verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Истражувачко новинарство – по трагата на документите

on 29 - 11 - 2016       
Интернет и документи - најдобрите пријатели на истражувачкиот новинар. Фото: гугл
Интернет и документи – најдобрите пријатели на истражувачкиот новинар. Фото: „Гугл“

 

За разлика од известувањето, кое главно значи пренесување на информации кои ги дале институции, партии, како и реакциите во однос на нив, истражувачкото новинарство претпочита новинарите да навлезат зад она што го виделе и што го слушнале, да дојдат до повеќе факти и да откријат нешто ново што не било познато дотогаш за јавноста, заради разоткривање на незаконски постапки на поединци и на институции

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Нема унифицирана дефиниција за истражувачко новинарство, ама многумина автори се судираат во неколку точки што го определуваат – обелоденување скандали за прекршување на законите, регулативите и етничките стандарди од страна на поединци и на институции, испитување на политиките и функционирањето на владите, компаниите и на други организации, опишување на општeствените, економските, политичките и културните трендови…

Американската организација „Истражувачки репортери и уредници“ го дефинира истражувачкото новинарство како известување кое открива нови факти, особено она што се крие, или, пак, се чува како тајна. Соред Холандско-фламанската организација на истражувачките новинари, пак, дури и интерпретацијата или поврзувањето на веќе познати факти, кои добиваат нов контекст и поинаква димензија, претставува истражувачко новинарство. Лондонскиот Центар за истражувачко новинарство истакнува дека истражувачкото новинарство е морална и етичка цел и обврска на новинарите да ја откријат и да ја документираат вистината.

Сите се согласни дека истражувачкото новинарство има функција на контролор од име на јавноста. Неговата цел е да утврди дали постојат злоупотреби од оние кои располагаат со моќ и со богатство. Истражувачките новинари имаат легитимно право да откриваат и да објават детали од приватниот живот на моќни и познати личности, луксузен живот, вонбрачни врски и слично, но доколку постои јавен интерес, односно доколку се докаже дека тоа е резултат на злоупотреба на јавните фондови и слично.

Истражувачкото новинарство е врв во новинарството, бидејќи носи конкретни резултати и ги поместува границите. Но, овој тип на новинарство не е за оние што сакаат да бидат ѕвезди, бидејќи во прв план не е личноста, туку информациите што новинарот ги истражил и она што го открил во интерес на јавноста. Исто така, оние што одлучиле да се занимаваат со ваков тип новинарство однапред треба да расчистат дека никогаш не може да бидат платени толку колку што реално треба да бидат, за сите жртви и одрекувања што ги бара истражувачкото новинарство.

 

ГРУПА НА ТЕХНИКИ

Истражувачкиот процес фигуративно се објаснува како „лупење кромид“, односно како минување слој по слој низ информациите, употребувајќи различни техники за да се дојде до вистината. Шила Коронел од Универзитетот „Колумбија“ во книгата „Под површината“ наведува дека на елементарно ниво истражувачкото новинарство претставува група истражувачки и известувачки техники кои систематски и интензивно се користат за откривање тајна информација, која се крие или, пак, е тешко достапна.

Прво, овие техники вклучуваат добивање документи или следење на писмените траги, кои се суштината на истражувањето, бидејќи обезбедуваат индиции или доказ за незаконски дејства и постапки. Човечките извори може да дадат насока за истражувањето, а документите треба да ги верификуваат почетните наводи и хипотези. Но, документот може да биде и почетната точка и да го насочува истражувањето, па врз основа на нив да се трага по човечки извори.

Второ е интервјуирање на изворите, бидејќи луѓето може да ги дадат одговорите што ги нема во документите, односно може да ја откријат заднината, историјата и така да ја збогатат сторијата. Доколку решат да говорат јавно, тие ќе ја оживотворат сторијата, без разлика дали се официјални претставници на организацијата која е предмет на интерес на новинарот, жртви на неволја итн. На крајот на краиштата, тие може да откријат нова трага за истражување и со тоа да ги мултиплицираат ефектите.

Трето е користење на компјутери и на интернет или следење на електронските траги. Во денешно време, ова се смета за услов за истражување, бидејќи интернетот е рудник на информации кој му помага на новинарот за подготовка за темата што ќе ја истражува и воедно му нуди можност да дојде до нови открија. Освен што им служи за комуникација со изворите, официјални и или анонимни, компјутерски бази на податоци содржат многу информации.

И четврто е работата на терен, која, меѓу другото, служи за проверка дали податоците добиени по административно-бирократски пат одговараат со фактичката состојба на терен. На пример, може да се спореди колку најавите и ветувањата на владините претставници одговараат со фактичката реалност, дали некој проект за кој биле обезбедени буџетски пари е реализиран, итн.

 

ДОСТАПНОСТА НА ДОКУМЕНТИТЕ

Оттука, истражувачкото новинарство подразбира користење и консултирање на повеќе извори – и луѓе и документи, кои заедно треба да ја исцртаат комплетната слика за незаконско работење и за разни злоупотреби на власта и на моќта. Но, документите се најдобриот пријател на новинарите, кои, освен што се извор на клучни информации, обезбедуваат докази за незаконско работење и за злоупотреби кои ги истражува новинарот.

Со исклучок на податоците за регистрација на моторните возила, македонските новинари имаат пристап до многу јавни документи, меѓу кои земјишни книги, судските досиеја, имотни пријави на функционерите, донациите за изборните кампањи, финансиски извештаи на политичките партии, приватните компании, невладините организации, верските заедници, националните и локалните буџети, извештаите на државна ревизија, договорите за јавни набавки меѓу државните институции и економските оператори, документите и стенограмите од парламентарните седници…

Имено, некои од овие документи во секое време се достапни на интернет. Ревизорските извештаи може да се најдат на веб-страницата на Државниот завод за ревизија, имотните пријави на веб-страницата на Комисијата за спречување на корупција, склучените договори за јавни набавки на Електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки. И одлуките на Скопскиот кривичен суд – Основен суд Скопје – 1 може да се најдат на веб-страницата на судот, меѓутоа пребарувачите на други судови низ Скопје и државата не се ажурираат редовно.

Понатаму, Катастарот на недвижности нуди опција за пребарување по имотен лист, адреса и катастарска парцела, а од неодамна како интернет-услуга функционира и таканаречен АКН-ГИС портал, кој претставува географски информационен систем што може да им послужи на новинарите за откривање на сопственоста и за локализирање на одреден имот, врз основа на други податоци до кои дошле. Иако новинарот може да ги користи овие бази како извор на информации, сепак, тие немаат статус на официјален податок, бидејќи за тоа потребна е потврда од катастарот за која се плаќа одреден надомест.

Исто така, и податоците за компаниите се добиваат низ соодветна процедура, која подразбира поднесување барање до Централниот регистер, заедно со уплата чија висина зависи од бараната услуга – тековна состојба, историјат со промени, финансиски извештај…

Многу новинари и медиумски работници сметаат дека овие документи треба да бидат бесплатни за новинарите, како што е случај во некои други држави, но засега не е така. Тоа е отежнувачка околност за работата на новинарите, бидејќи некои документи чинат релативно скапо, а за една сторија можеби потребни ќе бидат дузина вакви документи.

 

ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

Документите може да имаат јавен карактер, какви што се веќе споменатите категории информации, но некои владини документи се тајни или доверливи, како податоците од даночните пријави, банкарски сметки, медицински и работни досиеја. Тука спаѓаат и извештаи од разузнавањето и други служби поврзани со одбраната на државата, кои, согласно Законот за класифицирани информации, се со степен на класификација како доверливо, строго доверливо, државна тајна и интерно. Тие може да протечат до новинарите по тајни канали, но во таква ситуација новинарот и редакцијата треба да пресметаат дали постои јавен интерес за нивно објавување, односно дали докажуваат криминал, судир на интереси, трговија со влијание…

Сепак, информациите од јавен карактер и нивното користење се суштински за истражувачкото новинарство. Во Македонија во 2006 година беше донесен Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој му овозможува на секој граѓанин, вклучително и на секој новинар, да бара информации од јавен карактер од сите иматели на информации, без оглед дали станува збор за државни институции, локални самоуправи, судска власт, јавни претпријатија, здравствени и образовни установи, како и други правни и физички лица кои вршат јавни овластувања.

Овој закон им овозможува на граѓаните, односно на новинарите да бараат информации по устен, писмен или електронски пат, при што имателот на информациите при усното барање има рок од пет дена, а при писменото или електронското барање од 30 дена да достави одговор во писмена или електронска форма или, пак, да дозволи увид во бараната документација. Доколку не одговори во законски пропишаниот рок или, пак, ако барателот не е задоволен од добиениот одговор, тој има право на жалба.

Жалбата се поднесува до Комисијата за заштита на правото на информации од јавен карактер во рок од 15 дена по добиениот одговор од имателот на информации или во кое било време доколку не добие никаков одговор, бидејќи во случај на молчење на администрацијата не е предвиден рок. Потоа, Комисијата има рок од 15 дена да се произнесе во однос на жалбата. Ако жалбата ја прифати, а имателот на информацијата повторно не го задоволи барањето на барателот, тогаш последната инстанца е Управниот суд.

Познавањето на Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, можностите што ги нуди за добивање документи и процедурите по кои може да се обезбедат се задолжителни и неопходни за истражувачките новинари. Има и такви кои со право се против овој начин поради долгите процедури, па  претпочитаат информации и документи да добиваат од луѓе, меѓутоа многу новинари направиле одлични истражувачки стории користејќи ја оваа алатка. Во таква ситуација, потребно е многу време, но трпението и упорноста (треба да) се едни од главните одлики на секој истражувачки новинар, покрај љубопитноста, посветеноста, одговорноста…

 

МАКЕДОНСКИ ИСКУСТВА

Новинарите од Центарот за истражувачко новинарство „СКУП Македонија“ често го користат ова законско право. Новинарот Горан Лефков поставил околу 130 барања до Собранието за патните трошоци на пратениците, а одговорите што ги доби во форма на документи потоа ги искористи за да објави серија стории на оваа тема. За истражувањето за превработеноста во општините, пак, тој и неговите колеги од СКУП доставиле околу 400 барања, околу 200 дополнувања на барањата и повеќе од 200 жалби.

Ние многу често го користиме правото да добиеме информации од институциите. Најчесто, прашањата ги поставуваме писмено или електронски, но сме го искористиле и усното поставување прашања, што беше исклучително искуство. На пример, дел од институциите не ни знаеја дека постои ваква можност. За среќа, носевме испечатен примерок од законот, па можевме веднаш да им посочиме и да се повикаме на одреден член – вели Жаклина Хаџи-Зафирова од СКУП.

Нивното искуство покажало дека многу институции не сакаат да им одговорат на новинари и затоа се обидуваат да им ја отежнат работата на секој можен начин. Најчестото образложение кое институциите го користеле кога ги одбивале нивните барања гласело дека бараната информација е класифицирана или, пак, барањето го препраќале до друга институција, која ретко кога одговорила, а се случило да одговорат дека објавувањето на бараната информација ќе ѝ нанесе штета на институцијата. Затоа, оттаму препорачуваат новинарите да бараат информации во улога на „граѓани“.

– Ни бараат полномошно од раководителот-управител и тоа најчесто го бараат во рок од три дена, од кои два дена најчесто „темпираат“ да биде викенд за да немате доволно време да го подготвите одговорот. Но, од друга страна, олеснителна околност за нас новинарите е што полесно доаѓаме до информација во улога на „граѓани“. Тогаш институциите се послободни во одговорите. Многу често се случува и да чекаме одговори со месеци, а во меѓувреме да упатуваме жалби до Комисијата и да се надеваме на позитивен одговор. Но, за жал, понекогаш се случува и покрај усвојувањето на нашата жалба да нема одговор од институцијата – објаснува Хаџи-Зафирова.

Во СКУП постојано ги охрабруваат новинарите да го користат ова законско право, бидејќи, според нив, на тој начин може да се дојде до документи што новинарите би можеле да ги користат во нивните истражувања. Уште една од сториите која се родила благодарение на овој пристап е онаа за примањата на министрите во поранешната влада. Арно ама, таа не стасала да се израсне во насока колку трошоци за мобилни телефони направиле министрите и колку потрошиле на патувања, бидејќи, за жал, барањата и жалбите на новинарите биле одбиени.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести