verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како „300 пилот-проекти за вработување“ станаа „вработување на 300 пилоти“

on 9 - 10 - 2019       

[Рецензија: Видео: Заев ветил дека ќе вработи 300 пилоти од Арачиново?]

Написот што го рецензираме не нуди докази за наводното ветување на премиерот Зоран Заев дека ќе се вработеле 300 пилоти од Арачиново. Критинк побара став од Владата, но оттаму нè упатија на одговорот од СДСМ, кој, пак, демантираше дека е дадено вакво ветување.

Линк до оригиналниот напис: Видео: Заев ветил дека ќе вработи 300 пилоти од Арачиново?

Датум и време на објава: 08.10.2019

Датум на рецензија: 09.10.2019

Рецензира: Силвана Жежова

Премиерот Зоран Заев ветил дека ќе вработи 300 пилоти од Арачиново, но ветувањето не го одржал. Во вечерашната дебатна емисија  “Click Plus” на ТВ21 се пожалија дека премиерот не го исполнил ветеното. Жителите на Арачиново рекоа дека им било ветено дека ќе бидат вработени 300 пилоти од Арачиново.

Во текстот што го рецензираме не е проверена вистинитоста на информацијата изнесена од страна на граѓанин дека премиерот Зоран Заев ветил вработување на 300 пилоти од Арачиново. Бројката е надвор од разумот, бидејќи од секоја втора куќа во селото би требало да произлезе таков кадар. Информацијата требало да биде проверена, бидејќи предизвика голем број реакции на социјалните мрежи, но беше споделена и од голем број на медиуми. Настрана фактот што од снимката, која е објавена заедно со веста, се гледа дека жителите на Арачиново не се пожалија на ништо, ниту, пак, рекоа дека ним им било ветено, туку тоа го кажа само едно единствено лице, кое во демантот на СДСМ е именувано со име и презиме.

СДСМ ја оцени како лажна вест изјавата на локалните жители од Арачиново, дека им ветиле вработување на 300 пилоти.

Лица со низок кредибилитет, лажат дека им било ветувано дека ќе се вработат 300 пилоти, тоа не е точно. СДСМ најостро ги демантира лагите изнесени во телевизиската емисија „Клик плус“ на ТВ21, дека наводно на жители на Арачиново им било ветувано дека ќе бидат вработени дури 300 пилоти. Тоа не е точно. Станува збор за класични лажни вести изнесени од страна на извесен Шаби Билали, лице со сомнителен кредибилитет – се вели во демантот на СДСМ.

Од друга страна, пак, ТВ21, од каде потекнува првичната куса вест и снимката, реагираше на демантот на СДСМ и оттаму велат дека „ТВ21 не ги поседува ресурсите кои ги има СДСМ за да го верификува идентитетот на одредена личност и неговите податоци во реално време, во живо, надвор од своите телевизиски студија, во општина каде е гостин.“

Концептот на „Одајата“ можеби изгледа туѓ, но има правила и за домаќинот, но и за гостите. Затоа, реакцијата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за преносот на тоа што го нарекува лажна вест “од страна на лице со сомнителен кредибилитет, оти лаже дека на жителите им е ветено вработување на 300 пилоти“ ТВ21 го смета за навредливо и неетичко“ – се вели во реакцијата на телевизијата.

Иако телевизијата ја емитува емисијата во живо, проверката на информациите може да следува подоцна, односно изјавата на граѓанинот може да биде појдовна точка за дополнителна проверка на дадено, но нереализирано ветување. Доколку самиот медиум направел проверка на едно вакво флагрантно ветување и потоа наодите од таквата проверка биле објавени (во некој од ТВ дневниците на телевизијата, на пример), немаше да има потреба од демантот на партијата, која во овој случај е обвинета за неисполнување на таквото ветување.

Денес, пак, и премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата, на новинарско прашање за ветувањето на Владата за вработување на 300 пилоти од Арачиново рече дека треба да се внимава на лажни вести како што е оваа.

Сме ветиле работи за кои постојаТ пилот проекти и ја доживуваат сега својата имплементација. 300 пилоти не сме ветиле, ниту државата има потреба од толку, ниту имаме таков ресурс, а не пак, Општина Арачиново. Со должна почит, има сериозни капацитети во Арачиново за сите профили на дејности, но за 300 пилоти нема ни во мое Муртино, ни во Арачиново, ниту во Скопје – рече Заев.

Оваа вест, која овде ја рецензираме, не е пренесена во живо, туку е преземена од оргиналната вест од ТВ21 и дополнета со информации од пропратното видео, кое било на располагање. Но, и во овој случај повторно нема проверка на информациите содржани во неа. Посебно што вакво ветување е крајно нелогично и морало да предизвика сомневање и дополнителни проверки.

Проверката на изнесените информации, кои можеби не се добро разбрани или се погрешно протолкувани, е уште позначајна зашто нив ги пренесоа голем број на медиуми. Оттука произлегува и одговорноста на секој медиум за изнесеното тврдење. Непроверените информации оставаат простор секој да ги толкува како сака.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести