verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Измислување крв по улици од кафуле на Ленинова

on 20 - 08 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Монтажа фотографија - монтажа текст. Фото: скриншот-dcleacks
Монтажа фотографија – монтажа текст. Фото: скриншот-dcleacks

 

Иако нападите врз американското посредништво во нашите избори од страна на протагонистите на владиниот интерес сега не се упатуваат директно кон Вашингтон, се засилуваат нападите врз фондациите и врз невладиниот сектор како „експоненти на ЦИА“. Дури, за да се омекне впечатокот и самите Американци, во овие написи, се бранат од Фондацијата „Отворено општество“ Македонија, на пример, како небаре таа да сака ним да им наштети. Семоќните јенкиевски институции, се чини, не можат да го видат она што е забележано овде кај нас, поточно од некое кафуле на Ленинова

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Зошто името на Џорџ Сорос стана синоним за антидржавна политика? Ова прашање неодамна јавно го постави Александар Савановиќ, доцент од Факултетот за политички науки во Бањалука, кој на Институтот за европски студии во Белград ја промовираше својата книга „Џорџ Сорос – отворено општество како идеја, идеологија и политичка практика“.

Во разговорот за белградска „Политика“ овој политиколог не го оспорува влијанието на Сорос на просторите на поранешна Југославија, ама додава дека јавноста малку знае за оваа тематика.

„Заради таквите толкувања (дека Сорос води антидржавна политика – н.з.) одделни помалку или повеќе опресивни режими, не трпејќи никаква критика, се обидуваат да ја дискредитираат секоја опозиција. Веднаш тоа го поврзуваат со Сорос или некоја слична организација, дури и кога не постои ниту еден доказ“.

 

ФЕЉТОН ЗА ПРЕПЕЧАТУВАЊЕ

Деновиве во скопски „Вечер“ излезе нешто како политички фељтон во три продолженија, кој потоа се „препечатува“ во „Вест“, одново без потпис, кој, пак, ја отвора темата за Сорос и за неговото штетно дејствување кон „легалната власт“, овојпат повикувајќи се на некакви хакирани документи кои се објавени во светот и кои ја дезавуираат политиката на филантропот и бизнисмен, со јасен обид тоа откритие да се поврзе со дејствувањето на „Отворено општество“ кај нас!

Накусо за поводот – хакерите навистина објавиле повеќе од 2.500 документи што наводно ја откриваат стратегијата на Сорос и приоритетите и другите активности на неговата фондација во светот. Дел од американските колеги ценат дека зад овие хакери стои „Раша тудеј“ и слични медиуми. „Блиц“ наведува дека портпаролката на ФБИ, Лора Силвер, признала дека хакерите ги објавиле податоците во јуни, добиени преку упади во компјутерите на вработени во фондацијата или нивни деловни партнери. Овој извор во САД (кој води истрага) тврди дека цел на нападите се откривање на некои тајни детали од американско-руските односи и упатства за односот на САД кон Албанија во немирната 2011 година.

Но, да се навртиме на весникот, во „трилогијата“ која почнува со доста долг наслов „Сакаш грант? Ние плаќаме за крв по улици! Еве што финансирал Сорос“.

Се признава дека „во овие документи засега има само еден текст за Македонија, за донирање пари на организации на Роми и на проститутки“, што, нели никако не дава повод ниту за таков потресувачки наслов, ниту за поврзување на земјава со тие документи до кои дошле хакерите! Нормално прашање – како тогаш да направиш толку голем текст, небаре фељтон (за да имаме фељтон недостигаат многу работи, пред сè, систематичност, хронолошката прецизност и линкови кон оние документи кои се ставени како наводен извор) врз база на една реченица која може да говори само во прилог на македонската организација (ФООМ)? Има ли тука крв која тече по улиците?

За ова, секако, треба и доста фантазија, дури и за да се измислуваат состојби или настани?

 

СПОЈ НА НЕСПОИВИ ЕЛЕМЕНТИ

Анонимниот автор тука се одлучува да спои неспоиви работи и да им даде – како на ново „соединение“ – демек застрашувачка порака! Таа гласи, верувале или не, „во врска со Европа има многу материјал за бегалската криза од која е засегната и Македонија. Движењето на мигрантите било следено во извештаи подготвувани на секои два дена, со голем број проекти за да се помогне нивното движење кон Европа“. Од ова се извлекува веднаш заклучок, без некои, секако додатни аргументи (дотука, имено, сè е во ред – имавме бегалска криза, а делумно и сега ја имаме и секој кој помагаше е добредојден, белким нема тоа да се спори). И тука е врвот на драмата со бегалците: „мигранти насилно упаднаа во Македонија поттикнати од НВО-активисти. Во документите објавени на DCLeaks.com за Македонија најчесто се споменуваат спонзорираните Хелсиншки комитет и Асоцијација на млади адвокати, кои се обврзани за грантовите од Сорос да ја следат состојбата со мигрантите. Потсетуваме дека невладиниот сектор беше главен координатор и иницијатор на упадите кои ги правеа мигрантите годинава преку грчка граница. Потсетуваме за соопштението на Министерството за надворешни работи во врска со инцидентот на македонско-­грчката граница кај Идомени, во кој беа повредени 23 припадници на македонските безбедносни сили кои спречија над 3.000 мигратни насилно да влезат од Грција на македонска територија. Различни извештаи говорат дека во обидот да ја поминат грчко­-македонската граница, со употреба на насилство, мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации!

 

КОЈ ГИ ПЕЧАТЕЛ ЛЕТОЦИТЕ? НАВИСТИНА, КОЈ?

Ако се вратиме во реалниот свет, ќе се потсетиме дека во информациите на нашите органи никаде не се споменува дека наши активисти влегувале на територија на Република Грција, каде мигрантскиот бран во еден миг е сопрен и им давале летоци. Напротив, обвинението (од наша страна и делумно од некои меѓународни фактори) беше дека Грција, веројатно сака да се ослободи од баластот (ненадејната замена на проточноста на мигрантскиот бран со тврда политика на непримање на бегалци во Централна Европа). За тоа е пишувано во повеќе извори, но никаде нема никакво упатување дека тоа го сторил некој од земјава. На некои летоци стоело името на германскиот политичар (ексминистер за социјала) Норман Блум (70), кој дошол во Идомени и се солидализирал со бегалците, но нема докази ниту за негово поврзување со печатењето на летоците, на кои има инаку доста погрешни податоци во врска со нивното движење на границата (некои од нив се удавија во надојдената Сува Река!), што, пак, не би му се случило на некој кој би помагал од оваа страна на границата, бидејќи ќе ја знае сопствената географија?! Впрочем, заедно со бегалците кои упаднаа на нашата земја преку Сува Река се уапсени дузина Грци на кои им е изречена казна од страна на нашите органи, а која имплицира дека помошта за изведувањето на чин овој стигнала од – Атина.

Но, да не се деконцентрираме и да влегуваме во логиката на авторот/авторите на текстот – помагањето на бегалците, каде и да се тие е хуманитарен чин, а не „пролевање на крв по улиците“. Тоа е секако познато, па затоа низ една испробана тактика на дел од македонските медиуми, кога, значи, треба да завршите со таа или слична обвинувачка сторија (да додадете барем грамче докази на терезијата) – се менува темата. Веќе во следната реченица (па, нели, да докажевте нешто за бегалците) се оди на тоа дека Сорос кај нас потрошил големи пари и дека тие завршувале кај СДСМ. Како и во оние „филипики“ во римскиот Сенат околу судбината на Картагена, што и да се кажува, да се отвораат американско-руските односи, да се протресува бегалската криза, сè се завршува со она дека Сорос му дава пари на СДСМ.

 

МНОГУ СОМНЕЖИ, А ЗА ЈАВЕН БУЏЕТ

Тука се користи фактот дека буџетот на Фондацијата „Отворено општество“ Македонија во земјава е јавен, ама е чудно како тој веднаш и на долги патеки се поврзува (целиот! ) со касата на СДСМ. Има ли некаде таков доказ? Ако имаше, дали некој мисли дека оваа власт немаше да го „прочепка“ цела деценија? Колку други програми се поткрепени од оваа фондација? Пa, и самиот „Вечер“ споменува дека се помагани организации кои се поврзани со социјално најзагрозените наши сограѓани. Дали се добила макар една изјава од луѓето во ФООМ?

Со оваа тема се занимаваше и српскиот весник „Политика“, кој како и властите во Белград досега беше главно ненаклонет кон оваа фондација. Имаше доста текстови за жолтите патки, што како симболи (играчки) ги носат протестантите по повод незаконското, ноќно уривање на објекти во Сава маала, а во корист на изведувачите на проектот „Белград на вода“. Ама како конкретно реагираше весникот на вестите за хакирањето на американската централа на Сорос?

Па, со големо интервју со директорката на оваа Фондација, Јадранка Јелиниќ. Како и во случајот со Македонија, Јелиниќ вели дека сè што е напишано во однос на хакерскиот напад во САД е исправно, ама тука не гледа никаква причина за „подигнување прав“. Од сите податоци за оваа земја, ама и за регионот, се гледа дека донациите се намалуваат, односно стагнираат и дека интересот на Фондацијата за Балканот се намалува. Некаде и рапидно. Оној кој сака да истражува и кај нас секако може тоа да го види, да речеме, правејќи споредба на бројот на вработените во Фондацијата (јавно е објавуван тој податок) некогаш и сега е дека има силна редукција. Има, секако, и други начини, пред сè, со структурата на доделените средства, но и нивната висина, која на авторот/авторите на текстот, веројатно им е позната, а е секако битна за размислување, ама некој одлучил да не се занимава со конкретни бројки. Дека парите со кои работи Фондацијата се добиваат и од други извори (како во Белград), односно таа конкурира за нив на трети места.

Ама, барем еднаш да се направат  споредби во однос на најголем број други фондации кај нас, каде ниту се отворило прашањето како, ниту кому се делат средствата, а тие, сосем е веројатно, се во глобала поголеми од оние на Сорос. Впрочем, ние неодамна имавме и намалување на тие средства кои се добиваат од Брисел заради лошо, а некаде и криминално користење на истите!

 

ЦИА ВО СИТЕ ОПЦИИ

Како и да е, имаме сè поголемо мешање на лончињата на овој план на осуда на невладиниот сектор, во што, сепак, постои некаков ред – „Дневник“, на пример, ја напаѓа американската фондацијата ОТИ  (неодамнешен текст е „Што планира ЦИА во Македонија“) додека за „Вечер“ останува соросовата Фондација, но сега и НВО „Цивил“ („Парите на Сорос се замена за мир“), инаку дел од оваа трилогија на овој весник. Ако, на пример, ја погледнете насловната на НВО „Цивил“, таму не се кријат изворите на средства и тие се неколку сосема различни и по „географија“ и по свој идеолошки беграунд. Никаде не го видовме Сорос, а правилата на оваа Фондација бараат секој кој добил средства од нив тоа јавно да го прикаже.

Иако нападите врз американското посредништво во нашите избори од страна на протагонистите на владиниот интерес сега не се упатуваат директно кон Вашингтон, се засилуваат нападите врз фондациите и врз невладиниот сектор како „експоненти на ЦИА“. Дури, за да се омекне впечатокот и самите Американци, во овие написи, се бранат од Фондацијата „Отворено општество“ Македонија, на пример, како небаре таа да сака ним да им наштети. Семоќните јенкиевски институции, се чини, не можат да го видат она што е забележано овде кај нас, поточно од некое кафуле на Ленинова.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести