verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Излегување од манипулативната доба

on 1 - 03 - 2015       
Plotna-Final-Latas-001
Фото: колаж, СПФМ

 

Ништо не е така темно за да нема излез на крајот. Не се, сепак, можни бесконечни невистини, доаѓа времето на отрезнување, излегување од таа манипулативна доба, доаѓа вистината, колку и да ја извртуваат

Пишува: Веле Митаноски

Македонија деновиве е своевидна планета на апсурдот и на лагите. Стигнавме до една опасна манипулативна фаза, на сцена е индустријализација на свеста, нема нормална јавност. Манипулацијата го поништува разумот и секое здраворазумско размислување претставува ерес, безмалку предавство на татковината. „Бери умот“, ми пишува деновиве еден универзитетски професор, кој е и колумнист! Боже драги, кој ни ги воспитува децата, внуците… „Кој ни го тоа направе, друже Зинго?“ Кој ни го создава јавното мислење: медиумите – топовска артилерија, новинарите – трубачи од „Мехтерот”(воен оркестар од Отоманската Империја до денешна Ердоганова Турција!).

Па, сепак, има надеж. Затоа што е толку опасна фазата, може да биде и последна. Ништо не е така темно за да нема излез на крајот. Не се, сепак, можни бесконечни невистини, доаѓа времето на отрезнување, излегување од таа манипулативна доба, доаѓа вистината, колку и да ја извртуваат. Сепак, светот е глобално село, сепак, живееме во информатичко општество, сепак, сајбер-просторот колку што е неограничен, толку е и недофатлив. Можеби токму поради општествата како нашево, Европа не дозволува да се зароби и последното парче слободен простор. Најверојатно, знаеле дека дури и во Европа, ете, ќе се најде земја во која шефот на тајната полиција ќе ги уредува вестите на националните ТВ-канали, а уредниците на телевизиите ќе се полициски „началници“!!!Но, „куририве“ не би биле тоа, ако не се досетат и не го окупираат, употребуваат и злоупотребуваат и сајбер-просторот.

На мета се социјалните мрежи. Без перде и усул, се земаат статуси, односно делови од нив. Само она што одговара на каузата. Со целото име и презиме на оние што постираат. Сител и МТВ дури не се погрижиле да стават различни статуси, туку сè е исто, до „последната миркина запирка”.

„ХЕРОИТЕ“ ОД ПРИСЛУШУВАНИТЕ ЛЕНТИ

Едно време, овие телевизии и воопшто не ги гледав поради отпор, поради сопствена деконтаминација. Сега ги гледам „професионално“ за да учам, на стари години, како не треба да се известува! Не знам која ќе им биде наредната фаза, а сè си мислам дека ќе биде по рецептот на газдата на телевизијата „Канал 5“, кој за својот медиумски, бизнис-конкурент „А1“ вели: АШ-телевизија! Демек ја снемало! А, еве како во националниот етер се појави телевизијата на „драгиот Стојменов“ (постариот), како што тогаш милуваа да го титулираат денешните негови политички противници. Случајот сакаше на еден неформален состанок со тогашниот премиер Бранко Црвенкоски и јас да го изнесам своето мислење по прашањето дали на тогашните локални телевизии (Сител, Канал 5 и Телма) треба или не треба да им се даде национална концесија? Дотогаш ја имаше само „А1“. И самиот дојден, во владините одаи, од приватен медиум, секако дека бев „за“. Во тоа неформално одлучување, имаше новинари со поинаков став, но, сепак, на влада сите три добија национални концесии. Мојот аргумент беше – медиумската плуралност. Ни на крај од умот немав помисла дека еден убав ден двата од тие три медиуми ќе станат не медиумска, туку политичка „плуралност“, практично коалициски партнери на власта. На секоја власт! Дента кога го пишував текстов, за „Канал 5“ не се случи протест пред Министерството за здравство (за случајот Тамара), дури и Мехази и Парнаџиева не поднесоа оставки!!! Телевизијата на Емилчо, за кого „среда е среќен ден за апсење“, а „Шевенинген (според она што го чека братот Љубе) ќе му изгледа како Холидеј ин“!!! Кога денес го слушам „началникот“ („Леле, леле, леле“…„Нека јаде гомна сега“ – за оној од чија рака јадел леб!!!) како ги води вестите, првото прашање е – каде ја учел таа негова интерпретација на новинарството, на занаетот? Јавноста, вели, е „загрозенa“ (не згрозена!), ама не од чинот на масовното следење и од постапките на тие што влегувале во нашите животи (и во неговиот!), туку од постапката на оние што ги обнародуваат!? За него нема криминал во снимките! За него не е криминал самиот чин на операцијата, во која и тој самиот е жртва! За него е „чист криминал“ тоа што Заев ги пушта снимките од полицијата, а не е криминал тоа што самиот тој ги пушта оние за средбата во премиерскиот кабинет или оние за Љубе Бошкоски! Тоа што Заев ги пушта снимките е „масовно кршење на човековите права!“ Отсекогаш сум мислел дека Љубе е еден обичен циркузант, будалетинка сам по себе – уште од моментот кога со „жабицата“ ја повреди колешката од „Дневник“ во Маврово. Aма, и од циркузантите имало уште поголеми циркузанти. Јас не му ги пуштив владиното авионче и Влатко(та) Ѓорчев во Шевенинген, ниту го чекав на аеродромот. Ама, бев во Античкиот театар во Охрид, на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“, кога братот Љубе, од вмровците, доби поголеми аплаузи од сите други официози – заедно, сосе Ѓорѓета, наш, Иванов! За „началникот“ од „Сител“, сите што не мислат како него и Груевски се за „промена на уставното име!?“ Братот Љубе, херојот од „татковинската војна“ во 2001 година, сега е врховниот доказ за промената на уставното име, симбол на сиот отпор и на сите отпораши кои не мислат како власта! Страмотилаци во живо! Ја рашетуваат Мирка „партизанката“ која сугерираше војна за рушење на ВМРО-ДПМНЕ, а сега го брани! Од студио во студио, безмалку како на подвижна лента! Преповторува едно па исто, до „последната запирка“, дека ситуацијата во Македонија е иста со онаа од пред 2001 – „до последната запирка!“ Иако сум го објавил тоа во книга, ќе ја споделам со читателите уште еднаш, миркината (и мојата кон неа!) лекција по новинарство. Некаде пред 2002 година, кога Мирка „партизанката“ ја рушеше власта што сега ја велича, се најде во моето „Супер радио“ во Охрид, како претходница, огнена подготовка, на доаѓањето на Бранко Црвенкоски – еден ден подоцна. Вели „дали ќе прифатиш, во едно струшко ТВ-студио, да го водиш разговорот со опозицискиот лидер“, не вели Бранко, туку некакво негово интимно име или прекар, демек за да ми покаже колку се блиски! Уште и за да ми ги „подзатресе гаќите“, му се јавува на тогашниот полициски челник Павле Трајанов, обраќајќи му се со „Пајо, Пајо“!!! Баш, како на времето од комунизмот: Ме повика еден од тогашните моќници во Охрид, директор на тогашната јака фирма „Херој Тоза Драговиќ“, да го посетам во канцеларијата. Ама, беше ми направил претходна режија, смислил цел перформанс! Таман што влегов, влегува и секретарката со телефонот в раце поради неодложниот повик. Домаќинот-директор, преповторува: „Добро другар Лазо (Колишевски), како што вие ќе кажете другар Лазо, така и ќе направиме, другар Лазо“!!!

МЕДИУМСКИТЕ ТРАБАНТИ

Добро, за „партизанката“ на Бранко ми беше думата. „Ќе прифатам“, велам, „ама само ако интервјуто е за „Супер радио“ или, во најлош случај,  и за „Супер радио“. „Добро“, вели, „сега да ти ги дадам прашањата, за тоа што треба да го прашуваш Бранкота!“ „Мирке“, ѝ велам, „да не случајно си ја погрешила адресата, на идење од Скопје!?“ Ете, кој денес го брани ВМРО-ДПМНЕ од СДСМ! Тешко него, ќе го одбрани како што го одбрани СДСМ:„Кој ќе доаѓа во Македонија, по пучот на Заев, откако се „залауфа“ македонската економија?“ свечено прашува Мирка! Е, кој ќе доаѓа, де? Ама, прашањето ти е за друга адреса! „Куририте“, медиумските трабанти, „домобраните“, „Лигата“ на Клетников и на Мицов, Ачкова, Бато, Тони-актерот и сите други „обединувачи пред финалната пресметка“(!?), толку ја бранат Македонија (од неа самата!), што ѝ нанесуваат голем срам и штети, не само внатре, туку и надвор. Ова лудило од манипулации и од селективност во известувањето, поприма опасни меѓународни димензии. За телевизијата на „началникот“ која има, нели, свој дописник од Брисел (така го претставува известувачот на МИА!), откажувањето на посетата на премиерот кај Јункер и воопшто не е вест! Како да не се случило тоа што го нема на „Сител“! Ќе споделам едно искуство, сеќавање од времето на комунизмот: Дописникот на „Танјуг“ од Охрид, беше го отворил (или затворил – сеедно) фестивалот „Охридско лето“, еден ден порано. Кога го повикале во дирекцијата на „охридско лето“, едноставно им кажал: „Ако „Танјуг“ го затворил (отворил), тогаш е тоа и затворено (отворено)!“ За МТВ, исто така, нема таква вест од Брисел. Дури и без нејзино споменување, користење, како обврзувачки бекграунд, се дава мислењето, ставот на портпаролот на Владата, дека откажувањето било, наводно, заеднички договорено „за да се остави повеќе простор за подготовка!“. А, гледачите што ги оставивте без првичната информација од Брисел? Ами, како тоа реагирале, односно на што реагирале од Владата, ако ја нема базичната информација од Брисел!? Целото време се потроши на „изоставувањето“, непризнавањето на македонското малцинство во Грција (извештајот на ЕКРИ), додека „изоставувањето“ на Јункер беше „супституирано“ со Александар Николовски!!! Односно, што рекол Иво Вајгел – за да се попoлни празнината од тоа што (не)рекол портпаролот на Јункер! МТВ „го осудува медиумскиот брак со политиката“ на сега непостоечката „А1“, а не гледа дека и самата се проституира во креветот на политиката. И тоа онаа највалканата!


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести