verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како Американецот Хојт Ји беше „сервиран“ на македонската новинарска „шведска маса“!?

on 22 - 04 - 2015       
dsc_0098_0
Хојт Брајан Ји. Фото: Central European Policy Institute (CEPI), 2014

 

На еден последен пример, посетата на високиот претставник на САД, Хојт Брајан Ји, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Азија, Американците (и светот) видоа како во Македонија медиумите се однесуваат со нивни висок функционер – по принципот „шведска маса“. Погледни, избери, земи го она што ти е по вкус, останатото отфрли го!

 

Пишува: Веле Митаноски

 

На актуелната власт треба да ѝ се симне капа по прашањето на завладувањето, инфицирањето и унифицирањето на медиумскиот простор во земјата. По теркот на нивниот исконски идеолог од старото ВМРО, ресенчанецот Лапчев (дотуркал до премиер на царската бугарска влада): малку со арно (пари на граѓаните од буџетот!), малку со ќотек (заканувања и казнувања на непослушните), властодршците успеаја медиумите да ги уредуваат од еден центар. Од снимките што ги објавува опозицијата се гледа дека штабот бил во премиерскиот кабинет, односно кај шефот на тајната полиција, кој во телевизиите – владини коалициски партнери си имал поставено свои „началници“, додека оние од екс-ВАЦ-от „ги средил“ според музичкиот став. Пицикато!

Каква е штетата на домашен план, се гледа одамна. Каква ќе биде на меѓународен, гледаме од вртоглавиот пад на рејтинг-листата во медиумските слободи, односно извештаите од Европската комисија, а ќе има уште многу, многу што да гледаме. На еден последен пример, Американците (и светот), видоа како во Македонија, медиумите се однесуваат со нивни висок функционер – по принципот „шведска маса“. Погледни, избери, земи го она што ти е по вкус, останатото отфрли го! Во Република Македонија деновиве престојуваше високиот претставник на САД, Хојт Брајан Ји, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и за Азија. Се сретна со премиерот Никола Груевски, со шефот на дипломатијата, Никола Попоски, со коалицискиот владин партнер, Али Ахмети од ДУИ, омбдусманот Мемети, опозицискиот лидер Зоран Заев. Интересно е да се види како на еден конкретен случај медиумите известуваа низ призмата на припадноста, блискоста, наклонетоста, зависноста, клиентелизмот – политички и економски.

 

ПРЕСЛИКУВАЊЕТО НА ПОЛИТИКАТА ВО МЕДИУМИТЕ

Нема да навлегувам во тоа што медиумите немаа еднаков интерес за средбите на Ји со Заев, со Ахмети или со омбдусманот, на пример, со онаа со Груевски. Тоа е прашање на личен избор, иако нема ништо заедничко со принципот на избалансираноста во известувањето. Ќе ги истакнам подрастичните примери на заземање страна, видливата поделеност, пресликувањето на политиката. На пример, како што политичарите, во согласност со парцијалните интереси се поделени, на оние што бараат политичка, односно правна разврска, така и медиумите се поделија на линијата: што кажал гостинот за прислушувањето, односно како ја нагласил потребата од враќање на опозицијата во Собранието.

Кабелската телевизија „24 Вести“ и во насловот Меѓународната заедница притиска за истрага за содржината на „бомбите“ и во текстот, потпирајќи се на изјави на политичките аналитичари, акцентот го става на надворешниот „притисок за истражување на можните злоупотреби на владините функционери кои беа презентирани во прислушуваните разговори што ги објавува опозицијата“. Како соговорници избрани се професорите Денко Малевски, односно Ненад Марковиќ. Истовремено, најавува дека Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ би требало да усвои заклучок во кој, меѓу другото, ќе ја истакне потребата од истрага за содржината на телефонските разговори.

Со друг текст на истата тема: „Експерти: САД со директни пораки до Владата за надминување на политичката криза“, „24 Вести“ прaви баланс во изборот на соговорниците (Петар Арсовски, односно Димитар Мирчев). Според Арсовски, Ји испратил јасна порака до Владата дека сега таа има најголема одговорност да го среди нарушениот систем на ред, правила и на законитост. Професорот Димитар Мирчев, пак, вели дека пораката на Ји е дека сами треба да си ја решиме кризата.

„Плусинфо“ спаѓа меѓу медиумите кои ставаат акцент на прислушувањето, уште и во насловот: „Мемети и Ји загрижени поради прислушкувањето“:

„Двајцата соговорници изразиле загриженост поради прекршувањето на правото на приватност со масовното прислушување и сериозноста од последиците кои можат да произлезат од евентуалното нерасчистување на случајот“, стои натаму во текстот.

Телевизија „Телма“, во извештајот од средбата со Заев, го цитира Ји: „Сите страни да се однесуваат одговорно“. Натаму цитира:

„Ји по средбата изјави дека од својот соговорник побарал да најде начин СДСМ да се врати во Парламентот, заедно со сите засегнати страни да се однесуваат одговорно со цел да се надмине политичката криза, но и оти Владата треба да ја адресира содржината на разговорите.“

„Утрински весник“ во насловот на сублимиран текст за сите средби и разговори, ги извлекува зборовите на Хојт Ји: „Има доволно информации да се отвори истрага“, а во поднасловот вели: „Ако Владата гарантира дека ги сфаќа сериозно обвинувањата и тврдењата – очекуваме така и да постапи“.

 

 ЕДНИТЕ ЗА ВРАЌАЊЕ ВО СОБРАНИЕТО, ДРУГИТЕ ЗА РАЗГОВОРИТЕ НА ЛЕНТИТЕ

„А1 он“ во извештајот од средбата со Заев, ја нагласува потребата од продолжување на евро-атланските интеграциски процеси. Насловот е: „Хојт Ји: Двете страни да изнајдат решение, а Владата да ги истражи сите обвинувања“.

„Силно веруваме дека има можности за натамошна интеграција на Македонија во европските и евроатланските институции и тоа треба да биде примарна цел и на опозицијата и на владејачката партија и Владата“, се пренесуваат зборовите на Хојт Ји, кој додава дека разговарале и за скандалот со прислушувањето.

„Како што знаете, ние веруваме дека многу е важно е двете страни да бидат одговорни, да изнајдат решение за кризата, а владата да ги истражи сите околности и обвинувања за прислушувањето и корупцијата. Како што му кажав на Заев, за една демократска земја, многу е важно и опозицијата да се врати и да учествува во работата на Парламентот“, изјавил Ји.

Весникот „Вест“, насловот го извлекува од констатацијата на Ји дека власта треба да сериозно да ги земе предвид обвинувањата на опозицијата за прислушувањето, исто како што таа ги сфаќа обвинувањата кон лидерот на опозицијата Заев. Во извештајот за средбата со премиерот Никола Груевски, се наведува:

„Особено важен аспект е можната корупција, можното влијание на Владата врз медиумите, можните изборни злоупотреби и други можни злоупотреби на моќта на власта.“

Хојт вели дека е важно „Владата да ги спроведе своите обврски и да ги одржи основните демократски вредности наведени во македонскиот Устав, да ги задржи, одбрани и да ги унапреди“. САД се надеваат дека „опозицијата ќе може да се врати во Парламентот што е можно побрзо за да ја игра својата демократска улога за која е избрана да ја има“.

„Нова Македонија“ беше најекстензивна во известувањето, со напор да изгледа избалансирано, меѓутоа од нијансите се гледа и нешто друго. Насловот е: „Опозицијата да се врати во Собранието и да се расчистат сите сомневања и индиции за криминални дејства што произлегуваат од прислушуваните разговори“. Текстот, пак, почнува: „Да се најде начин СДСМ да се врати во парламентот и да се истражат наводите за криминал и за корупција во владејачките структури“.

На картата за „Враќање на опозицијата во Собранието“, заеднички играат „Сител“, „Вечер“ и МРТ. „Сител“ во текстот „Хојт Ји побара од Заев СДСМ да се врати во Собранието“, прави чекор повеќе, внесувајќи свои зборови во устата на Ји, како на пример „незаконското прислушување“ и слично. Еве што Ји рекол, а што му е додадено: „Како што знаете, постои силен интерес во врска со скандалот за прислушувањето. Јас како и вчера така и денеска порачав дека сите страни треба да се однесуваат одговорно, да бараат начини за излез од кризата“, рече заменикот помошник државен секретар на САД Хојт Ји во изјава за медиумите.

Поентата на МРТ, искажана во насловот е следна: „Хојт Ји: Опозицијата да се врати во Собранието, одговорно однесување од сите страни“. Еве цитат:

„Заменик-помошникот државен секретар за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји ги повтори вчерашните ставови. Од Заев побарал да се однесува конструктивно, опозицијата да се врати во Собранието, а Владата целосно да го истражи случајот за наводите за злоупотреба и корупција.“

„Вечер“ во текстот со наслов: „Хојт Ји на средба со членовите на ДИК“ се повикува на соопштение на Државната изборна комисија:

„Изборни нерегуларности во помал обем се случуваат и во развиени демократски земји, но сторителите на направените нерегуларности сносат одговорност. Доколку тоа не се случи и во Република Македонија може да се доведе под прашалник и нејзиното членство во ЕУ и НАТО. Изборните нерегуларности влијаат врз интегритетот на институциите во државата.“

„Канал 5“, во известувањето ја држи позицијата на државната информативна агенција МИА. Нивната поента е: „Сите страни да се однесуваат одговорно, опозицијата да се врати во парламентот“.

 

РЕЛАТИВИЗИРАЊЕ ВО ШТАПСКИ УРЕДУВАНИТЕ МЕДИУМИ

Како што се гледа од изнесените примери, дијапазонот во известувањето се шири од „Американецот Ји му покажа жолт картон на Груевски“ (Слободен печат), до релативизирање во штапски уредуваните медиуми. Во професијата ѝ припаѓам на онаа школа, која инсистира на добар наслов, на наслов како провокација. Тоа е наследство од „вечеровата школа“ од времето кога весникот го уредуваше Мирко Миронски. Од двата дневни весници на НИП „Нова Македонија“, едниот – „Нова Македонија“, беше официјален, повеќе клиширан, за разлика од „Вечер“, кому му беше дадена слобода малку да импровизира, ако ништо друго, барем со насловите. Беше помал и со форматот, а многу, дури и драстично поголем – по читаноста. Умешноста да се избере наслов кој ќе привлече, ќе ве провоцира да го прочитате текстот (во тоа време на печатеното новинарство), ги дава ефектите особено во сегашното време на електронското, сајбер-новинарство.

Публиката нема време сè да прочита, медиуми и „медиуми“ има „колку во гора лисја“, па така, ако ништо друго, ќе поминеме преку насловите. Тоа, пак, во политичка смисла, го искористија вештите спин-мајстори, кои, уште со насловот ја искажуваат политичката блискост, односно постигнуваат големи ефекти во таканареченото „сугестивно новинарство“. На примерот што го анализирам, тоа го прават и блиските до власта и оние што сакаат да бидат неутрални и избалансирани, и оние што повеќе симпатии имаат кон опозицијата.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести