verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Известувањето од земјотреси треба да е ослободено од сензационализам и вознемирувачки објави

on 26 - 11 - 2019       

Разорниот земјотрес, кој рано утринава ја погоди соседна Албанија и предизвика над десетина човечки жртви и значителна материјална штета, беше плодна почва за на социјалните мрежи и медиумите да никнат вознемирувачки, сензационалистички, клик бејт и непотврдени вести

Пишува: Симона Атанасова

Во ситуација кога ќе се случи некој силен земјотрес што предизвикал човечки жртви, секој сака да прочита и да дознае информација повеќе и тогаш публиката почесто следи медиумски објави и содржини. А, во трката за што поголема гледаност и што повеќе кликови на објавите, медиумите објавуваат несоодветни содржини кои немаат задача да ја информираат јавноста, туку предизвикуваат негативни емоции, паника и страв.

Во брзината да се објават што поексклузивни информации, новинарите многу често не прават селекција што објавуваат па во етер одат вознемирувачки текстови проследени со фотографии и видеа кои длабоко ја вознемируваат публиката.

Ова се дел од сензационалистички наслови на текстови кои осамнаа денеска, неколку часа по земјотресот. Единствената цел на овие написи да привлечат внимание и што поголем број на кликови, а не да ја информираат јавноста. Кога ќе ги кликнете поголемиот дел од овие вести ќе видите дека не се поткрепени со потврдени информации од релевантни извори, туку се чисти шпекулации.

Наjпотресното видео објавено по земјотресот, кое масовно се шири по социјалните мрежи, а го презедоа еден куп медиуми и Албанија и во Македонија, е од мало дете кое неконтролирано плаче во урнатините.

„Слика која го потресе светот: Дете кое е извлечено од урнатините, лежело над мртвиот татко и повикувало да го спасат“

Видео толку потресно за гледање што рамнодушни нема да ги остави дури и оние со најсилен желудник. А, самото видео освен што е шокантно и потресително на никој начин не ја информира јавноста дополнително за да биде објавено и масовно споделувано.

На социјалните мрежи и во медиумите, исто така, се појавуваат и сосема непотребни вознемирувачки фотографии од извлекување на телата на загинатите и на повредени лица на кои што се гледаат повреди и крв.

Медиумите имаат одговорност и обврска да не долеваат масло на огнот, односно да не шират и да не ја зголемуваат паниката што постои кај населението кога ќе се случи некоја несреќа, а особено за време на земјотреси кога земјиштето сè уште се тресе, се случуваат дополнителни потреси и владее страв кај населението.

Новинарите треба да имаат на ум дека кога се случува таква трагедија не треба да се објавува и споделува нешто што е неофицијално и непотврдено, зошто може да направат поголема штета од корист. Такви информации треба да почекаат со објавување сè додека не се потврдат од релевантен извор.

Известувањата од било какви несреќи, а особено каде што има човечки жртви, треба целосно да бидат ослободени од сензационализам. Вестите што се објавуваат после такви несреќи треба да се кратки, јасни и информативни особено веднаш по несреќата кога ситуацијата сè уште е конфузна и нема официјални податоци од надлежните институции. Но, тоа не беше случај со известувањето од овој земјотрес кај дел од медиумите како во Албанија, така и во Македонија, кои, за жал, потфрлија во известувањата.

Професионалноста и етичноста на новинарите во вакви сензитивни ситуации, кога се работи за загинати и повредени луѓе, треба да биде на највисоко можно ниво за што апелира и Кодексот на новинари.

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Новинарот не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.

Известувањата од големи несреќи се сериозна проверка за новинарите и редакциите колку се подготвени во такви ситуации да известуваат точно, прецизно, јасно, без сензационализам, со почитување на етичките правила, на личната болка и трагедија и без дополнително вознемирување и на така вознемирената публика. Но, секој пат има медиуми кои не се придржуваат до овие стандарди и прават хаос во медиумскиот простор.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Претплатете се за најнови вести