verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Изборите се најголем тест за професионалноста на новинарите

on 4 - 12 - 2016       
Преку известувањето за изборите се гледаат „јунаците“ во новинарството. Фото: Ванчо Џамбаски/flickr
Преку известувањето за изборите се гледаат „јунаците“ во новинарството. Фото: Ванчо Џамбаски/flickr

 

Основните новинарски постулати на новинарството за независност, објективност и за балансираност најмногу доаѓаат на тест во изборниот период и особено за време на изборната кампања, кога политичките елити имаат засилен нагон да манипулираат со медиумите и да ги контролираат информациите, за политички да профитираат

 

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

 

Фер и слободни избори не значи само чинот на гласање да се реализира под соодветни услови, туку гласачите мора да имаат доволни информации за политичките партии, нивните кандидати и за изборниот процес, за да бидат информирани пред да донесат одговорна одлука.

Но, голем број медиуми што ги следат претстојните парламентарни избори, повеќе или помалку, не ги почитуваат професионалните стандарди и етичките вредности на новинарството, бидејќи фаворизираат едни на сметка на други кандидати, се служат со хиперболизација и со сензационализам, пренесуваат нереална слика од партиските собири и митинзи

На тој начин, се прекршува Кодексот на новинари, кој во членот 24 предвидува дека „известувањето од политичките процеси, особено од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано“, а „новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.

Воедно, на почетокот на актуелната 2016 година, на иницијатива на Советот за етика во медиумите во Македонија, најголем број од влијателните медиуми потпишаа Повелба за етичко известување на изборите, која во себе ги инкорпорира принципите на вистинитост и на објективност, на избалансираност, на јасна дистинкција на информациите и коментарите, на чесност и независност и др.

Имено, овие принципи подразбираат потрага по вистината и коректно известување, преку пренесување на фактите на јасен и недвосмислен начин, претставување на најразлични ставови и гледишта во вистинскиот контекст, без да се зазема страна кон кој било кандидат, партија или коалиција, да не се доведува јавноста во заблуда итн.

Поинаку речено, во известувањето на новинарите воопшто, но особено во предизборниот период и за време на изборната кампања, нема место за сензационализам, клевети, манипулации, стереотипи, предрасуди, говор на омраза.

 

ВЕРОДОСТОЈНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ГЛАСАЧИТЕ

Во пресрет на парламентарните избори закажани за 11 декември, Здружението на новинари на Македонија, изготви прирачник за следење на изборите, каде, меѓу другото, стои дека медиумите играат неколку клучни улоги за изборите, а една од нив подразбира тие да обезбедуваат информации за изборите за граѓаните, ама и на анализи и на коментари, за гласачот да одлучи врз основа на веродостојни информации.

Понатаму, втора функција на медиумите е да известуваат за секакви прекршувања на правата на кандидатите, но, пред сè, на избирачите, а тоа значи и за корупција на изборниот процес во која било форма. И третата улога на медиумите е да бидат гласот на гласачите, бидејќи изборите не се можност за политичарите да дојдат или да останат на власт, туку и можност за обичниот граѓанин да проговори.

Инаку, новинарите мора да избегнат да известуваат без да бидат сведоци на фактичката состојба или, пак, посредно да ги проверат фактите, но во таквата проверка не спаѓа проверката во други медиуми. Воедно, новинарите треба да обезбедат простор и за коментарите и за одговорите на сите пренесени обвинувања, кои за време на изборна кампања се чести и вообичаени.

Исто така, професионалните новинари може да имаат став и мислење, но во изборната кампања треба да поставуваат прашања во име на гласачите, да презентираат различни мислења, да ги споредуваат и вкрстуваат одговорите и да дадат информација за заднината на настанот, за граѓаните т.е. гласачите да направат разлика меѓу различните кандидати, мислења, ветувања…

Ако е невозможно да се постигне баланс во секоја вест, тогаш медиумот треба да се труди да ја постигне преку реципроцитет на сите вести објавени за време на цела кампања. Притоа, веста треба да биде точна, контекстот да не биде манипулативен, а акцентот да биде ставен на важни настани и теми.

 

ТОЧНО, БАЛАНСИРАНО И НЕУТРАЛНО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Реномираната новинарска организација на меѓународно ниво „Репортери без граница“ е автор на прирачникот „Новинарите за време на изборите“, кој содржи неколку правила кон кои новинарите треба да се придржуваат при покривање на изборите, во насока на почитување на принципите за објавување точни, потврдени, балансирани, неутрални информации:

  • Новинарот мора да презентира точни и потврдени информации, кои ќе бидат во духот на фактичката реалност и во одредена перспектива, но без да се силуваат заклучоци;
  • Новинарот мора да ги покрие ставовите на сите политички опции, но никогаш да не им посочува или сугерира на гласачите за кого да гласаат;
  • Новинарот мора да остане независен и да биде отпорен на сите политички, социјални и финансиски притисоци;
  • Новинарот мора да ги објавува вестите користејќи неутрален јазик, ослободен од тешки зборови и од емотивни изрази;
  • Новинарот мора да зборува со сите коалиции, партии и кандидати, дури и со оние што се, условно кажано, непријателски настроени;
  • Новинарот мора да направи разлика меѓу активностите на кандидат за јавна функција како кандидат и како службеник во владата;
  • Новинарот треба солидно да се подготви доколку прави интервју со политичар кој учествува во кампањата;
  • Новинарот треба да внимава како пласира информации од анкети, а особено да има предвид кој ги нарачува и плаќа за нив…

Во државите кои се во фаза на демократска транзиција или консолидација, каква што несомнено е и Македонија, новинарите не треба да се задоволат само со тоа да го покријат изборниот натпревар, туку тие истовремено мораат да се фокусираат на тоа дали има услови за транспарентни и слободни избори, што значи да ја информираат јавноста за грешки, неправилности и за злоупотреби во изборниот процес.

По Договорот од Пржино, ваквите грешки се во голема мера редуцирани во споредба со претходните избори, ама болестите од кои боледуваат медиумите при третирањето на политичките партии, особено за време на кампања, очигледно не се излечени.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести