verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Јавниот интерес „јавнат“ од власта

on 9 - 06 - 2015       
11402422_10152750104627583_1424084464526193760_o-kolaz
Фото: Центар за развој на медиумите

 

 

Новинарите работат во атмосфера на цензура и на притисоци, при што загрижувачки размери добиваат пропагандистичкото новинарство и корупцијата на медиумите. Ваква е состојбата во медиумската сфера во регионот, а како што констатираа говорниците на Конференцијата, во Македонија таа, за жал, е најлоша.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Познатиот цитат на третиот американски претседател и автор на Декларацијата за независност на САД, Томас Џеферсон (13.04. 1743 – 04.07.1826):

„Основата на работата на секоја влада треба да биде мислењето на народот. И ако јас треба да одлучам дали да имаме влада без весници или весници без влада, ниту за миг нема да се двоумам да го одберам второто“ 

изгледа вчудовидувачки и нереално за македонски услови, но и во нашето балканско опкружување, па и пошироко во регионот. Оваа мисла на Џеферсон, искажана пред повеќе од два века, многу прецизно го лоцира значењето на слободата на печатот и неговата клучна улога за здравјето на едно општетсво. И, не случајно беше повеќепати цитирана за време на регионалната Конференција насловена „Медиумите и јавниот интерес – ризици и предизвици“ (3 јуни 2015 година), на која учествуваа претставници на медиуми и на граѓанскиот сектор од  Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Унгарија.

На дебатата која се водеше во  хотелот  „Холидеј ин“ во Скопје (организирана од Центарот за развој на медиуми и од Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија), домашни и странски новинари и експерти расправаа зошто речиси 25 години по промената на стариот систем, слободата на  медиумите е ставена под голем прашалник. Новинарите работат во атмосфера на цензура и на притисоци, при што загрижувачки размери добива пропагандистичкото новинарство и корупцијата на медиумите. Ваква е состојбата во медиумската сфера во регионот, а како што констатираа говорниците на Конференцијата, во Македонија таа, за жал, е најлоша.

 

СЀ НАЈДОБРО ЗА ВЛАДАТА

Мартина Силвестри од Проектот на Советот на Европа за промоција  на слободата на изразување и информирање и слободата на медиумите во Југоисточна Европа (ЈИЕ), истакнува дека е многу важно како една информација се пренесува во јавноста. Тоа треба да се прави без да се фаворизира или, пак, заштитува одредена личност или политичка партија. „Има лица, како што се политичарите и бизнисмените, кои треба да  треба да покажат повисок праг на толеранција за отворена критика“,  смета Силвестри.

Но, во каков општестено-политички амбиент функционира македонското новинрство, колку објективно се известува за настаните и каква слика се создава во јавноста.

Петрит Сарачини од Македонскиот институт за медиуми вели дека во Македонија се случува узурпација во сите сфери, дека на власт е елитата која знае што точно им треба на граѓаните, а премиерот е главниот архитект!

„Јавниот интерес е киднапиран. Се премолчуваат „бомбите“ на опозицијата, протестите на студентите, а владејачката партија преку корумпирање на медиумите ја турка својата агенда“, вели Сарачини.

Според директорот на информативната редакција на „Алсат-М“, Мухамед Зеќири, прислушуваните разговори јасно покажаа дека високи владини и партиски функционери ги креирале и ги уредувале вестите во повеќе медиуми.

„Видовме дека вистинските главни одговорни уредници во тие медиуми  биле шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер, додава Зеќири.

Новинарот Герго Салинг од  Центарот за истражувачко новинарство, вели дека владата на Виктор Орбан, како и македонската влада, е најголемиот огласувач  во медиумите. „Владата никој не ја критикува бидејќи ги поткупи медиумите со реклами“, раскажува Салинг, кој пред една година добил отказ бидејќи објавил текст кој не му се допаднал унгарскиот премиер. Притоа напоменува дека спасот нема да дојде однадвор, туку самите треба да се се избориме за слободата во информирањето.

 

„НЕ ВОЗНЕМИРУВАЈТЕ ГО ПРЕМИЕРОТ“

Професорката на Факултетот за политички науки во Загреб, Гордана Виловиќ, вели дека ситуацијата со медиумите во Хрватска не е така лоша како во Македонија.

„Вие како новинари сте во малку полоша состојба, бидејќи не сте прифатени како коректор на власта, а ниту една власт на светот не може да се одржи ако нема некој што ја контролира. Луѓето кои се во власта честопати можат да се оддалечат и од народот и од јавноста, а тоа е погубно бидејќи едноставно губат критериуми и почнуваат да се однесуваат како да се избрани од Господ, а не од народот“, вели Виловиќ.

Виловиќ истакнува дека медиумите се „четвртата власт“ и нивната улога е основа на секое демократско општество.

За комуникологот Климе Бабунски е нерелано да се очекува „четвртата власт“ да биде во функција на јавниот интерес во земја во која, според него, политичарите се најголеми криминалци, а судиите и обвинителите се нивни „јатаци“ .

„Не верувам дека медиумите ќе успеат во вакви услови да ги скротат трите власти и да го извадат јавниот интерес на јавна сцена“, вели Бабунски.

Новинарката на хрватската телевизија „Нова“,  Данка Дерифај, работи како истражувачки новинар во емисијата „Проверено“. Таа вели дека и во нејзината земја новинарите се соочуваат со економски и со политички притисоци, дека во работата наидува на опструкции и на закани од центрите на моќ, но, како што рече, „ниту од далеку не е страшно како тука“! Дерифај, инаку, неодамна го привлече вниманието на македонската јавност кога премиерот отвораше кружен тек во Порта Влае во Скопје (8 мај 2015 година), а таа си „дозволи“ да го праша дали ќе си поднесе оставка, па тој налутено ѝ возврати:

„Ве молам, ако може да ме оставите да работам!“

И во Србија, како и кај нас, е присутен трендот владините функционери да не одговараат на критички новинарски прашања, туку да возвраќаат со контрапрашања и да ги обвинуваат новинарите дека се странски платенци. Како што е примерот со БИРН, која по објавувањето на текстот за проблематични јавни набавки го навлече гневот на српскиот премиер и беше етикетирана дека „се финансира од ЕУ да пишува против спрската влада“.

За илустрација како силната пропагандна машинерија во Србија го преклопува вистинското новинарство, новинарката Јелена Васиќ од Мрежата за истражување на криминал и корупција, КРИК, од Белград, го посочува истражувањето на насловните страници на десет најчитани дневни весници.

„Добиен е многу интересен податок дека премиерот Александар Вучиќ во 2014 година се појавил на насловните страници на весниците 887 пати. А од тоа, само шестпати во негативен контекст. Тоа е информација која зборува сама за себе“, вели Васиќ.

 

РИСОТ И ИСТРАЖУВАЧКОТО НОВИНАРСТВО

Новинарките Мери Јордановска од БИРН Македонија и Сашка Цветковска од видеопорталот „Нова“, велат дека е исклучително напорно да се биде истражувачки новинар во Македонија. Тешко се демистифицира „портокаловата слика“ во ситуација кога власта ги контролира главните медиуми и кога секој што мисли поинаку се етикетира како предавник и „соросоид“. При пишувањето на сториите наидуваат на најразлични опструкции и мачно ги добиваат информациите од јавен карактер, иако има Закон за слободен пристап до податоци од ваков тип.

Новинарот Саше Димовски истражувачкото новинарство кај нас го споредува со македонскиот рис, како животински вид што исчезнува. Но, вели тој, рисот е заштитен од државата, а македонските власти прават сѐ што може само да го снема истражувачкото новинарство.

Директорот на Медија центар Сараево, Боро Контиќ, влијанието на политичките центри на моќ врз медиумите го споредува со ширењето на влагата по ѕидовите. На новинарите им порачува во триаголникот медиуми-политика-јавност да се наметнат со професионализам. Па, иако секоја власт сака да има контрола на медиумите, особено на јавниот информативен сервис, новинарите да не заборават дека „главниот договор го потпишуваат со публиката – јавноста, а не со газдите на медиумите“.

Притисоците врз медиумите и (не)слободата на говорот се забележани во сите извештаи на ЕУ за напредокот на Македонија во последните неколку години.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести