Јави се Спасовски или јави се Зврлевски?
Објавено во Рецензии
on 29 - 02 - 2016 Автор: Љубомир Костовски
[Рецензија: МВР се уште не ги уапсило напаѓачите на Тодор Петров, допрва ќе се утврдуваат квалификациите]
Прашањето на легалноста и на целисходноста на подигнувањето на два објекти во северниот дел на Скопје – двоглавиот орел и големиот крст – на вестите што се емитуваа во саботата, 27 февруари, бргу се претворија во наводна дилема: кој го претепал претседателот на Светскиот македонски конгрес и кога сторителите на делото ќе бидат уапсени.
Експресната замена на основната дилема за ова општество – зошто владејачките партии пред секои избори предизвикуваат заострување на меѓуетничките односи – се замагли со поплавата од вести од една кафеанска пресметка во која настрадал еден од актерите на настанот. Во една од вестите за овој настан, која потоа беше пренесувана и по други медиуми, пронајдовме прекршувања на основните новинарски стандарди и на етичките правила во известувањето.
Линк до оригиналниот напис: МВР се уште не ги уапсило напаѓачите на Тодор Петров, допрва ќе се утврдуваат квалификациите
Датум и време на објавување: 27.02.2016
Датум на рецензирање: 28.02.2016
Рецензент: Љубомир Костовски
„По целодневен молк за нападот во кој беше претепан Тодор Петров, МВР излезе со соопштение за немилиот настан. Од таму ги испраќаат основните информации за настанот, но нема приведени и напаѓачите се уште не се уапсени“.
Најпрвин треба да се каже дека своевидниот притисок врз министерот Спасовски, кој обично се нарекува технички, траеше во текот на денот од истиот извор на информации како вест во низa, но со изместување на акцентот. Прво се одеше на тоа да се бара директно од МВР одговор зошто нема соопштение за настанот, а потоа, кога соопштението дојде, се инсистираше на апсење на виновниците…
Да одиме по ред. Предметот врз основа на пријава го води Основното обвинителство (значи да поедноставиме, предметот и одлуката е кај органите со кои раководи Марко Зврлевски), а полицијата само асистира, односно извршува наредби (и тоа додека не се формира посебна полиција која ќе работи само со обвинителството). Значи, за да се добие целосна информација се можело да се постави прашање до надлежното јавно обвинителство до каде е постапката и какви наредби ѝ издале на полицијата.
Полицијата има своја хиерархиска поставеност, а во овој случај настанот е во рацете на градската полиција, а не на Министерството(!). Конечно, кога веќе се бараат дополнителни информации, на што новинарот секако има потреба, треба да ги знае адресите каде да ги бара нив.
Втор важен момент во овој случај е информацијата дека Т.П. е „претепан“, термин што во медиумите пречесто се користи и кога треба и кога не треба, веројатно за да се привлече вниманието на читателите. Но, во овој случај, во речиси сите вести немаме релевантен извештај од медицинскиот центар каде Т.П. е однесен.
Индикативно е дека покрај толку фотографии од болницата, никаде немаме експлицитен доказ за обемот и за сериозноста на повредите. Зошто оттаму, од институцијата каде е однесен „претепаниот“, не е побарана оцена на одговорните? Особено зашто сите такви медицински институции веќе имаат и свои портпароли?
Од лекарската процена, во краен случај, зависи и третманот на настанот во евентуалното кривично гонење на напаѓачите! Оние кои прашале, дознале и информирале дека Т.П. нема сериозни повреди и дека е оставен само на набљудување…
Но, во оваа вест, како и во целиот случај, релевантното и значајното за јавноста станува споредно и обратно. Со тоа повредени се новинарските стандарди за точно, објективно и целосно известување.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни,
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
Посредно и имплицитно може да поттикне
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови