verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Каде се ставовите на медиумите кога се навистина потребни

on 29 - 01 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Европскиот парламент во заседание. Фото: rosipaw.

Европскиот парламент во заседание. Фото: rosipaw.

Моќта на медиумите во креирањето на јавното мислење е нож со две острици. Што е подобро – да си резервиран или експониран?

 

Покрај пренесувањето на мислењето на експертите и политичарите, и медиумите треба да заземат став за важни прашања од државен интерес. Таквиот став ќе влијае и врз публиката, и врз политичарите во земјата, но и врз европските брокери на моќта.

 

Пишува: доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Медиумите во Република Македонија премногу еднолично ги користат и презентираат агенциските вести за прашања важни за позицијата на земјата и нејзиниот третман во европските институции . Известувањата од работата на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент потврдуваат дека новинарските мислења и коментари не се својствени на најголем дел од нив.

Една таква вест за која деновиве се известуваше, е предлог-резолуцијата која европратеникот и известувач за Македонија, Ричард Ховит, ја поднесе во Европскиот парламент, а се однесува на Република Македонија. Буквално нема електронски, печатен или интернет медиум кој не извести за оваа резолуција, при што во најголем дел беа користени информациите објавени на страната на државната информативна агенција МИА.

Во извештајот објавен од дописникот на МИА од Брисел детално се наведени сите амандмани дадени од страна на известувачот Ховит, меѓутоа дадени се и квалификации со кои се посочува дека определени предлози на европратеникот не се прифатливи за нашата земја. Термините што притоа се употребени (загрижува, опасно), се квалификации на дописникот, кои дел од медиумите што презеле делови од извештајот, ги толкуваа речиси на истиот начин и во контекстот даден во изворната информација. Само понекаде се селективно употребени.

 

И изборот за што ќе се известува претставува презентирање на став

 

Дописникот на МИА како посебно загрижувачки го издвојува 11-иот компромисен амандман од резолуцијата според кој

„Европскиот парламент е загрижен дека понатамошното одложување на отворањето на пристапните преговори би можело да создадат неразумен диспаритет во регионот што би можело да претставува дополнителен ризик за добрите меѓуетнички односи и чувство кај сите македонски граѓани дека се оставени назад. ЕП ги осудува сите видови на ултранационализам во земјата и повикува на анти-дискриминациски политики и толеранција во општеството без оглед на верата, етникумот или јазикот.“ МИА

Но, исто така, и делот од извештајот каде стои дека:

„ЕП бара акција по прашање за да се избегне поделба и потенцијални конфликти по етничка линија меѓу децата на училишна возраст. Во исто време се истакнува важноста на промовирање инклузивно двојазично образование и двојазичност во целина, а особено во општините каде немнозинските заедници треба да се здобијат со уставно право да го користат својот јазик во јавниот живот и официјалните акти.“

Овој дел од извештајот на дописникот на МИА беше искористен во насловите на речиси сите медиуми што ја пренесоа веста:

  • Европратениците побараа Ховит да го исфрли барањето за двојазичност и зборот „ултранационализам” во Резолуцијата за Македонија- СИТЕЛ;
  • Ховит бара двојазичност во Македонија?-ВЕСТ;
  • Барање до Ховит да ја исфрли двојазичноста и зборот „ултранационализам” во Резолуцијата-Пресс 24;
  • Ховит да ја исфрли двојазичноста и зборот „ултранационализам” во Резолуцијата- Нова Македонија;
  • Идејата за двојазичност на Ховит го разбранува европскиот парламент- Канал 5 се само дел од насловите но ги има уште многу – види на ГРИД МК

Генерално во текстовите беа пренесени ставовите на Ховит, но и на европарламентарците кои реагираа против ваквите заложби на европратеникот, поткрепени со нивни лични размислувања и искуства од нивните земји.

„Кога зборуваме за двојазичноста дали тоа значи дека еден дел од населението треба да го учи албанскиот јазик, бидејќи ако во Словачка некој ми каже дека морам да го учам унгарскиот јазик, ќе протестирам многу драматично“, изјави Едуард Кукан, известувач во сенка за Македонија од групата на Народните партии. АЛФА ТВ

„Идејата да ги присилиме луѓето да го учат јазикот на другиот сметам дека е чекор предалеку. Сметам дека е предалеку на патот на мешање во внатрешните работи на една земја-кандидат, идна членка на Унијата и суверена земја, да и кажуваме кој јазик да го учат или не“, изјави Чарлс Танок од групата на Народните партии. АЛФА ТВ

Овие и другите слични изјави на европарламентарците, кои станаа во одбрана на сувереноста на државата Република Македонија и нејзиното население само да си ги регулира внатрешните прашања, требаше да бидат само еден од аргументите на кои медиумите се повикаа кога во преземените информации можеа да внесат свои ставови околу резолуцијата на Ховит.

 

Политичарите си го кажаа своето

 

Мал дел од медиумите побараа мислење на експерти и познавачи на меѓународната политика за тоа зошто Ховит претстави компромисни амандмани кои повеќе и конвенираат на грчко-бугарската коалиција во Европскиот парламент (Нова Македонија). А, уште помалку, пак, зазедоа став во рубриките наменети за таа цел во нивните медиуми.

,,Секој евентуален однос кон земја-кандидат различен од односот кон земја-членка, носи предизвик за кредибилитетот на проширувањето. Ако промовирате принципи во Македонија, промовирајте ги истите и во сите останати земји-членки и кандидати на ЕУ. Ние први ќе ве поддржиме да успеете, затоа што веруваме во успешен европски проект,“ е пораката на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, до известувачот Ричард Ховит. Вест

,,Европаpламентарците всушност ја препознаа клучната работа. Дека контрапродуктивно е однадвор да му се наметне на некој да прави нешто за што и самите земји-членки на ЕУ не се подготвени и дека не треба во таа институција, далеку од Скопје, да се отвораат нови спорни внатрешни прашања што може да создадат меѓуетничка криза.“ Нова Македонија

Кон нив се приклучува една од уредничките на Утрински весник, која во својот коментар се осврнува и на болните прашања кои нашата земја и „лојалните“ новинар(к)и се обидуваат да ги занемарат. Меѓу другото таа пишува:

„Каква ситуација – таква резолуција, би бил најкраткиот коментар на последната предлог-резолуција на Ховит во која, во споредба со претходните, исчезна највредното што го добиваше Македонија од ЕП – оцената дека е онеправдана и дека не по своја вина чека предолго пред вратите на Европската унија. Првпат годинава грчките и бугарските амандмани се прифаќаа со голема леснотија, бидејќи се смени перцепцијата за нашата држава во ЕП и покрај рутински повторената оцена на ЕК дека задоволително ги исполнува критериумите за да добие преговори. Македонија повторно доби од ЕП барање да почнат преговорите „без одлагање“, ЕП повторно предупреди на ризикот земјата да тргне назад, повторно ќе ја проценува штетата од блокадата. Единствен сигнал за некакво помрднување напред е ставот дека преговорите во ОН изгубиле кредибилитет по 20 години, иако не дадоа резултати сите досегашни навестувања дека може да се смени оваа рамка.“ Утрински весник.

Таа проблемот го насочува кон перцепцијата која ЕУ ја има за нашата земја и која беше презентирана од страна на известувачот Ховит, но не заборава да го спомене ниту ултранационализмот, кој најмногу ги загрижи другите медиуми, а целата состојба ја постави во регионални рамки посочувајќи пример од соседството:

„Ховит вметна и нова квалификација, ултранационализам, наводно за да направи разлика од појавата на национализам – патриотизам. Без оглед што тврди дека тоа се однесува, генерално, на земјите-кандидати за членство во ЕУ, наивно е да се верува дека прстот не го впери баш во Македонија, во која ексклузивно се случува ваква појава. Впрочем, Србија ги започна преговорите со ЕУ и речиси без една остварена реформа си одработи политичка одлука во нејзин прилог, само со добрата волја да преговара околу Косово, без да му го признае воопшто статусот.“ Утрински весник.

Демократијата и независноста на медиумите се гледа на различни начини. Еден од нив е и да се каже сопствениот став во вакви случаи кога се навлегува во идентитетот и самобитноста на еден народ на кој припаѓа мнозинското население во државата. Моќта што ја има пишаниот или кажаниот збор применета во вистинско време, на вистински начин и на вистинско место од страна на медиумите ќе им даде многу поголем кредибилитет посебно кога станува збор за вака суштински прашања за Република Македонија.

Со оглед на обемот и видот на пренесени информации во македонските медиуми токму за посочените изјави, медиумската публика најверојатно стекна впечаток дека Европскиот парламент се занимава со прашањето за јазиците на малцинствата во Македонија и нивниот обем на употреба, со национализмот на македонскиот народ и слични за нас маргинални прашања, кои не се во центарот на интерес. Всушност, се поставува дилемата дали сега веќе нацрт-резолуцијата, за која се дебатира, се занимава со работи кои не треба да се приоритет на ЕУ во време кога очекувањата во земјава се насочени кон сосема други работи (дијалог со ЕУ, помош за решавањето на прашањето за името, решавање на безбедносните и економски проблеми).

Фактот што европратениците препознаа опасност за земјата на која ѝ се наложуваат стандарди што не се бараат на земјите членки на ЕУ, или, пак, се остава самите тие да решат како ќе ги регулираат проблематичните точки во секоја земја поодделно, треба да биде охрабрувачкиот поттик за медиумите во земјава да бидат похрабри во презентирањето на ставовите. За тоа постојат новинарските видови (коментар, колумна, мислење на редакцијата, став и сл). Во време кога се настојува да се донесе што е можно подобар закон за медиуми и кога новинарската фела се залага за поголема независност од политиката, не треба да се занемаруваат облиците на искажување ставови кои веќе постојат како форма на новинарско изразување.

На страната Либертас се објави реакцијата на ОМД според која:

„ОМД ја поздравува резолуцијата на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент предложена од Ричард Ховит, во која повторно се препорачува Македонија да ги започне преговорите за пристап во ЕУ. Европскиот парламент досега неколку пати им напомена на Европската комисија и Советот на ЕУ дека Македонија веќе ги исполнува Копенхашките критериуми, но во последно време се повеќе наидуваме на дополнителни услови за почнување на преговорите.“

При што од ОМД :

,,не сметаат дека резолуцијата на Европскиот парламент повикува на воведување двојазичност во Македонија, што беше една од главните критики на резолуцијата на Ховит.“

Во Утрински весник објавено е мислењето на Тодор Пендаров но тој прескокнува преку извештајот на Ховит и коментира за:

„Пристапниот дијалог на високо ниво ни беше даден како шеќерно лижавче, со кое ќе ја надминеме или барем ублажиме горчината од грчката блокада на добивање датум сѐ додека не го решиме проблемот со името.“

Другите медиуми, веројатно во очекување да дојде февруари, кога прогрес-извештајот ќе биде ставен на гласање пред Европскиот парламент, штуро известија за прифатените и отфрлени амандмани. Единствено во извештајот ,,АФЕТ на ЕП ја изгласа резолуцијата за Македонија“, објавен во Телеграф, имаше детално презентирано кои амандмани се прифатени, а кои не.

Како охрабрување кон тоа дека може да се има сопствен став нека служи и ставот на Ричард Ховит, пренесен по изгласувањето на предлог-резолуцијата која ќе биде понудена пред Европскиот парламент, каде тој јасно кажува дека ги слушнал забелешките и дека е подготвен на компромис, односно дека нема по секоја цена да ги брани своите амандмани:

На загриженоста во земјата за нацрт резолуцијата додаден е дополнителен амандман со кој се дообјаснува дека повикот за двојазично образование не е задолжително а предупредувањето против „ултранационализмот“ се однесува на сите земји во ЕУ, не само на Скопје.

Ховит дополнува дека грчкото министерство за надворешни работи го уверило дека претседателството во однос на Скопје ќе го спроведуваат објективно во име на Европската Унија како целина. Нетпрес

Дури тој, како што стои во изворот:

бара од нив да одат чекор понатаму и да го видат ова како можност за двете страни да направат вистински и искрени напори за решавање на спорот за името и да работат кон решение со кое ќе почнат преговорите со ЕУ. Нетпрес

 

Што не треба да заборават медиумите?

 

Кога станува збор за европската перспектива на Република Македонија, медиумите не смеат да заборават неколку работи:

Првата е дека и тие се чинител на тој процес и се под будното око на јавноста –домашна и меѓународна. Не е за потценување нивното гледиште за третманот на земјава од поддржувачите, но и од оние кои ,,не нѐ сакаат“во големото европско семејство. Секој ангажман на медиумите при презентирање на ставовите на новинарската, експертската и политичката јавност во земјава може да биде само дополнителен придонес кон презентирање на вистинското расположение кај нас.

Второ е дека она што не можат (или не смеат) да го кажат политичарите (а го мислат) можат да го кажат новинарите. Ако евентуално претставник на власта (па и на опозицијата) настапи јавно дека не е задоволен од односот на европските институции кон земјава и од условите кои нѝ се поставуваат одново и одново во недоглед, можат да се појават и новинарски реакции од типот дека не сме задоволни и покрај тоа што се прави многу за нас, како и покрај тоа што ја имаме целосната поддршка на европските политичари. Кога новинар(ка) ќе го пренесе вакво свое размислување во колумна, став, мислење или некој друг облик на изразување, нема никој да може да даде забелешка за непринципиелност и непочитување од страна на политичарите на вредностите кон кои се стремиме, а, сепак, пораката упатена до меѓународните фактори ќе биде примена како „глас на народот“.

Трето: сликата која се презентира преку медиумите најлесно допира до граѓаните. Не е залудно речено дека она што не е медиумски покриено е исто како да не се случило. Затоа, со навремено, но и целосно известување за вака важни прашања во земјава, медиумите помагаат да се креира и јавното мислење кое и домашните политичари ќе мора да го прифатат и практикуваат. Тие многу полесно ќе можат да кажат „да или не“ на некој предлог од „добронамерните поддржувачи на земјава“ ако зад него застанат медиумите со поддршката која ја црпат од своите читатели, слушатели или гледачи.

Како илустрација на гореспоменатото: под „Помина времето на „вртење на стрелките на часовникот“ во Дневник, даден е личен став и е упатена јасна порака како се сфатени пораките на Ховит:

,,Откако нѐ поделија, сега тие истите што ни ја направија кашата не сакаат повеќе да нѐ гледаат така разделени и како не се разбираме едни со други, па „незадолжително“ ни предлагаат да почнеме да го учиме јазикот на другиот за полесно да се разбереме, со што, според нив, поточно известувачот за Македонија, Ричард Ховит, ќе се избегне можноста за меѓуетнички тензии и конфликти. Промовирање на овој предлог, предизвика револт кај Македонците, а тоа најдобро говори дека идејата на Ховит не само што нема да значи намалување на тензиите туку може да предизвика нови. Kолку и да беше ублажена формулацијата за „двојазичноста“ во Резолуцијата за Македонија, со самото тоа што воопшто е спомената, може да биде добро алиби за веќе утре албанските политички партии да испорачаат ново барање, а со самото тоа државата да стане трусна, лесно запалива однадвор. А како тоа изгледа, имавме можност да видиме во 2001 година. „Двојазичноста“ според замислата на Ховит, ги надмина сите рамки и рамчиња на договорениот Рамковен договор.“

Или уште посликовито:

,,Токму во државата од која доаѓа Ховит, а која в година ќе одлучува на референдум дали и натаму ќе биде дел од Унијата или ќе излезе од неа, често може да се слушне за безредија во градовите поттикнати од верска омраза. Но, тоа претпоставувам за Ховит не е улратнациознализам и нетолеранција кон различниот, туку таму е „демократски“. Подготвувањето на разно разни стратегии за заштита од напливот на муслимани таму е нормално, а овде тоа е недопустливо и е „ултранационализам“. И тоа во моменти кога европскиот политички мејнстрим е вознемирен поради заканата дека 2014 година ќе се појави најевроскептичниот и антиевропски парламент во историјата, кога на цена се партиите кои сакаат да ја вратат на сцена националната припадност и да го спречат претворувањето на нациите во апстрактни појави.“ Дневник.

Оваа можност ја имаат медиумите – во име на своите читатели, слушатели и гледачи и треба да ја користат.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести