verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Јавнат радиодифузен сервис

on 27 - 01 - 2015       
Покрај ваква зграда и вакви шарени логоа за ТВ каналите , кому му треба квалитетна телевизиска програма? Фото: Yemc, Википедија. Kолаж: СПФМ
Покрај ваква голема зграда и вакви шарени логоа за ТВ-каналите, кому му треба квалитетна телевизиска програма? Фото: Yemc, Википедија. Kолаж: СПФМ

 

„Нашиот јавен сервис повеќе е јаден отколку јавен! Граѓаните, во однос на МРТВ, се еднакви само во плаќање претплата, не и во однос на услугите што ги примаат од јавниот сервис“, вели доајенот на македонското новинарство, колегата Иван Бојаџиски од Штип, поранешен член на Советот и претседател на Програмскиот одбор на МРТВ.

 

Пишува: Веле Митаноски

 

„Хоће ли слобода умети да пева као што су сужњи певали о њој!“

(„Ќе умее ли слободата да пее за заточениците така како што тие пееја за неа?“)

Стихот е позајмен од една песна на српскиот поет Бранко Милковиќ, истиот оној кој ги остави и заветните зборови: Ме уби пресилниот збор! По слободата (на информирањето) пеат, во сѐ поголем глас, и македонските новинари, не само со случајот Кежаровски. Тој е само фон на една песна која сѐ повеќе ќе се шири и во која учество ќе земаат сѐ поголем број граѓани. Македонија срамежливо, но сѐ поупорно покажува дека имала јавност. Најнапред со „Студентски“, а потоа со „Професорски пленум“, еве сега и со новинарскиот. Слободата и демократијата ниту некогаш ќе бидат доста, ниту, пак, некој ќе ви ги сервира на тацна. Уште славниот Томас Џеферсон прокламираше дека дрвото на слободата, одвреме-навреме, треба да се освежува со крвта на патриотите и на тираните! Патот до вистината е долг и целосно опкружен со неранимајковци, подучуваше Александар Јаблоков, додека идолот на нашата младост, Џон Ленон, пееше: „Живеењето е лесно со затворени очи…“ (Living is easy with eyes closed…“)!

Тиранијата е плевел кој сам од себе не се искоренува. Особено во време и во земја каде завладеале кичестата грандиозност и псевдорелигиозната естетика, веќе видливи на секој чекор. Овде „на Балканите“, во земјите проблематични деца на Европа, потребно е спротиставување, потребна е сила. Но, сила со идеја зашто само тоа е револуција, а силата без идеја е насилство. Ова ми остана од големото име на некогашното грандиозно југословенско новинарство, горостасот Предраг Милоевиќ. Ја имав привилегијата со него една недела да другарувам во Охрид, да се напојувам од неговото акумулирано новинарско искуство. Само еден податок за неговата грандиозност: За дневниот весник „Политика“ известуваше од процесот против Георги Димитров, за палењето на Рајхстагот. Неговата книга, „О људима и ќудима“ (За луѓето и за карактерите), ја препорачувам за основна новинарска алатка.

 

ПРОБЛЕМОТ Е ВО ДРЖАВНИОТ ИНТЕРВЕНЦИОНИЗАМ И ВО ВЛАДИНОТО РЕКЛАМИРАЊЕ

Во земјите проблематични деца на Европа, државници и патриоти се само оние што крадат државни пари! „И ние сме Кeш – ароски“ врз фотографија со група македонски „државници“ осамна на социјалните мрежи. Во земја со испревртени вредности, професионалниот универзитетски педагог, случаен претседател, одлучува „државнички“. Ернест Кремчар, лекар, психијатар, знаел да каже: „Вo нормални времиња духовно болните се наши клиенти, во ненормални, ние сме нивни пациенти!“ Главниот и одговорен уредник на информативната програма на МРТВ, Горан Петревски, вели дека телевизијата само еден ден направила пропуст да информира за Кежаровски!

– Не е точно дека не известуваме за случајот на Кежаровски, само еден ден имаше пропуст. МРТВ го поддржува новинарот Томислав Кежаровски и сакаме што побрза разрешница на случајот, вели за „НОВА“, Горан Петрески.

Никој не оспорува дека и таму има некој доблесен професионалец, но проблемот е што таму нема клима за професионални принципи, за застапување на различните интереси во општеството, за обезбедување рамноправен пристап, за слобода и за плурализам на изразување на јавното мислење. Еве една споредба: На ХТВ и РТС секој ден има по неколку дебатни емисии во кои се соочуваат разни погледи за важни општествени прашања. Позицијата не дебатира без опозицијата кај Оливера Ковачевиќ, односно Александар Станковиќ не ги менува професионалните аршини според тоа кој и од која политичка провиниенција му дошол за гостин. Дебатира експертската јавност, професори, политиколози, педагози, психолози, социолози… Всушност, на таков начин функционира совеста на тие општества, за разлика од кај нас, каде гледаме само еднодимензионална слика на јавни настапи на исти личности.

 

ДОЛНО ДУПЕНИ НЕ Е ИСТО ШТО И ШПИЧКОВИНА!

Нашиот јавен сервис е нагласено партиски (владин), во однос на јавните сервиси на Хрватска, Србија, БИХ, или Словенија. Не може да се види ниту промил критика на каква било владина политика. За разлика од МРТВ, на ХТВ, РТС, БХТ секоја информативна емисија, посебно централните дневници, им почнуваат со критички информации за лошите потези на власта. Еве еден пример: Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ посака „малку“ да се фали пред јавноста, па група свои критичари ги нарече „интелектуалци од Шпичковина!“. Отприлика, како кај нас да кажете „долнодупенка“! ХТВ пушти репортер во селото и на селаните им даде можност да кажат сѐ што мислат за премиерот. Значи, проблемот не е во минутажата и дали новинарите од МТВ го поддржуваат Кежо или не!?

– Нашиот јавен сервис повеќе е јаден отколку јавен! Граѓаните, во однос на МРТВ, се еднакви само во плаќање претплата, не и во однос на услугите што ги примаат од јавниот сервис. МРТВ нема дописник од источниот регион каде живеат 300.000 граѓани, a има 100.000 претплатници. Иста е состојбата и во југоисточниот регион, се користат мал број хонорарци – вели доајенот на македонското новинарство, колегата Иван Бојаџиски од Штип, поранешен член на Советот и претседател на Програмскиот одбор на МРТВ.

Со група истомисленици: Кираца Трајковска од „Фершпед“, Атила Клинче од Турскиот театар, Калиопи, покојниот Хисен Шакири, новинар во МТВ и некои други, напоменува Бојаџиски, водевме голема борба за ослободување на сервисот од партиските стеги, но секогаш преовладуваа „силите на редот“ кои не сакаа слободен, одговорен, отворен јавен сервис.

– Кога за член на Советот го донесоа Слободан Чашуле, тој се пројави како најголем поддржувач на политиката на раководството на јавниот сервис. Наместо на граѓаните, МРТВ ѝ служеше на политиката. Во ХТВ, на пример, се промени составот на Советот, Програмскиот одбор. Се променија и уредувачки тимови, но ХТВ си остана доследна на својата улога. Во РТС, во периодот откако Вучиќ дојде за премиер, гледам промени на лошо, односно како РТС полека да ја копира МРТВ, додека Вучиќ, кој не се симнува од екранот, како да го копира Груевски. Дури и неколкупати го посочи како пример на кој сакал да се угледува: „Зошто не би оделе на предвремени избори кога ќе процениме дека треба да си ја провериме довербата кај народог? Па, во Македонија тоа е честа практика откако за премиер дојде Груевски и тој така си ја проверува довербата кај народот. Зошто тоа не би го правеле и ние, тоа е доблесен однос кон својот народ, го цитира Бојаџиски, српскиот премиер Александар Вучиќ.

 

ИНДУСТРИЈАЛИЗАЦИЈА НА СВЕСТА

„Кога еднаш ќе ја изгубиме честа, тогаш сѐ ни изгледа толку едноставно“, вели Лери Хегман. Дедо ми Ангеле, без четврто одделение, прашањата ги разрешуваше многу едноставно: „Да не беше така, не ќе беше вака“, велеше. МРТВ не е од вчера, она што е денес. Била слична и кога ја воделе кадри на сегашнава опозиција. Појдете на кој било од собирите, прашајте кој ги води партиските тела на СДСМ и одговорот сами ќе го добиете. Но, ова што го прави ВМРО-ДПМНЕ е доведено до „совршенство“! Ме потсетува на една реклама за пицерија во Охрид: „Италијанците ја измислија – ние ја усовршивме!“ Само оваа партија испраќала партиски комесари директно од Извршниот комитет во МРТВ (и денеска првенец во државен медиум), само оваа партија со свој човек од фамилијата, директно од Извршниот комитет ги раководи безбедносните служби! Кога тие две работи ќе се спојат, тогаш најмалку е важно дали ние декларативно му посакуваме слобода на Кежаровски или не!?

Струшкиот венценосец, германскиот писател, Ханс Магнус Енцесбергер, во есејот „Индустријализација на свеста“, пишува дека човечката свест се фабрикува на подвижна трака како потрошувачка стока. Во тоа е проблемот. Ова е време на деформација на личноста. Како лавот кога ќе го пуштите од кафез и во џунглата ќе се врти во круг! Ние сме далеку од тоа да имаме јавен сервис – финансиран и контролиран од јавноста. На времето како директор на државното „Радио Охрид“, го уредував и весникот „Езерски глас“. Ме викнаа во „уќуматот“ да си ги „соберам парталите“ затоа што еден од градските челници (беше претседател и на некаков си спортски сојуз), сум го ставил на последната (спортската) страница!Кој ми е виновен кога човекот ниту чул, ниту видел за Ерл Ворен чија што изрека гласи: „Весниците ги отворам секогаш на спортските страници. Таму се забележуваат човечките достигнувања. На првата страница, пак, нема ништо друго освен човечки промашувања!

Партиската држава, во принцип, е едно големо промашување. Таа е куца, саката држава. Оди само на една нога, гледа само на едно око. Нејзината иднина е само: докај куц оди и докај ќор гледа! „Македонија се рони, партијноста ја нагризува државноста“, предупредува Стефан Влахов Мицов, човек кој дури и не е така далеку од актуелната власт. Го имав задоволството да го интервјуирам Мајкл Клос, горостас, ликовен уметник и патриот од Канада, кој, пак, вели: „Татковината се гради и од Торонто, како што може да се разградува и од сред Скопје (!).

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести