verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Извештај на ЕК: Проблеми со медиумската култура и со слободата на изразување

on 13 - 11 - 2015       
eu-mkd_g
Фото: Мета

 

Обидите за ограничување на медиумското известување на теми од јавен интерес се загрижувачки. Ова е првата забелешка за медиумите во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, која во парафразирани форми се повторува во повеќе поглавја документот. Комисијата ги забележува притисоците врз новинари и смртните закани и ги издвојува најгледаните национални телевизии како провладини корисници на најмногу народни пари потрошени за владино рекламирање. За дел од овие констатации, таканаречените „бомби“ на опозицијата се користат како своевиден извор на информации што ја потврдуваат загриженоста на Брисел.

 

Пишува: Александар ПЕШЕВ

 

Извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија нотира „продолжено назадување“ во изминатава година во областа на слободата на изразување.

Во сумарниот преглед, се дава првото конкретно резиме за состојбите во македонскиот медиумски сектор:
„Земјата покажува одредено ниво на подготвеност во поглед на слободата на изразување. Практикувањето на оваа слобода, од друга страна, претставува сериозен проблем во актуелната медиумска култура и во политичката клима и земјата продолжи со назадување во оваа област. Обидите за ограничување на медиумското известување на теми од јавен интерес се загрижувачки.“ 

Медиумите се споменуваат  низ целиот документ, а во поглавјето 10, посветено на медиумите и на информатичкото општество, се наведува:

„Постои добро ниво на подготвеност во областа информатичко општество и медиуми. Во изминатава година постигнат е одреден напредок. Во следнава година земјата конкретно треба: 

– да обезбеди соодветна имплементација на новоусвоените легислативи за електронски комуникации и за аудиовизуелни медиумски услуги; 

– Да ги зајакне независноста и капацитетот на аудиовизуелниот медиумски регулатор и на јавниот радиодифузен сервис.“

Во документот се нотираат и практични проблеми, а „бомбите“ на опозицијата се земаат како своевиден доказ:

„Имаше неколку извештаи за заплашување и за притисок врз новинари, два извештаи за оштетување имот и две смртни закани за новинари во 2015 година. Новинарите и понатаму пријавуваат општа клима на самоцензура, а објавата на прислушуваните разговори потврди дека новинарите неколку години биле под сеопфатно и незаконско следење.“ 

Содржината на прислушуваните разговори обелодени информации што ја потврдија постојната загриженост за медиумската средина, пишува во извештајот, кој во продолжение на оваа констатација нотира „политички интервенционизам, во уредувачките политики на медиумите, посебно „мејнстрим“ електронски медиуми со национална концесија“, издвоувајќи провладини телевизии во следниов контекст:

„Најголемите телевизиски станици со концесии за национално емитување (Сител, Канал 5, Алфа и МРТ, јавниот сервис) даваат подршка на Владата и селективно известуваат за активностите на опозицијата или граѓанското општество.“ 

Владиното рекламирање е најголем извор на приход во медиумскиот пазар на национално и на локално ниво, пишува во извештајот, кој повторно се повикува на прислушуваните разговори:

„Содржината на прислушуваните разговори откри блиски врски меѓу Владата и сопственици на медиуми со највисока гледаност и тиражи, кои истовремено добивале поголем дел од фондовите алоцирани за владини рекламни кампањи.“ 

Комисијата нотира дека регулацијата на јавниот радиодифузер МРТ е во согласност со европските стандарди, но по првата реченица во ова потпоглавје, се нотираат нови критики:

„Финансирањето (на МРТ) не е независно од Владата и покрај мерките за подобро собирање на радиодифузната такса, овој приход не е доволен.“ 

Извештајот дава и можни решенија. Во потпоглавјето за јавниот сервис се вели дека забелешките за неизбалансираност може да се адресираат со емитување повеќе дебати во кои би биле вклучени повеќе страни, а не само владејачките партии.

Во областа на легислативите, се нотира дека Законот за аудиовизуелни медиумски услуги претрпел измени со ограничена консултација на засегнатите страни. Легислативите за говорот на омраза, според Комисијата, се во согласност со критериумите (acquis), но, како што се наведува во документот, „собирањето податоци на известувањето, истрагата и обвиненијата против говорот на омраза сè уште не се систематски“.

Регулативите за регистрација на новинари и за пристап до информации ги следат меѓународните стандарди, пишува во извештајот.

„Од друга страна, според новинарите, постои тенденција јавните власти прекумерно да го користат класифицирањето на документите, особено тие што се однесуваат на проектот „Скопје 2014“, за да го спречат јавниот простап до информации.“ 

 

Забелешки во други клучни поглавја 

Забелешките за состојбите со јавните гласила не остануваат само во поглавјето алоцирано за нив. Критиките се бројат од самиот почеток, во почетното резиме на извештајот.

 

Политички критериуми 

Во контекст на политичките критериуми, се наведува дека слободата на медиуми и изборите биле дел од објавените разговори, кои ја донеле земјава во најдлабоката политичка криза од 2001 година.

„Истовремено, организации продолжуваат со изразување загриженост за тешката клима во која оперираат и за ограничената посветеност на Владата за дијалог, како и за јавните напади од политичари и од провладини медиуми.“

 

Граѓанско општество

Во ова поглавје се нотира дека граѓанските организации изразуваат сериозна загриженост за климата во која работат, што води до повторно споменувањее на медиумите:

„Тие известуваат дека се предмет на силни критики од политичари и од провладсини медиуми, како и за ограничена посветеност на Владата кон дијалог.“ 

 

Борба против корупција 

Во ова поглавје Европската комисија се повикува на опозициските „бомби“, забележувајќи на обвинувања за политизација и за политичко мешање, кои треба да се адресираат. Меѓу другото, се нотира и дека со снимките се обвинуваат владини претставници и високи функционери за „мешање во независноста на судството, медиумите и изборите“.

 

Малцинства 

По забелешката дека мерките против сегрегација на етничка основа во училиштата се недоволни, медиумите се прозиваат во контекст на правата на „немнозинските заедници“:

„Различни форми на дискриминација против „немнозинските“ заедници, продолжуваат и акциите за борба со стереотипите, вклучително и медиумите, остануваат неефикасни.“ 

Понатаму, Комисијата нотира дека ЛБТИ-лицата „и понатаму страдаат од дискриминација и од хомофобични медиумски содржини“ и дека малку напредок може да се забележи во поглед на медиумско покривање на јазикот на Ромите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести