„ИНТЕРВЈУ“ ОД ПЕКОЛОТ: Навреди, повреда на презумција на невиност, дискредитација и говор на омраза
Објавено во Новинарски лекции
on 11 - 02 - 2016 Автор: Александар Пешев
[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 19 часот на 10.02.2016 година]
По две објави со елементи на новинарски спин и коментари насочени кон лична дискредитација и уште понепрофесионални најави, разговорот со лидерот на СДСМ не ги исполни ни најелементарните новинарски стандарди на интервју. Целиот блок наликуваше на улична расправија насочена кон ширење навреди, дискредитација и говор на омраза. Пред камерите беа седнати политичар и човек кој остава впечаток на дрвен судија, па кој дури си зема за слобода да се обложува.
Пишува: Александар Пешев
Во самите главни најави (форшпанот) на дневникот имаме видни обиди за дискредитација на личности. Се презентират шпекулации за коруптивно однесување и се прават констатации дека странски претставник ги прогласил Македонците за инфериорна нација.
Првиот прилог се однесува на наводната имотна состојба на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Изнесените информации се презентираат со документи и наведено е дека нема одговор од прозваната страна, што во основа ги задоволува стандардите, но елементот на спин кон лична дискредитација се согледува во дел од реторичките прашања, како, на пример, во овој сегмент:
„Две спротивни изјави дадени пред Владата и пред нотар ја отвораат дилемата: Кога специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја говорела вистината.“
Дилемата која се отвора со ваков новинарски израз е дали ова претставува обид да се укаже дека специјалниот јавен обвинител не ја говори вистината во која било пригода, па и при својата работа? Вреди и да се нотира дека изоставени се изјави од споменати познавачи.
По технички прилог за посетата на шефот на чешката дипломатија, се најавува прилог за „кризата која ја предизвика СДСМ“, со што се создава сомнеж за политичка пристрасност. Се коментира за гафови на Питер Ванхауте во најавата за прилогот кој е видно насочен кон негова лична дискредитација, особено во следниов сегмент:
„Ваквиот став на Ванхојте не е изненадување и е нова навреда кон државата и народот во Македонија“
Дополнително, не е јасно зошто е од јавен интерес со кого се среќавал посредникот во своето приватно време и тоа во кафеана и каква врска има тоа со преговорите што ги модерира. Во прилогот се прави обид за спин кон коментарот дека „Законскиот предлог на Ванхојте како нацрт закон за медиумите предвидува вметнување на таканаречените невладини организации и експерти кои се под капата на СОРОС“. За ваквото тврдење нема понудени докази, а спинот, поточно извртувањето, е видно насочено кон дискредитација на експертот.
ИНТЕРВЈУ ИЛИ УЛИЧНА РАСПРАВИЈА?
Прашањето се покрева поради односот на водителот, кој во околу 40 минути речиси и да не му дозволи на гостинот да заврши реченица. Гледајќи го разговорот во целост, може да се идентификуваат следниве елементи кои се во спротивност не само со професионалните стандарди, туку и со новинарската етика:
- повреда на презумцијата на невиност;
- ширење на говор на омраза;
- коментирање, особено на активни судски постапки со изнесување информации кои се однесуваат на истрага без да се наведе изворот;
- навреди за соговорникот и констатации на новинарот насочени кон дискредитација на повеќе лица и групи;
- прозивање на дипломатски претставници за непочитување на меѓународна конвенција без никакви докази за изнесените тврдења.
Да почнеме со ред:
Централното интервју во дневникот почна со индиректно омаловажување на соговорникот преку навреда за дел од граѓаните:
„Многу очекувања многу најави од Вашите соросоиди кои ве поддржуваат…“
Кратко потоа следува напад на презумцијата на невиност со следниов коментар на водителот, само една од повеќето вакви негови изјави:
„Ќе си имате други постапки за кои Вие ќе одговарате, веројатно каде што ние ќе се појавиме како заинтересирани страни и сведоци… Вие имате фалсификувани евра во џеб и сакате да купувате политички поени.“
Да потсетиме на член 6 од европската конвенција на човековите права: „Секој кривично обвинет ќе се смета за невин сè додека не се докаже дека е виновен во согласност со закон“. Во случајов, во отсуство на каква било конечна пресуда за прозваниот соговорник, има закани во етер, спротивно на член 8 од новинарскиот кодекс во кој е наведено: „Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда“. Ова не е единствениот момент кога се прави повреда на презумцијата на невиност, но тоа не е единствениот проблем со овој програмски сегмент. Следуваат „прашања“ кои, всушност, се директни навреди:
„Дали сте вие со здрав памет?“
Тука вреди да потсетиме на член 15 од Кодексот на новинарите на Македонија: „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.“
Не изостануваат ни спинови, повторно насочени кон дискредитација, не само на соговорникот, туку и на други лица:
„Не треба да се пазарите со специјалната обвинителка…“
Не се презентираат докази за пазарење за кое се тврди дека се случува, а специјалната јавна обвинитлка е индиректно ставена во улога на еден од „пазарџиите“. Понатаму, водителот се става во улога на експерт, тврдејќи дека „за милион разговори петтата управа нема технички услови“. Тука се поставува интересно прашање: како новинарот дава ваква констатација? Дали до толку е запознаен со внатрешната работа на оваа служба и ако тоа е така, зарем ова не би претставувало проблем за националната безбедност? Како и да е, технички гледано, ова е само еден од серијата новинарски коментари што доминираа во разговорот. А, токму во тоа што беше најавено како разговор, на гостинот не му се дава можност до крај да реплицира на забелешки за, како што вели новинарот, „кланот Заеви“. Во овој дел, кој веќе јасно не ги исполнува ни најосновните стандарди за новинарско интервју, гостинот се прекинува со телопи. Изворот на податоците не е наведен на самите телопи, со што за веродостојноста се очекува гледачот да му верува на новинарот, кој од самиот почеток на дневникот не се воздржува од неосновано коментирање, навреди и слично. Сепак, новинарот вели дека станува збор за официјални податоци од УЈП и продолжува со коментар:
„Знаеме дека тука не влегуваат осумте милиони, не влегуваат двестете илјади што кај Вице ги праќат да ви ги остават.“
Слободните процени и коментари на новинарот и понатаму не му оставаат простор на гостинот во дневникот да комплетира една реченица без да биде прекинат со обвинување дека е дел од клан.
ИЗМИСЛЕНИ ОБВИНУВАЊА КАКО РЕКА
Вршителот на јавна функција е прозиван за семејни бизниси за повторно да се дојде до мислењето на новинарот, кое во професионално интервју не само што не е потребно, туку и не е дозволено. Линијата на испрашување за семејните врски на лидерот на опозицијата и градоначалник води кон коментарот дека целата фамилија на Зоран Заев е врзана во сомнителни бизнис-зделки. Ни за ова тврдење не се изнесени докази, а имајќи предвид дека не е понудена информација кои од членовите на семејството се вршители на јавни функции, може да се нотира повреда на уште еден член од кодексот на новинари: „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес“. Новинарот при разговорот, освен коментари, не нуди докази дека токму овие податоци се од јавен интерес.
Досега низ целиот разговор забележлива е не само едностраноста, туку може да се идентификува и политичка пристрасност ако се земе предвид дека водителот игнорира елементи од разговорот кои се насочени кон власта („за какви разговори зборувате?“), а нагласува коментари и навреди за гостинот. Новинарот веќе почнува да остава впечаток на силеџија, особено ако се земат предвид сите навреди, коментари и обвинувања дадени до овој дел од разговорот, посебно овој коментар:
„Ќе бевте притворени неколку пати, Вас ве штитат амбасади.“
Повторно имаме коментар на водителот, без никаква поддршка на констатацијата или приложени докази за ваквото тврдење. Со ваквото коментирање, водителот индиректно обвинува амбасади на територијата на Република Македонија за непочитување на членот 41 од Виенската конвенција за дипломатски односи, во која е наведено дека „тие имаат должност да не се мешаат во внатрешните работи на државата“.
Но, дипломатскиот кор не е единствената жртва на напади од овој разговор, кој се прелева кон коментирање на активен судски процес.
„…со Чауш имате специјални врски. Тоа е оној што го фатија во фабриката за афери.“
Водителот, кој на почетокот на интервјуто тврдеше дека никој не смее да нарушува нечија приватност, сега, освен за семејните врски, презентира податоци за телефонски разговори за активна истрага. Повторно не е наведен изворот на информациите и дали овие материјали се од посебни истражни мерки, во кој случај би било противзаконски да се употребат во етер.
НАВРЕДИ, КЛЕВЕТИ, ГОВОР НА ОМРАЗА…
Овој сегмент од разговорот се резимира со уште една груба повреда на презумцијата на невиност:
„Вие ќе бидете во затвор, џабе со мене се натегате, јас сум новинар.“
Новинарот не одлучува кој ќе биде во затвор. Кон ова, уште еднаш да потсетиме на член 8 од новинарскиот кодекс: „Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда“. Во случајов новинарот се става во улога на судија, но во ниту еден случај не остава впечаток дека ја врши новинарската професија. И не само што навредува и коментира, туку и јавно линчува преку делење пресуди во етер:
„…нова власт но не со Вас, вие сте за на друго место…“
Следната серија навреди претставува ширење на говор на омраза, во случајов насочена кон националност. По навредата „Вие сте изрод“, водителот вели:
„Зоран Заев, лажете ко Турчин…“
Понатаму, додека Кодексот на новинари диктира дека „митото, корупцијата и изнудувањето се неспојливи со новинарската професија“, во дневникот на телевизија со национална концесија имаме обложување:
„Може ли да се кладиме, без оглед колку ќе пресуди судот…“
Веќе се развива расправа за возен парк на семејството на соговорникот, а кога водителот се наоѓа прозван за неговата имотна состојба, на виделина се презентираат двојни стандарди:
„Управа е за ова, без прашање е дадено…“
Ако е така, тогаш зошто членови на семејството на согворникот се најдоа на телопи? Ова прашање останува неразјаснето, но затоа водителот повторно прави удар кон соговорникот со демонстрација на непочитување на странски претставници во земјава, уште еднаш индиректно обвинувајќи ги за непочитување на меѓународна конвенција:
„Вие сте без дипломати готов човек … вас ви е рекет суштина.“
„Јас сум најдобар во својата струка“, констатира водителот кон крајот на разговорот, тврдејќи дека на „кладба“ ќе добие џип кој ќе го земе со камери. А, стандардите за струката, за во која домаќинот на дневникот вели дека е најдобар, го диктираат следново: „новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист“. А, имаме најава дека џип ќе се земе на облог… И тоа со камери…
Во основа имаме информативно издание кое само по себе не ги почитува ни најелементарните стандарди на новинарската професија, насочено кон лична дискредитација не само на гостинот, туку и на неговото семејство и соработници, сето тоа најавено со прилози во кои видно се употребува слична тактика.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).