verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Истражувачките стории се најпотиснати во општества со тоталитарни манири и со заспана, летаргична јавност

on 10 - 11 - 2016       
„Panama Papers“ едно од најголемите достигнувања на истражувачкото новинарство во последниов период. Фото: Гугл
„Панама пејперс“, едно од најголемите достигнувања на истражувачкото новинарство во последниов период. Фото: Гугл

 

Неколкуте мали новинарски истражувачки енклави го белат образот на актуелното македонско новинарство. Тие се заслужните што медиумската публика, во денешнава македонска иформативна валканост, сè повеќе разбира зошто истражувачкото новинарство е толку вредно  

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Нема дефиниција. Ниту практиката, ниту теоријата уште не се договориле за единствена дефиниција за тоа што е „истражувачко новинарство“.

Но, тоа е маргиналната дилема. Важно е дека го има, дека постои. Истражувачко или „ангажирано“ сеедно. И, особено, дека е сè повидливо дека засегнатите му се плашат, а консументите, медиумската публика, сè понестрпливо ги посакува таквите стории.

Истражувачките новинарски продукти, истражувачко-аналитичките приказни, одвојувајќи ги како посебен новинарски жанр, како сложен создавачки, ако сакате, како сложен новинарско-технолошки процес, компаративно, метафорички би можеле да го споредиме со рударската професија, на пример. Па, ако другите новинарски жанрови ги компарираме со површински ископи, истражувачкото новинарство би го сместиле во јамските.

Првите се на светлината на денот. Гледаат, слушаат, бележат, селектираат, анализираат, пренесуваат.

Вторите, јамските копачи, само со помош на батериската ламба во темните подземни ходници на недостапните институции ги бараат бравите на тајните сефови во кои се затскриени фактите. Најчесто, практиката тоа го потврдува, новинарот кој истражува, кој ги бара одговорите на зададената тема, е несаканиот лик каде и да се појави. Неговата упорност, храброст и дрскост во потрага по елементите за приказната, ги плаши моќните, а нечесните. Во светот, многумина такви новинарски бисери ја платија со живот својата посветеност на професијата, својата лична борба за понормални општества.

 

ИНТЕРТНИТЕ ОПШТЕСТВА – НЕПРИЈАТЕЛИ НА ИСТРАЖУВАЧКОТО НОВИНАРСТВО

Корупцијата и непотизмот поврзани во невидливите спреги на овластените државни службеници, функционери, располагачи со јавните пари или со јавните ресурси и овластувања со бизнис-махерите, се главните генератори на корупцијата од секаков вид. Таа спрега е тоа широко и неисцрпно поле за новинарите истражувачи. Но, во исто време, тоа е и минското поле за авторите што треба да го поминат и да се зачуваат себеси цели, а на општеството да му ги откријат и да ги изнесат на виделина девијациите кои се тука, околу нас, и под притисок на јавноста бранувана од новинарските сознанија, да ги отворат и да ги поттикнат институциите да си ја вршат работата за што и се основани и платени од граѓаните.

Но, и истражувачкото новинарство може да биде неефективно во целосно инертни општества, каде што и институциите се инертни, каде што и политиката е инертна, каде што и граѓаните се инертни и каде што и медиумите се не солидарни и игнорантни спрема фактите што ги откриле нивни колеги од друг медиум или истражувачки центар.

Ефектите на истражувачките стории секако се највидливи во развиените демократии, а најпотиснати во општества со тоталитарни манири и со заспана, летаргична јавност.

Уредувачката стратегија, времето и парите се клучните елементи за успешна истражувачка сторија. Таканареченото организирано македонско новинарство, редакциски институционално поставено во медиумите, со одделни исклучоци, ниту има истражувачка стратегија ниту, пак, сака да одвои кадровски и финансиски ресурси, ниту, пак, има храброст тоа да го прави наспроти актуелната политика и нејзините носители. Напротив, најголемиот дел од највлијателните медиуми и самите се учесници во коруптивниот амбиент и жестоки бранители на очигледните девијации.

 

ИСТРАЖУВАЧКОТО НОВИНАРСТВО БАРА ПРЕДИСПОЗИЦИЈА И ИНСТИНКТ

Секој новинар би можел или барем би требало да може да биде „истражувач“, но само некои ја имаат желбата и можноста да бидат истражувачки новинари. Особено, само некои новинари ја поседуваат страста и го имаат карактерниот нагон да бидат новинари истражувачи.

Се разбира, истражувачкото новинарство бара новинарска предиспозиција, бара инстинкт.  И бара решителност, смелост, упорност, дрскост, култура, знаење, вештина, многу труд. Ама и време и пари. Имаме ли такви редакции, такви уреднички и уредувачки определби? Немаме, од две причини:

  • Уредувачките политики на веќе во јавноста профанираните редакции, поради разните блискости со властите испреплетени главно во економски интереси, ниту помислуваат да отворат програмски простор за новинарски трудови, кои би ги разобличувале незаконските или неодговорните дејствија на своите политички и бизнис ментори;
  • Поради дневните програмски конјуктури, кај редакциите нема подготвеност на подолг рок да одвојат наменски финансиски и кадровски потенцијали за да негуваат програма на истражувачки стории. Во традиционалните македонски редакции нема сопственици и нема уредници со такви ментални капацитети. Поради разните политичко-економски зависности, сопствениците на медиумите ниту помислуваат на такви програмско-деловни зафати.

Во таа насока, за негување ангажирано новинарство, е нужна и ангажирана јавност. Во спротивно, сториите остануваат само еден убав спомен за ентузијазмот на авторите. Само една витешка трага како сатисфакција на една новинарска посветеност, на еден силен новинарски и човечки карактер.

За среќа, за голема среќа, странските донатори и неколкуте мали истражувачки новинарски енклави, негувајќи го овој трудово интензивен новинарски жанр, го белат образот на актуелното македонско новинарство. Тие се заслужните што медиумската публика, во денешнава македонска иформативна валканост, сè повеќе разбира зошто истражувачкото новинарство е толку вредно. Тоа е мотивот на актуелните автори истражувачи да продолжат да создаваат приказни, кои ќе ги мобилизират граѓаните тие да ги притискаат институциите да работат во насока на градење на општество поодговорно, посовесно и попосветено на правдата и на еднаквоста.

Таквиот журналистички активизам ќе биде совест, ама и закана за имателите на јавните овластувања, за оние кои управуваат со заедничките ресурси. Таквиот журналистички пристап ќе ги принуди моќните, а нечесни, да стрепат од авторите и од медиумите кои го негуваат овој новинарски жанр.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести