој тип на настани има репетитивни стории. Тоа се вестите и извештаите што ги пренесуваат основните информации за тоа што се случило, каде се најдраматичните настани, кој е погоден од стихијата. Тие медиумски пакети се повторуваат и се дополнуваат сѐ додека има потреба и додека настаните на теренот го налгаат тоа. Меѓу нив се пласираат други медиумски содржини кои првенствено имаат сервисна функција: да им укажат на граѓаните и на спасувачите што треба да направат, како и каде се одвиваат спасувачките операции. Во оваа фаза не се исклучени ниту емотивните приказни, но во помала мерка.

Стилот на репортерското известување треба да биде едноставен и јасен. Куси реченици и јасни мисли и пораки и содржина која со секоја промена на теренот ќе може лесно да се дополнува. Внимателно со бројот на жртвите. Без шпекулации и само, и исклучиво, од овластени, официјални извори.

Во првиот налет на стихијата, во известувањето се најважни фактите, а не мислењата и коментарите.

Факти за жртвите и за повредените, факти за евакуираните. Фактите за штетите во првиот налет треба да бидат колку што е можно пообјективни, бидејќи се прават врз основа на проценка на репортерот очевидец или врз основа на проценки на жителите или овластените лица („Поплавени се поголем дел од куќите“, „Уништени се инсталациите за снабдување со електрична енергија“, „Мостот е вон употреба“, „Патот до селото е пресечен од водената стихија“…). Точните проценки следуваат подоцна.

Репортерите треба да изнесуваат факти и за спасувачките операции и за активностите на спасувачките екипи. Во потрагата по ексклузивност, понекогаш вниманието попушта и новинарите подлгенуваат на емоциите и на приказните на граѓаните. Еден таков пропуст направија колегите од телевизијата „Алсат-М“, кои направија потресна приказна за тоа како еден наш граѓанин спасил мајка и ќерка кои три дена биле заглавени во калта. Подоцна оваа „приказна“ не можеше да ја потврди ниту една од овластените институци како МВР, скопските болници, ниту пак Центарот за справување со кризи.

 

БЕЗ АМБИЦИИ ЗА МЕДИУМСКИ ПРОФИТ

Освен емоциите, новинарите и нивните уредници треба под контрола да ги држат и своите амбиции и да сочувствуваат. За време на природните катастрофи, никогаш не смее да се заборави дека пред вас се луѓе кои изгубиле најмили членови на нивните семејства, луѓе со сериозни трауми и повреди. Физички и психички. Мора да се покаже разбирање и емпатија за нивната болка. Бидете стопроцентно сигурни дека тие сакаат да бидат интервјуирани. Но, не смее да се претерува. Природните несреќи со катастрофални последици не се тема и настан од која треба да се прави медиумски профит.

Новинарите треба да останат докрај професионални и на висината на задачата кога известуваат за природни трагични катастрофи, да го знаат своето место и местото на сите други за време на стихиите и секогаш да ги предвидуваат нивните идни чекори во согласност со развојот на настаните на теренот.

Извори за медиумско известување за време на природни катастрофи:

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести