verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Извртени вести и нецелосни информации за жителите засегнати од поплавата

on 21 - 08 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Извртено, половично, бајато, пропагандистички. Фото: скриншот
Извртено, половично, бајато, пропагандистички. Фото: скриншот

 

Малку популизам, малку обвинувања на сметка на опозицијата, Груевски во главен кадар и една бајата вест. Составен дел на вестите беа и најновите случувања во поплавените делови на Скопје, но тие беа нецелосни

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 17.30 часот на 20.08.2016 година]

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ТВ-дневникот почна со веста дека Министерството за финансии отворило телефонски линии за поплавените семејства и ги повикува да пријават во која банка сакаат да го земат авансот што ќе им го додели Владата, во висина од 500 евра. Имаше и изјави од жители на Стајковци, дека животот таму полека се враќал во нормала.

Овој прилог беше нецелосен доколку се погледнат вестите на оваа тема на другите телевизии. На друга телевизија, гледачите, на пример, можеа да слушнат дека тамошните жители ретко се информирани за повикот на Министерството за финансии.

Понатаму, беше пропуштена информацијата дека Владата, која вети 100-процентно обесштетување на поплавените, останатиот дел од исплатата на штетата ќе го врши преку нови заеми, за што предложи и нов ребаланс на буџетот, кој ќе го зголеми дефицитот од 3,6 на 4 отсто од БДП.

Следуваше информација за невремето во Кичево и за расчистените улици во градот по обилните врнежи претходната вечер.

По ова, гледачите имаа можност да слушнат за новата инвестиција на АД МЕПСО, односно пуштениот далекувод Тетово-Скопје. Изјава во прилогот даде генералниот директор на МЕПСО, а главен во кадарот за време на прилогот беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој бараше отчет од директорот на МЕПСО. Ова очигледно беше популистички прилог во корист на Груевски, бидејќи главниот акцент повеќе беше ставен врз неговото присуство, иако нејасно во кое својство, отколку на веста.

Потоа следуваше веста дека агенцијата „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Македонија од ББ плус на ББ, дека виновник за тоа е политичката криза, за која, пак, виновна е опозицијата. Во контекст на ова, како виновници во прилогот беа посочени и протестите против владата, како и опструкциите во работата на Сепацијалното обвинителство.

Она што беше заобиколено во овој прилог е дека агенцијата „Фич“, всушност, ја спомнала политичката криза во својот извештај, но наведува дека таа настанала по објавувањето на големите обвинувања за корупција во февруари 2015 година, која се јавила поради недостатоците во стандардите на владеење.

Во извештајот на „Фич“ е нотирано и намалувањето на економскиот пораст, за кој се посочува дека треба да биде поголем од сегашниот, но се укажува и на задолжувањата.

„По најновиот ребаланс на буџетот повторно има надминување, односно неостварување на фискалните цели што значајно придонесе за значителен пораст на долгот до 40% од БДП до крајот на 2016 година, од 34% од БДП во 2012 година. И овие показатели се далеку под средната вредност од 51% од БДП, но долгот се очекува да остане на нагорен тренд.“

Ова гледачите немаа можност да го слушнат во овој ТВ-дневник.

Подолу следеше вест поврзана со избирачкиот список, дека истекол рокот за пријавување на спорните гласачи и дека ДИК нема законска можност да го продолжи рокот. Во рамки на овој прилог имаше изјава од портпаролот на ДИК.

Поврзано со избирачкиот список, беше пуштена изјава од Оливер Спасовски од СДСМ, според кој, се потврдила тезата на опозицијата за фантомски гласачи, како и реакција на ВМРО-ДПМНЕ, дека СДСМ и понатаму стравува од соочување со граѓаните на избори.

Во контекст на сето ова, изјава даде министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој посочи дека сите услови за избори се исполнети и дека тие сега единствено зависеле од опозицијата.

Министерот Попоски гледачите подоцна повторно го видоа во прилогот на тема летен камп „Ја сакам Македонија“, кој се одржа во Охрид.

Во рамки на црната хроника, имаше само една вест, дека жителка на Матејче се породила и бебето го фрлила во реката зад нејзината куќа.

Потоа имаше една вест за алтернативната кинеска медицина и зголемениот интерес за неа во Штип. Ова беше бајата вест, бидејќи претходниот ден ја имаше на други телевизии и портали.

Во рамки на вестите од земјата имаше уште две кратки вести за смоквијадата во Гевгелија и за Охридскиот маратон.

Во блокот вести од светот, гледачите имаа можност да слушнат само за проблемите на жителите на Калифорнија, која е зафатена од огромни пожари.

Малку популизам, малку обвинувања на сметка на опозицијата, Груевски во главен кадар и една бајата вест. Вака накратко може да се опише овој ТВ-дневник. Најновите случувања во поплавените делови на Скопје, беа неизбежни, но и нецелосни.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести