Изјава извадена од контекст
Објавено во Рецензии
on 26 - 08 - 2016 Автор: Симона Атанасова[Рецензија: УЧИЛИШТАТА „ЈАХЈА КЕМАЛ“ СЕ ЗАТВАРААТ: Македонија ќе одговори на барањата на демократски избраната власт во Анкара!]
Текстот што е предмет на оваа рецензија наголемо шпекулира за одлуките на Владата. Напишаното е конструирано без релевантен извор, кој може да ги потврди изнесените информации.
Написот, а особено насловот, тврди нешто што подолу во текстот не го образложува и не го поткрепува со факти и со докази, па оваа информација која ѝ се презентира на јавноста „не држи вода“.
Линк до оригиналниот напис: УЧИЛИШТАТА „ЈАХЈА КЕМАЛ“ СЕ ЗАТВАРААТ: Македонија ќе одговори на барањата на демократски избраната власт во Анкара!
Датум и време на објавување: 25.08.2016
Датум на рецензирање: 26.08.2016
Рецензент: Симона Атанасова
НЕПОТВРДЕНА ШПЕКУЛАЦИЈА
По неуспешниот обид за пуч во Турција, турските власти побараа од македонските да ги ограничат активности на приврзаниците на Фетулах Ѓулен во земјава, кого го обвинуваат дека стои зад државниот удар.
Агенцијата „Анадолија“ пренесе дека станува збор за девет организации, меѓу кои и основните и средните училишта „Јахја Кемал“.
Дел од провладините медиуми објавија написи, вклучувајќи го и написот кој е предмет на оваа рецензија, дека Владата на владина седница одлучила да донесе мерка за затворање на училиштето „Јахја Кемал“. Ова е целосно непотврдена шпекулација!
„Владата на последната седница усвоила мерки за ограничување на активностите на Фетулах Ѓулен и неговите приврзаници во земјава. Според неофицијални информации, тоа опфаќа затворање на невладини и образовни институции за кои биле побарани мерки од Анкара“.
Дека ќе биде затворено едно од најреномираните средни училишта во земјава, нема потврда од ниедна страна, исто како што нема потврда дека Владата навистина усвоила какви било мерки против овие организации на една од нејзините седници.
ИСКАСАПЕНА ИЗЈАВА
Единствена изјава која доаѓа од Владата на оваа тема е изјавата на вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, кој ниту потврди ниту демантираше дали навистина ќе има вакви мерки ниту, пак, дали Владата воопшто нешто одлучила во однос на тоа прашање.
„Македонија единствено ги поддржува демократски избраните институции на Турција и во тој поглед ќе соработуваме со владата во Анкара во насока на помагање и на остварување на нивните цели, секако во рамките на нашето законодавство и во рамки на нашите интереси. Во поглед на прашањето за одлука на влада: да, владата има донесено одлуки. Сите одлуки што би ги носеле и ќе го носиме ќе бидат во согласност со нашето законодавство и со нашите национални интереси. Тоа било и ќе биде“.
Ова е целосната изјава на вицепремиерот Попоски, која е многу поинаква од пренесената изјава во текстот што го рецензираме. Написот, играјќи си со зборови, ја сменил изјавата на Попоски, со што написот имплицира конкретна акција.
„Донесени се мерки согласно македонските закони. Ние имаме соработка со демократски избраните власти во Анкара“.
Никаде во изјавата на Попоски не стои дека се донесени мерки, туку дека се донесени одлуки. Тоа е нешто многу поинакво. Одлуката може да биде позитивен или негативен одговор на барањето на турската влада, а доколку станува збор за мерка, тоа значи дека ќе се преземат конкретни дејства.
ДЕЗИНФОРМАЦИЈА
Освен тоа, во текстот го нема официјалното соопштение на „Јахја Кемал“ објавено на веб-страницата на колеџот, во кое се вели дека информацијата дека училиштето ќе се затвора е дезинформација.
„Сведоци сме дека во последно време некои медиуми и портали шират невистини и дезинформации за нашето училиште. Ве информираме дека нашето училиште кое веќе 20 години успешно работи во склоп на образовниот процес на Република Македонија, продолжува со својата воспитно образовна дејност и во наредната учебна година и дека потребните подготовки за успешен старт се веќе реализирани“.
Како потврда за тоа, од колеџот ја споделуваат изјавата на министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу, дадена за телевизијата „Алсат М“ на 5 август.
„Документацијата на институцијата Јахја Кемал е во ред и функционира врз основа на законот, а тоа е она што нас нè интересира“.
Со пласирање ваква шпекулација, на јавноста, а особено на учениците во училиштето „Јахја Кемал“ и на нивните родители, им се предизвикува збунетост и паника.
Новинарот, како што предвидува Кодексот на новинарите, секогаш мора да ја провери точноста на информацијата, а доколку станува збор за шпекулација, тоа мора јасно да го наведе за да не ја збуни и да не ја дезинформира читателската публика.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, анонимни
релевантни, нерелевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови