verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Изворите како неопходен „алат“ во работата на новинарите

on 17 - 01 - 2017       
Новинарските извори - еден од основните предуслови за успешен новинар. Фото: сенки, Emanuele Toscano
Новинарските извори – еден од основните услови за успешен новинар. Фото: сенки, Emanuele Toscano

 

Квалитетните извори на информации се непроценливо богатство за новинарите, бидејќи тие од нив црпат информации, кои се клучна алка во синџирот на подготовка на новинарскиот производ. Особено човечките извори, кои најчесто се почетна точка кон походот по пишани извори (иако може процесот да биде и обратен), треба да се размножуваат, да се негуваат и да се стекнува нивната наклонетост и доверба. Многу, квалитетни, доверливи извори на информации имаат само новинарите кои со нив одржуваат редовна, коректна, срдечна комуникација, која притоа никогаш нема да ја премине границата на професионален однос

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Една од широкоприфатените класификации на изворите која се сретнува во литературата препознава три вида извори:

а) искуствени извори, кои имаат лично и непосредно искуство со настанот или појавата за која новинарот пишува;

б) експертски извори, или извори со стручно знаење за одреден проблем за кој новинарот се интересира;

в) овластени извори, стационирани во институциите, државните органи и јавни установи, чии работни задачи налагаат да ги задоволат барањата за новинарите за јавни информации.

Долгогодишниот македонски новинар и уредник Бранко Героски, во книгата „Биди новинар“, издадена во 2005 година, пишува дека новинарот треба да умее добро да го процени изворот, и тоа не само од аспект на неговиот однос кон информациите со кои располага, односно дали е овластен извор или експерт, туку во поглед на неговите мотиви да ги достави информациите. За таа цел, тој сугерира новинарот да си постави неколку прашања:

Можам ли да се потпрам на него? Многу често се случува новинарот да извиси, бидејќи изворот кој му дал информации официјално, потоа се повлекува од различни причини. Затоа, новинарот треба да биде сигурен во изворот дека утре ќе го издржи товарот на јавното соопштување на одредени информации со негова атрибуција и дека нема да потклекне под притисоци.

Можам ли да ги потврдам неговите информации? Доколку наводите на изворот се сомнителни и дискутабилни, тогаш новинарот мора да ги провери (да ги потврди или отфрли) преку консултација со други извори. Во тој правец, новинарот слободно и без никаков срам може да го праша иницијалниот извор каде може на друго место да ги потврди неговите наводи.

Дали изворот знае што зборува и дали е компетентен? Некој извор можеби е навистина добар експерт во одредено поле, но вистински лаик во друго поле, иако се прави дека знае и подалеку од неговата потесна експертиза. Затоа, новинарот мора да трага по компетентни луѓе во својата област кои ќе ги интервјуира.

Зошто ми кажува, можам ли да му верувам? Правото на јавноста да знае и да биде информирана речиси никогаш не е вистинскиот мотив на луѓето да станат извори на информации за новинарите. Оттука, мора да се внимава кои информации се користат во новинарската работа, со оглед дека има контроверзни информации, од типот на оние од разузнавачки служби, кои треба да се земат со резерва.

 

ПРОФЕСИОНАЛНА ДИСТАНЦА

Во „Водичот за новинарство“ на реномираната британска информативна агенција „Ројтерс“, во делот за изворите, стои дека новинарите треба да градат и да развиваат контакти со изворите, уверувајќи ги дека ќе добијат фер третман, но истовремено новинарите треба да бидат внимателни врската со изворот да не ја премине границата на пристоен и професионален однос. Во спротивно, ќе се наруши перцепцијата за непристрасност.

Инаку, американскиот Институт за новинарство „Поинтер“ дава неколку совети и насоки како новинарите да ја стекнат довербата и почитта на изворите и да ги негуваат изворите. Врз основа на нив, произлегува дека новинарите понекогаш треба да ги разбијат службените бариери во комуникацијата со изворите, ама притоа никогаш да не се наруши професионалната дистанца.

  1. Освен за содржината на темата што ја обработува, новинарот со изворите одвреме-навреме треба да разговара неслужбено, па дури и пријателски – за домот, спорт…;
  1. Телефонските повици се подобри од електронската комуникација со изворите, но личниот контакт секогаш е најдобар и треба да се остварува интензивно;
  1. Она што изворот го кажува неофицијално мора да остане неофицијално и новинарот не смее да го открие неговиот идентитет, бидејќи така ќе го загуби изворот, па и својата репутација;
  1. Новинарот треба да го праша изворот да му препорача друг извор со кој ќе разговара, негови колеги и сл., со што ќе ја збогати приказната, ама и ќе ја разграни мрежата на извори;
  1. Но, новинарот не смее да стане премногу добар пријател со изворите, бидејќи тоа ја загрозува неговата објективност.

 

ЗАВЕТОТ НА ТАЈНОСТ

Српската истражувачка новинарска Бранкица Станковиќ, во книгата „Инсајдер – мојата приказна“, издадена во 2013 година, објавува една меил што им го испратила на своите соработници од „Инсајдер“, насловен „Истражувачко новинарство“, во кој, меѓу другото, таа ги советува своите колеги да воспоставуваат контакти со широк круг луѓе кои имаат корисни информации, за да изградат сопствена мрежа на извори.

„Јас своите контакти ви ги поделив на сите вас, иако одамна научив дека тоа е погрешно. Мора да направите само ваши контакти кои треба љубоморно да ги чувате, ама притоа вие преку вашите извори да им помогнете на останатите колеги. Препуштањето на извори е погрешно, бидејќи со години сте правеле контакт со извор кој станал доверлив и кој само вам ви верува. Ако му кажете дека ќе му се јави друг новинар, тоа може да има контраефект, бидејќи вашиот извор повеќе нема да се чувствува толку важен. Воедно, тој нема да биде доволно отворен со некој со кој зборува првпат“, смета Станковиќ.

Но, таа истакнува дека кога новинарот ќе му вети на изворот тајност и анонимност, тоа ветување претставува завет кој никогаш и под никаква околности не смее да го прекрши. Затоа, новинарот треба добро да размисли пред некому да даде такво ветување, поентира Станковиќ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести