verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Извештај на ИКС: МТВ, „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“ ја фаворизираат ВМРО-ДПМНЕ, а го демонизираат СДСМ

on 12 - 01 - 2016       
Фото: Mr.TinDC, Newseum Interactive Newsrooms, 2009
Сите провладини телевизии известуваат исто – од збор до збор. Фото: Mr.TinDC, Newseum Interactive Newsrooms, 2009

 

Анализата на Институтот за комуникациски студии покажува дека постои голема сличност во врамувањата кои се конструирани во вестите од јавниот сервис и од комерцијалните медиуми „Сител“, „Алфа“ и „Канал 5“. Постои големо совпаѓање во изборот на темите, изворите и во аголот на обработка на темите. Може дури и да се забележи синхронизирано емитување на прилози на иста тема и со исти соговорници, кои унисоно ја фаворизираат владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Овој наод упатува на заклучокот дека програмата на овие телевизии е можно да е координирана од еден ист извор.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави првиот месечен извештај од следењето на медиумските содржини преку Механизмот за набљудување и реакција, емитувани во периодот меѓу 23 ноември и 18 декември 2015 година. Во извештајот се опфатени 11 информативни емисии (вести) на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на седум приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 вести и ТВ21).

Ова е прв од вкупно шесте месечни извештаи на проектот „Мониторинг на демократијата во Македонија (МОДЕМ)“, кој ИКС го реализира во текот на предизборниот период и за време на изборната кампања за парламентарните избори во 2016 година. МОДЕМ има цел да утврди дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди во известувањето за политичките актери утврдени во Кодексот на новинарите на Македонија и во кодексите на меѓународните организации.

 

ПРЕДМЕТ НА АНАЛИЗА

Предмет на анализа во извештајот на ИКС се сите прилози во информативните изданија што се однесуваат на политичките субјекти, како и главните изданија на политичките емисии на овие телевизии. Овој извештај ги опфаќа само емисиите емитувани меѓу 1 и 14 декември.

Анализата на Институтот покажува дека медиумите што се предмет на ова истражување, можат да се групираат во две категории: телевизии чиишто содржини конструираат пропагандни и популистички дискурси во полза на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата и телевизии чиишто содржини се благо критични или неутрални кон власта.

 

КООРДИНИРАЊЕ НА ПРОГРАМИТЕ ОД ЕДЕН ИСТ ИЗВОР

Анализата на Институтот покажува дека постои голема сличност во врамувањата што се конструирани во вестите од јавниот сервис и комерцијалните медиуми „Сител“, „Алфа“ и „Канал 5“.

Постои големо совпаѓање во изборот на темите, изворите и во аголот на обработка на темите. Може дури и да се забележи синхронизирано емитување на прилози на иста тема и со исти соговорници, кои унисоно ја фаворизираат владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Овој наод упатува на заклучокот, дека програмата на овие телевизии е можно да е координирана од еден ист извор.

ИКС забележува дека меѓу овие телевизии, сепак, постои извесна разлика во начините на кои секоја од нив ги користи пропагандистичките алатки и популистичките дискурси.

Сител, Алфа и Канал 5 предничат во фаворизирањето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено применуваат силни и дистинктивни стратегии на демонизација на опозициската – пред сè СДСМ. СДСМ е претставена како „манипулативна партија“, која со „фалсификати“, „нелегално сака да дојде на власт“, чијшто лидер „сака да воспостави тоталитарна контрола врз медиумите и прави се за да нема избори во април“. МТВ 1 и МТВ 2, пак, додека силно ги фаворизираат ВМРО-ДПМНЕ односно ДУИ, избираат стратегија во која отсуствува острината и интензитетот на демонизирачките дискурси својствени за трите провладини комерцијални телевизии. Така, целата продукција на јавниот сервис ги претвора овие вести во партиски и во владин билтен, платформа на која ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ можат слободно да ги рекламираат своите активности, се наведува во анализата.

Од Институтот заклучиле дека овие телевизии имаат огромна продукција на прилози поврзани со политиката и со политичките актери: „Сител“ – 347, „Aлфa“ – 318, „Kанал 5“ – 263, MТВ1 – 273 и МТВ2 – 207.

Набљудуваните политички емисии и интервјуа (поознати како talk show ), меѓу 1 и 14 декември 2015 година, на овие телевизии, како што се посочува, се конзистентни со уредувачката политика на својата информативна програма. Од Институтот во овој дел ги издвојуваат изданијата на 1 и на 3 декември на емисијата „Јади бурек“ емитувана на ТВ „Сител“, во којашто „беше недвосмислено детектиран отворен говор на омраза и експлицитен негативен, стигматизирачки и стереотипизирачки говор. Овој наод помина несанкциониран од регулаторното тело“.

Во три други ТВ емисии кои се емитуваат во известувачкиот период беа детектирани и експлицитни и неаргументирани фаворизирачки врамувања за владејачката ВМРО-ДПМНЕ и демонизирачки говор кон СДСМ. Изданието на емисијата „Миленко Лејт најт шоу“ емитувано на Канал 5 на 11 декември, е така конципирано што целото е ставено во функција на промоција на владините политики. Изданието на емисијата „Акцент“ емитувано на МТВ 1 на 2 декември, изобилува со навредлив и со демонизирачки говор кон СДСМ и кон нејзиниот претседател, конструирајќи ја опозицијата во непријател на демократијата. Изданието на емисијата „Ја сакам Македонија“, емитувано на „Сител“ на 1 декември, забележително произведува негативен и напаѓачки дискурс кон СДСМ, тврдејќи дека предлозите на партијата за решавање на проблемот со колонизираните медиуми е тоталитаризам, стои во извештајот на Институтот за комуникациски студии.

Неутрален или благ критички пристап забележан е кај телевизиите „Телма“, „Алсат-М“, „24 Вести“ и „ТВ21“. Анализата покажала дека овие телевизии пружаат отпор на хегемониските дискурси на партиите на власт.

Кај нив речиси во поголем случај на прилози се почитува професионалното правило да се претстави, условно речено, и другата страна во медиумските стории. Тоа значи дека овие телевизии го обезбедуваат т.н. внатрешен плурализам во вестите, преку напорот да претстават што повеќе спротивставени мислења и ставови за една тема. Сепак, и кај дел од прилозите и на овие телевизии може да се забележи тенденција на нарушување на професионалните стандарди во поглед на спектарот на консултирани извори. И кај овие телевизии се сретнуваат прилози кои имаат само еден извор. Оваа практика во селектираниот период не е систематска и не е злоупотребена во насока на фаворизирање или демонизација на политичките субјекти. За изградба на здрави професионални стандарди, потребно е оваа практика да биде сменета, заклучуваат од Инситутот.

 

АНАЛИЗА НА ЕМИСИИ

Акцент“

Од Институтот особено се задржале на изданието на оваа емисија емитувано на 2 декември на МТВ1, чијшто водител беше Горан Петрески, главен уредник на информативната програма на МТВ, а гости во студиото беа уредниците на медиумите со провладина политика: Лидија Богатинова – „Канал 5“, Коле Чашуле – „Алфа“, Драган Павловиќ Латас – „Сител“ и Диме Ратајковски, главен и одговорен уредник на првиот програмски канал на МРТ.

Ова издание, се посочува во извештајот, било посветено на темите околу медиумите, политичките преговори за медиумите и на изјавата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев во која посочува четири телевизии како непријателски.

„Гостите и водителот во емисијата се осврнуваат генерално негативно на изјавата на лидерот на СДСМ при што наведуваат дека новинарите во нивните редакции ја доживуваат изјавата како форма на притисок врз медиумите. Во еден случај уредничката на Канал 5, Лидија Богатинова употребува навредлив говор кон субјектот, на што водителот не се спротивставува. Главниот уредник на МТВ1 Диме Ратајковски во емисијата го дефинира јавниот сервис МРТ како чувар на државните и националните интереси, при што неговата задача е да информира за активностите на државните и владините функционери и за проектите на кои се трошат буџетските пари. Според него, сѐ останато е работа на приватните медиуми. Водителот на емисијата не реагира на ваквото дефинирање на улогата на јавниот сервис МРТ“.

„Јади бурек“

Во периодот од 1 декември до 14 декември 2015 година, во деветте емитувани изданија на емисијата со водителот Јанко Илковски, имало две индикативни, особено изданијата на 1 и на 3 декември, кои содржеле ноторни пробивања на професионалните стандарди влучувајќи и говор на омраза.

Во изданието од 1 декември главна тема што ја наметнува водителот беше опасноста опозициската СДСМ да дојде на власт. Притоа, Илковски, себе си заедно со новинарите Цветин Чилиманов, Драган Павловиќ-Латас и други, се стави во групата противници на, како што рече, „цензурата и диктатурата“, оценувајќи се како бранител на слободата на медиумите и изразувањето. Илковски во текот на емисијата, во која има и јавувања од гледачи, кон СДСМ користи експлицитни негативни оценки и термини како „гебелсовци“ и „Гебелс“, со лични напади и дисквалификации кон личности од СДСМ.

Акцент е ставен и на изданието од 3 декември 2015, во кое водителот заедно со гостинката Мирка Велиновска се осврнале на повеќе актуелни политички теми и глобални настани.

Притоа, водителот и гостинот ги врамуваат ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски како конструктивни и толерантни, избрани од и се уште со доминантна поддршка кај народот. За сметка на тоа, кон СДСМ и посредникот во преговорите Питер Ванхојт, се обраќаат со експлицитни негативни оценки, користејќи и негативен и стереотипизирачки говор кон националната припадност на посредникот – па дури и говор на омраза.

***

Институтот за комуникациски студии (ИКС) е основан од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во 2013 година. Институтот е водечка научно-истражувачка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавноста, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. ИКС во Македонија има двоен фокус: со академските и со применетите истражувања да ја унапредува науката и да им биде поддршка на практичарите; и преку постдипломските студии да изгради мрежа на млади истражувачи кои ќе ги зајакнуваат столбовите на овие научни дисциплини.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести