verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Институциите ги бојкотираат или се конфронтираат со новинарите

on 12 - 02 - 2017       
Наместо соработка од институциите, напади врз новинарите. Фото: Европски Парламент
Наместо соработка од институциите, напади врз новинарите. Фото: Европски парламент

 

Наместо да ги споделуваат бараните информации и да доставуваат навремени, точни и целосни одговори, инстиуциите или ги игнорираат новинарите или, пак, се пресметуваат со нив преку реакции кои најчесто не се ништо друго освен обични памфлети, полни со етикети, дисквалификации, па дури и со закани за авторот и за медиумот каде тој работи

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Со чест на ретките исклучоци, кои имаат поголема почит кон новинарите, ама и поразвиена демократска свест, најголем дел од јавните функционери гледаат во новинарите противници, односно поддржувачи. Ако со вторите немаат голем проблем, тогаш тие се целосно креативни како да се справат со онаа прва група на критички новинари, кои тие ги нарекуваат опозициски.

Притоа, најлесна и проверена варијанта им е да ги игнорираат новинарите, да не одговараат на нивните повици, СМС-пораки, електронска пошта, за да се делегитимира текстот што не им е по мерка, односно авторот да се прикаже како непрофесионален и едностран, бидејќи, нели, не ја обезбедил втората страна.

Арно ама, некои функционери, наместо бојкот, одбираат да се огласат, ама откако текстот е веќе објавен. Во таква ситуација, тие упатуваат реакции спакувани како деманти, за да се оспори и да се проблематизира објавеното, меѓутоа со нив најчесто не се демантира ниту еден факт и податок во текстот, туку се насочени кон дискредитација на авторот.

Воедно, многу од овие таканаречени деманти се збогатени и со барање за извинување, со акцент дека истовремено ги добил и адвокат, за да се изврши притисок врз новинарот да ги објави, па и да се извини, со што би се одрекол од претходно напишаното. Сепак, најважно од сè, целта на ваквиот притисок е новинарот да се обесхрабри да продолжи да ја истражува темата.

 

ПЕРСОНАЛНА, А НЕ АПСТРАКТНА ОДГОВОРНОСТ

Новинарите од Балканската истражувачка мрежа БИРН периодов објавија истражување за странските инвестиции во земјава, односно за степенот на реализација на странски инвестиции, оправданоста на државното субвенционирање на странските инвеститори, ефектите што ги предизвикуваат во смисла на број на работни места, итн. Во рамки на ова истражување, тимот на БИРН половина година наидувал на генерален молк од надлежните институции. Новинарите добиле неофицијални одговори од вицепремиерот Владимир Пешески и официјален одговор од Агенцијата за привлекување странски инвестици, но не од министирите задолжени за привлекување странски инвестиции, директорот за управување со технолошко индустриски зони, итн.

Еден од новинарите што работел на ова истражување, Владо Апостолов, вели дека институциите се главно затворени и, со ретки исклучоци, молчат кога добиваат незгодни прашања кои, според него, може да загрозат нечиј бизнис или друг интерес.

Во таа насока, тој посочува оти веќе неколку месеци чека одговор од Министерството за транспорт и врски и од министерот Владо Мисајловски за начинот на кој е продадена една парцела во центарот на Скопје, додека портпаролот на министерството, Кире Коцевски, престанал воопшто да одговара на неговите телефонски повици.

Исто така, Апостолов наведува дека еден месец чека одговори и од јавното претпријатие „Дрисла“ и состанок со директорот Горан Ангелов во врска со тоа колку италијанскиот партнер на „Дрисла“, фирмата „ФЦЛ Амбиенте“, инвестирала од тоа што го ветила пред три години. Тој добил уверување на италијанската компанија дека ќе одржат состанок, но во некое недефинирано идно време.

„Намерно ги спомнувам имињата на луѓето што не соработуваат, бидејќи одговорноста не паѓа врз некои таму апстрактни институции, не е виновна зградата на министерството или на „Дрисла“ или, пак, чуварите и возачите, туку луѓето што ги водат тие установи“, смета Апостолов.

Новинарот на БИРН се потсетува и на една сторија што своевремено ја правел додека работел за „Нова“, кога Министерството за труд и социјална политика ги игнорирало неговите бројни повици за коментар околу темата „Дали и пензионерите ќе плаќаат дел од придонесите за хонорарите?“ Но, затоа, кога темата веќе била публикувана – стигнал демант од министерството.

 

ПРАЗНИ ЗАКАНИ ВО ФУНКЦИЈА НА ПРИТИСОК

Во прилог на констатацијата за, генерално гледано, непринципиелниот и некоректен однос на институциите кон медиумите, независно дали станува збор за игнорантски или пресметлив стил, зависно од нивната процена дали им е попаметно да молчат за темата за да се заборави, или, пак, да одберат конфронтирачка тактика во обид да се оцрни новинарот, оди и искуството на новинарката од неделникот „Фокус“, Ирена Мулачка (Уредничка напомена: Авторот на овој текст е, исто така, новинар во неделникот „Фокус“).

Од седумте години колку што таа го следи секторот здравство, Министерството за здравство ги игнорирало сите нејзини прашања во последните три години, сè до моментот кога ја објави сторија за високата смртност на новороденчињата. Тогаш, министерството го менува бојктот со атак врз новинарката на „Фокус“.

Оттаму прво реагирале со, условно кажано, демант, кој, всушност, не ги демантира објавените податоци, туку, покрај другото, претставува обид да се претстави новинарката како непрофесионална, бидејќи наводно не ги контактирала надлежните лица. Кога темата почна да се развива, пак, стасале и деманти во кои се испорачуваат посилни навреди и етикети за авторката и за медиумот.

„Три години министерството за здравство ги игнорира моите прашања и не ми даваат никакви одговори, а тоа ми беше потенцирано и на една прес-конференција од шефот на кабибет на министерот Никола Тодоров. Единствениот одговор што го добив од ресорното министерство беше лани во јуни, кога почнав да ја работам темата за новороденчињата. Тој беше полн со дисквалификации, навреди и со алудирање дека одработувам за опозицијата, без да се посветат и да проверат – што точно се случува на клиниката“, вели Мулачка.

Исто така, Мулачка потсетува и на искуството што го имала во 2013 година, кога работела на сторијата за очната лекарка во скопската градска болница „Осми септември“, чии рутински операции на перде беа фатални за видот на десетици пациенти. Во недостиг од аргументи во своја одбрана, но и соочена со сведоштвата на пациентите, документирани и од страна на менаџментот на болницата, очната лекарна почнала да се заканува со тужби против новинарката и медиумот.

Се разбира, судски процес никогаш не беше поведен, бидејќи немаше никаква клевета, туку потврден случај за лекарката. Наместо судска пресуда, како резултат на оваа сторија, очната лекарка доби забрана за оперирање, што само потврдува дека новинарите, кога се убедени дека располагаат со вистинити факти и податоци, не треба да подлегнуваат на заканите од тие за кого пишуваат, туку мора да одат докрај.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести

Sorry. No data so far.

Sorry. No data so far.