verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Иванов: Лекција за популистите и пропагандната вредност на говорот

on 10 - 04 - 2015       
Претседателот Иванов во официјална посета на Албанија и средба со албанскиот претседател Бујар Нишани на 2 април 2015 година - единствена на највисоко ниво од почетокот на аферата „Пуч“. Фото: Претседател наРМ
Претседателот Иванов во официјална посета на Албанија и на средба со албанскиот претседател Бујар Нишани на 2 април 2015 година – единствена на највисоко ниво од почетокот на аферата „Пуч“. Фото: Претседател на РМ

 

Кога американскиот претседател Барак Обама го доби првиот мандат, неговиот противкандидат уште истата вечер изјави: „До денеска Обама ми беше противник, од денеска е тој мојот претседател“. Дали, во нашата ситуација, ова можат да го кажат противкандидатите на претседателот Ѓорѓи Иванов!?

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Вообичаено е, кога ги критикуваме постапките на Иванов, да добиваме опомена дека ја критикуваме, омаловажуваме функцијата, односно институцијата – Претседател на РМ. Ако тргнеме од американското искуство, најверојатно се во право. Но, во нашиов контекст можеме да се запрашаме колку дури и самиот Иванов ја штити институцијата – Претседател на Република Македонија!? Односно, колку тој, со своите постапки, пред сѐ, со изјавите, самиот не ја омаловажува, односно ја става на потсмев пред јавноста? Се разбира и самиот себе си!

Претседателот Иванов засега се однесува како „да не е одовде“ за „бомбите“ искажани на прес-конференциите на опозицискиот лидер Зоран Заев. Дури се обидува да му држи лекции, слично како што тоа го направи и со весникот „Вест“. Зазема страна со тврдењата дека Македонија, па дури и Грција (која тој ја зема во заштита „ничим изазван!“), се во канџите на некакви туѓи интереси, дека играат туѓа игра, безмалку дека се „жртви на странски разузнавачки служби“! А, веќе знаете чии се тие зборови.

 

ИВАНОВ КАКО „ДА НЕ Е ОДОВДЕ“

Периодот на Иванов, како шеф на македонската држава, ќе остане запаметен по вечната дилема – што е подобро (за него и за нас!): да молчи во јавноста или да зборува!? Примерите се безброј: Од „бенигните“ со космодискот и со разумниот компромис, преку „намигнувањата“ со Обама, до последното интервју со Латас. Горан Михајлоски од „Вест“, објави: „Се бара…“ (изолиран на Водно), по што доби лекција по новинарство, на што му беше одговорено (со неговите зборови) и со лекција за државништво! И додека се бараше Иванов, тој наеднаш осамна, беше пронајден од Латас, во неговиот дневник на „Сител“.

Човекот кој се обидува (за наша колективна несреќа, во тоа успева!) од институцијата Претседател да направи смешка, во „нарачката“ на „началникот“ Латас (најверојатно испорачана од истото место од каде дојде и титулата!). Сега, коментирајќи ги последните случувања во земјата, бара „сите институции да го покажат својот капацитет и подготвено да се справуваат со своите предизвици“. „Oва е тест за нашите институции. Сега ќе го видиме судството колку ни е транспарентно, отворено и колку тоа може да се справува како неутрална институција со сето она што е покренато“. Арно ама, вака мисли само кога зборуваме за случајот „Пуч“, а за она „што е доставено од опозицијата, за сите тие предмети“, ѝ соли памет на јавноста дека таа „треба да знае, едно е кога настапувате во јавност и изнесувате ставови и тоа е убаво и за кампања и за медиуми. Судството бара соочување со другата страна, со докази и на крај носење пресуда која подлежи и на второстепена постапка, односно кога целиот правен систем веќе е во функција“, ќе каже Иванов.

Иванов, „случајно“, нели,  беше прашан за можноста да биде аболициран лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за да има политичка разрешница на кризата!? А, еве го ставот на Иванов: „Кога беше аболициран првиот пат(!) беше сосема поинаков законот и беше поинаква улогата на претседателот“. Иванов, или некој друг, очигледно го нарачал ова прашање, пресметано од потребата за релативизација на нештата, односно, како што би рекол Иванов, намигнување за некакво спогодување. „Веројатно околностите се изменети и секој ќе сноси одговорност за сето она што го придонел за оваа актуелна ситуација“, вели Иванов, ама, сепак, остава отворена врата за некаква нагодба: „Рано е да се кажува. Тоа останува во доменот на политичките лидери кои, како што кажав, со помош на Европската комисија ќе мора на некој начин да се соочат со сета оваа состојба и секој да си ги преземе одговорностите за ова што нè снаоѓа“, ќе рече Иванов.

 

ЗАЕВ КРТИКУВАН ЗА „МОНОЛОЗИ“

Претседателот Иванов го кара Заев дека „со монолози не можат да се најдат решенија. Мора да постои дијалог. Вие имате отсуство на потреба од дијалог на лидер на опозиција, кој воопшто не сака ниту да влезе во Кабинетот на претседателот, а не, пак, да разговара и да наоѓа решенија за актуелната состојба“, вели Иванов. Тој ја посакува ситуацијата по 24 декември, кога опозицијата и новинарите на клоци беа избркани од „храмот на демократијата“ и кога тој изигруваше посредник, заедно со Штефан Филе. Демек, во неколкупати лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одбил да се сретне со него, што не „било случај со претходниот лидер на опозицијата!“. Е, па не е исто претседателе! Ако опозицијата еднаш направила грешка, тоа може да било и наседнување. Но, ако повторно ја направи истата, тогаш самата си го барала и ќе си го добие! Затоа, сега, прво објавува криминал, а потоа доставува кривични пријави.

Дека интервјуто за „Сител“ не било случајно и колку да не било координирано од „курирскиот центар“, дека Иванов претходно добил не само прашања, туку и одговори, кажува неговата песна отсвирена по нотите на Груевски: „Одговорноста, секојпат, доаѓа на крај откако ќе се констатираат состојбите, со почитување на институциите и на процедурите“, вели Иванов. Преведено: најнапред судска, а потоа политичка одговорност! Уште поедноставено: Иванов „не е одовде“, тој не чувствува, а уште помалку е подготвен да понесе одговорност, односно да се повлече од функцијата. „Потфрлил човечкиот, ама  институционално можеби сме компатибилни!“. Можеби, ама ќе видиме до кога!?

Малку е Иванов да го поздрави почетокот на разговорите меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во Брисел, во Европскиот парламент. Да побара „сите активности да се одвиваат во нашето Собрание, за што услов е опозицијата да се врати и таму да ги користи сите механизми и инструменти за сето она што го тврди преку своите прес-конференции и јавни настапи, сето тоа да добие институционална завршница“, рече Иванов и остана жив. Арно, ама, тој беше мртов ладен, не гукна ништо кога ги избркаа од Собранието.

 

ИВАНОВ – МОЛК ПОДОБАР ОД НАСТАП?

Пред да се појави на „Сител“, Иванов даде интервју за швајцарски „Л Темп“, пресметано за да ја релативизира алармантноста на состојбата во Македонија. Порталот „Окно“, во текст „Лудилото како систем“, му препорачува на Иванов, сепак, да си молчи: „Кога претседателот на државата ќе реши да каже нешто, тогаш јавноста сфаќа зошто било многу подобро да си молчи“. Ѓорѓе Иванов во интервјуто за „Макфакс“, вели: „Она што јавноста треба да го знае е дека системот за национална безбедност и неговите субјекти функционираат согласно надлежност утврдена во Уставот и законите, по претходно донесена национална концепција за безбедност и одбрана“.

Интересно, провладините медиуми многу не се возбудија на „ексклузивноста“ на интервјуто за „Сител“, што говори дека таа „направија“ била, сепак, на Латас, а не заедничка, курирска. Од малкуте пренесувања, интересно е што провладините запнаа за делот кој се однесува на Грција. Со заеднички контекст: „Иванов имал пофални зборови за СИРИЗА“, порталите блиски на власта, го пренесоа пишувањето на грчките медиуми: „Курир“, „Вечер“, ТВ „Алфа“.

Независните, на пример Радио Слободна Европа, акцент ставија на тоа дека Заев одбил да се сретне со Иванов, односно дека секој ќе си ја понесе одговорноста, на пример, ТВ „Нова“. Телевизијата „24Вести“ ја постави вистинската дилема: Не е јасно кои се тие сили кои ги раскаруваат Скопје и Атина преку спорот со името, како ние и Грција сме влезени во туѓа игра и дека штетите ги трпиме ние.

 

СКАЧКА СО ВЕСТ

Пред настапот на „Сител“, претседателот Иванов, затскриен зад генералниот секретар Борис Јосифовски, влезе во отворена војна со весникот „Вест“ и со неговиот главен уредник, Горан Михајловски. Со непримерен речник, Кабинетот на Иванов се обраќа:

 

„До г. Горан Михајловски, главен и одговорен уредник на дневниот весник Вест,

Очигледно е Вашето со години наназад лично непочитување на институцијата Претседател на Република Македонија и лична нетрпеливост кон проф. д-р Ѓорге Иванов, претседателот на Република Македонија. Вашите лични фрустрации, комплекси и недостаток на домашно воспитание остануваат само лично ваши. Немојте да го злоупотребувате Вам доверениот медиум, со цел да ги правите јавни.“

„Вест“ му одговори на сличен начин, народот би рекол: „Со нивните камења по нивните глави!“:

„Почитуван генерален секретар Борис Јосифовски, 

Очигледно е Вашето лично непочитување на весникот Вест и лична нетрпеливост кон главниот уредник Горан Михајловски. Вашите лични фрустрации, комплекси и недостиг на домашно воспитание остануваат само лично ваши. Немојте да ја злоупотребувате Вам доверената јавна функција, со цел да ги правите јавни. Токму така покажувате и лично непочитување на институцијата Претседател на Република Македонија.“

Медиумите ваквата преписка ја протолкуваа како отворана војна. Порталот „Либертас“, на пример, пишува: „Вест одговори на реакцијата од кабинетот на претседателот Иванов на текстот во весникот со наслов „Иванов во изолација на Водно“, дека претседателот со месеци бил без официјална државничка средба.“

Тоа што Иванов, во јавната комуникација, ги употребува мислите, намерите, оправдувањата на лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не значи дека со тоа ќе го изземе членството на оваа партија, од заедничкиот корпус на колективно посрамените со неговото претседателствување. Иванов сѐ уште не може да види дека ВМРО-ДПМНЕ веќе денеска не е исто што и Никола Груевски, а што ќе биде утре ќе видиме. Односно, дека Иванов не е вторпат претседателски кандидат затоа што тоа го сакала ВМРО-ДПМНЕ, туку затоа што така рекол Никола Груевски.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести