Рецензија: ИСИС ги надмина границите: Oбезглавeни пет жени- главите ги фрлиле во ѓубре
Објавено во Рецензии
on 15 - 09 - 2014 Автор: Владимир МирческиПример за лошо сработена агенциска вест дополнително новинарски нагрдена со несоодветен наслов кој на неумесен начин се обидува да направи некаква градација за однесување и постапки на една групација, која генерално манифестира секакво непочитување кон значењето на човечкиот живот и основните цивилизациски придобивки. Зарем некому му требало ново масовно обезглавување за да разбере дека тоа што ИСИС го прави е надвор од сите граници на нормалното?!
Линк до оригиналниот напис: ИСИС ги надмина границите: Oбезглавeни пет жени- главите ги фрлиле во ѓубре
Датум и време на објавување: 09.09.2014
Датум на рецензирање: 09.09.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
НЕМА „ЛЕСЕН НОВИНАРСКИ ЗАЛАК“
Вистинитоста на овој материјал не е проблематична, бидејќи информацијата која се пласира е објавена од низа други медиуми. Спорен е начинот на кој таа вест и е спакувана на македонската јавност. Пристапот покажува голема доза на новинарско неискуство и незрелост – само прочитајте ја првата реченица: „Терористичката организација ИСИС ги надмина границите во Мосул“?! Тоа што сакало да се каже, а што се утврдува откако ќе се проверат други текстови за овој настан, е дека во Мосул – град кој со месеци е под контрола на исламистите, ИСИС направила нешто што, според некој, веќе е надвор од сите граници. Па, чекајте, дали на тој што го напишал текстот му требало толку време и низа јавни егзекуции за да разбере дека потезите на ИСИС се безумни и дури сега тоа ѝ го сервира на нашата јавност како новинарско откритие. Апсолутно е јасно дека последниот чин е гнасен и неразбирлив, силно се надевам и последен од таков вид, ама тој секако не треба да се претставува како единица мерка за „прелеана чаша“.
Границите се надминати веднаш по првото „сечење глави“ пратено по социјалните мрежи. Сметам дека новинарски е недозволиво да се степенува нешто што, од цивилизациски аспект, е неприфатливо – чин кој се случува во 21 век, особено ако ја видиме крвавата трага која истата таа организација со месеци ја остава зад себе. Не зборуваме дека досега ИСИС лошо се однесувала, ама сега станала уште полоша. Не, напротив! Оваа организација од почеток ја покажува својата бруталност и практикува сила врз сѐ што не ѝ одговара, почнувајќи од војници, преку заробеници, па сѝ до жени, деца и немоќни стари луѓе. Очигледно е дека Универзалната декларација за човековите права, која ООН ја усвои во далечната 1948 година не значи ама баш ништо за овие луѓе.
Затоа непотребно и неоправдано е да се навестува некакво споредување меѓу нивните чекори, зашто ниту еден не е разбирлив или оправдан. Па и во самата информација се цитира човек кој вели дека „ова не е првпат ИСИС да направи такво нешто“ и затоа нема разбирање за тврдењето дека сега ВЕЌЕ се надминати границите. Неколку примери: обезглавување во живо на двајца новинари, егзекуција на неколку докторки, каменување до смрт, итн.
Овде имаме случај на некоректно пристапување кон преземена вест, не е наведено од каде е „позајмена“, на која претпоставувам ѝ е пристапено со некакво сознание дека е „лесен новинарски залак“ за потоа таа да биде унаказена со лоши формулации. Тој што мисли дека работењето вести од светот е едноставна задача многу греши за што пример е и овој напис.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
не може да се утврди
СЕОПФАТНОСТ
авторот можел повеќе да се потруди
впечаток на нецелосност
ПРИСТРАСНОСТ
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
промашен
сензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
фотографијата најверојатно е од друг настан
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови