verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Информиран граѓанин – демократско општество

on 30 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 

1300 субјекти се должни да објавуваат информации од јавен карактер. Фото: Wikipedia
1300 субјекти се должни да објавуваат информации од јавен карактер. Фото: Wikipedia

 

Медиумите можат да помогнат и да станат сервис за граѓаните во обезбедување и во пласирање на информации кои би интересирале поголема целна група од нивната публика, но и преку постојниот интерес за транспарентност и за отчетност,  на институциите да им покажат дека и тоа е во сферата на нивниот делокруг на работење и дека Законот за пристап до информации од јавен карактер не е само формалност, туку има и суштинско значење

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Информирањето на јавноста е една од основните  обврски на медиумите и најчесто тие релативно лесно (на прес-конференции, брифинзи или од свои извори), можат да дојдат до информациите што ѝ ги пласират на својата публика. Можеби од тие причини понекогаш и не се свесни дека правните субјекти што не се занимаваат со информативна дејност, но  физичките лица, не секогаш може да добијат информација од органите на државната власт, институциите и од установите, дури и ако станува збор за информации од јавен карактер.

Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во членот 4 стои дека „слободен пристап до информации имаат сите правни и физички-домашни и странски  лица“, а во членовите 6 и 7 се регулирани причините поради кои може да има исклучок (целосен или делумен ) за пристап кон информациите.

Прелистувањето на печатените и на електронски медиуми наведува на заклучок дека ова тема медиумски најчесто се обработува кампањски, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на слободен пристап до информации или кога во локални или национални проекти се дебатира или се едуцира на оваа тема:

Споредбените податоци изнесени по ваквите поводи во медиумите доведуваат до заклучок дека правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер го користат сè поголем број граѓани, но и  дека голем број од нив не добиваат одговор:

Во 2006 година имало само 513 барања, во 2014 година 4.451 барање, во 2015 имаме над пет илјади барања до институциите.

Но, истовремено се зголемува и бројката на жалбените постапки, односно Комисијата годинава има постапувано по околу 860 жалби, од кои што по 797 има донесено соодветни решенија односно заклучоци, додека 64 се во постапка на решавање.“-МТВ 1

Каде се јавува проблемот во целата оваа состојба околу пристапот до информации од јавен карактер, односно зошто е потребно медиумите посериозно да ја разработуваат оваа тема, а не само еднаш-двапати во годината по повод одбележувањата и годишнините?

 

ЗАЕДНИЧКА ЦЕЛ – ДОБРО ИНФОРМИРАН ГРАЃАНИН

Една од причините е што медиумите секојдневно ги користат информациите и барем ним треба да им биде јасно дека пристапот до информациите е клучниот момент за демократијата. Граѓаните што ги добиваат бараните информации многу полесно ги прифаќаат одлуките кои ги носат институциите или, пак, ако не се согласуваат со нив, навремено реагираат за нивно коригирање.

Генерално гледано, невладиниот сектор е тој кој иницира активности за зголемување на транспарентноста и на достапноста на информациите до заинтересираните граѓани. Мерките што можат и кои се  користат се:  објавување на најрелевантните информации за институцијата, засилен надзор, обука на вработените за подигнување на свеста за потребата и за важноста од редовно информирање на јавноста за работата на службата, вработување на веб-администратор и овозможување на брзо и лесно пребарување на информации од јавен карактер на веб-страниците на институциите и сл.

Сите овие елементи од медиумите можат да бидат употребени за да им помогнат на граѓаните во постигнувањето на заедничката цел: добро информиран и активен граѓанин во заедницата.

Меѓутоа, ретко кога може да прочитаме (слушнеме, видиме) во некој медиум дека иницираат прилози во кои би биле опфатени овие содржини. Периодично се презентираат информации за веб-страници на општини и тоа од аспект дека не се напишани на службениот македонски јазик (ако станува збор за општина каде албанската заедница е мнозинство) или обратниот случај, но најчесто ваквите новинарски прилози се еднократни и воопшто не се следи дали е коригиран пропустот или состојбата останала непроменета.

 

ОКОЛУ 1.300 ИНСТИТУЦИИ СЕ ДОЛЖНИ ДА ДАВААТ ИНФОРМАЦИИ

Неодамна  ТВ „Телма“ објави прилог во кој зборува за молчењето на институциите. Во прилогот може да се види дека институциите на национално ниво се помалку транспарентни и се повикуваат на делумна тајност на бараните податоци. Тука предничат министерстватата за финансии и за здравство. Овој закон е донесен пред девет години и според него околу 1.300 субјекти во земјава имаат обврска да даваат информации од јавен карактер на заинтересираните граѓани.

Националниот демократски институт пред неколку години почна со реализација на проект со кој им се овозможува на граѓаните полесна комуникација со нивните народни претставници, отворајќи канцеларии за комуникација со граѓаните во секој град од каде има пратеници. Одамна не сме слушнале ништо за овие канцеларии: дали сè уште работат, какви се резултатите од нивното постоење, дали се зголемила транспарентноста на пратениците и сл. И ова е поле што треба да биде во сферата на интересот на медиумите од национално и од локално ниво.

Институциите по дефиниција се служби за граѓаните, меѓутоа не секогаш сакаат да се знаат сите состојби во нивното работење. Особено не тогаш кога се појавуваат проблеми.

Според едно истражување на НВО од Куманово, Велес е најтранспаретна општина, а Битола и Илинден спаѓаат во групата на високотранспаретни општини според бројот на информации од јавен карактер објавени на нивните веб-страници. Загрижува податокот дека дури 18 општини не поседуваат ниту една информација од јавен карактер, а пет општини воопшто немаат веб-страница.

Ова истражување е направено во мај минатата година и резултатите се коректно пренесени од голем број медиуми, но оттогаш па сè до денес нема никаков интерес од страна на новинар(к)ите да проследат што се случува во меѓувреме: дали, на пример, општините кои немале тогаш, сега креирале свои веб-страници или, пак, тие 18 општини без информации од јавен карактер промениле нешто во своето работење.

 

ПРИСТАПОТ ДО ИНФОРМАЦИИТЕ НЕ Е САМО ФОРМАЛНОСТ

Изјавата на  претседателот на  Комората на извршители дека „Слободниот пристап до информации сè уште е „баук“ во Македонија и не сите граѓани и институции го познаваат законот “, може да се оправда за граѓаните, но никако и за извршителите, кои како служба секојдневно се во контакт со граѓаните и мора да знаат дека имаат обврска да даваат информации кои не се дел од т.н.„извршителска тајна“.

За жал, ваква е состојбата и во голем број други институции кои под превезот на „службена тајна“ го ограничуваат пристапот до информации од јавен карактер. Од тие причини, медиумите можат да помогнат и да станат сервис за граѓаните во обезбедување и во пласирање информации што би ја интересирале поголема целна група од нивната публика, но и преку постојниот интерес за транспарентност и за отчетност,  на институциите да им покажат дека и тоа е во сферата на нивниот делокруг на работење и дека Законот за пристап до информации од јавен карактер не е само формалност, туку има и суштинско значење.

Од аспект на односите со јавноста, медиумите имаат двојно значење: од една страна тие се целна јавност, а од друга – комуникациска алатка за пренесување на информаците до јавноста. Дали ќе бидат употребени на соодветен начин, зависи, пред сè, од нив самите.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести