Информација и шпекулација не е исто
Објавено во Рецензии
on 1 - 11 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: ФОТО: Раководството на СДСМ со пушки во четнички покрет]
Текстот кој е предмет на оваа рецензија е крајно тенденциозен, несериозен и надвор од сите професионални новинарски стандарди.
Линкуван наслов на анализираниот напис: ФОТО: Раководството на СДСМ со пушки во четнички покрет
Датум и време на објавување: 26.10.2015
Датум на рецензирање: 27.10.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
Уште во насловот на написот се гледа обидот на авторот да го оцрни раководството на СДСМ, најавувајќи фотографии од раководните луѓе на партијата како „држат пушки во рацете и тргнале во четнички поход“.
Кога се најавува дека станува збор за раководство на партија, се мисли на луѓето од првиот ешалон на партијата, како лидер, заменици-претседатели, генерален секретар и слично. Според тоа, логички е читателот, кога ќе го прочита насловот на текстот, да помисли дека станува збор за некои од првите луѓе на СДСМ.
Но, кога ќе го отвори текстот и ќе ја види фотографијата, сфаќа дека истата нема врска со раководството на СДСМ. Имено, на фотографијата е непознат човек, кој држи пушка во рацете и е облечен во униформа за која авторот тврди дека е четничка, иако ваквото негово тврдење не е поткрепено со ништо конкретно.
„Претседателот на огранокот на СДСМ во Логоварди, Битола е сликан во српска војничка униформа со снајпер во рацете и шајкача на глава.“
Од првата реченица, сфаќате дека претседателот на СДСМ во Логовради бил, всушност, раководството на СДСМ спомнато во насловот. Но, и овој детаљ е спорен.
Имено, авторот на овој тенденциозен и политички мотивиран напис, заборавил да го напише името на човекот за кој пишува и за кој тврди дека е на фотографијата. Според тоа, може да се заклучи дека на фотографијата може да е кој било.
„До редакцијата на Журнал.нет, пристигна фотографијата и информација дека раководството на СДСМ во алкохолизирана состојба пеело четнички песни за „Краља и отаџбину“ облечени во српска војничка униформа со шајкачи и пушки.“
Она што недостига тука е вториот дел од приказната. Професионално е новинарот да кренал слушалка и да се обидел да стапи во контакт со лицето за кое пишува и да го праша дали тоа навистина било така, односно да ја провери информацијата што допрела до него.
„Анти-македонските ставови и однесување на опозицијата се јавно познати, а со војничката униформа, огненото оружје и шајкачата СДСМ се идентификува со четничкото движење во Србија.“
Ова е едно сериозно обвинување, во случајов без никаква основа, што само говори за тоа дека овој напис повеќе наликува на политичко соопштение, отколку на новинарски текст.
Факт е дека новинарите секојдневно добиваат различни информации, но таквите информации треба да се проверат колку што е тоа можно, а не само да се објавуваат за да се оцрни некоја партија или личност.
Ова јасно е наведено во членот 1 од Кодексот на новинари, во кој се вели:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Информацијата, ако е непроверена, не е информација, туку шпекулација, во случајов, преточена во манипулација.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови