verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Гласниот марш на партиските медиумски предатори

on 21 - 12 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Фото: скриншот. Фото ефект: funphotobox
Фото: скриншот. Фото ефект: funphotobox

 

Според природната физичка конституција и умната човечка промисла, кај претставниците на ова „новинарство“, наместо систем за разум, мерка и достоинство, имплантирани се рецептори кои примаат наредби за дискредитација. Дури и волуменот за гласност и за бесрамност се управуваат со далечински управувач.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Колку повеќе се зборува за состојбите во медиумите, колку поблиску сме до отворањето на прашањата од кои треба да се тргне кон пронаоѓање на најдобрите одговори, толку е полошо актуелното, секојдневното новинарство. Текстот што ја испровоцира оваа колумна уште еднаш го потврдува соочувањето со апсурдната ситуација што сугерира дека секогаш кога сме помислиле дека сме го допреле дното, некои медиуми и „новинари“ во Република Македонија нè изненадуваат со своите нови „дострели“. Едноставно е неверојатна нивната „креативност“ и дијаболична упорност со која ја уназадуваат оваа професија до невидени размери.

На кој кодекс, на кој член од тој кодекс, ќе се повикаат од МАН кога ќе се соочат со медиумска содржина со наслов „Катица ги крие тајните на телефонските разговори од СДСМ“? Со кој образ и кредибилитет ќе побараат да бидат рамноправни партнери во подготовките на медиумските реформи? Кои професионални и етички стандарди ќе ги понудат како основа за тие реформи? Бездруго, не тие што ги застапува оваа медиумска содржина, зашто во нив се препознава уште еден стадиум подолу на деструктивната медиумска анархија, која со благослов на владејачката политичка елита, со која новинарството го прикажува како професија која планирано, систематски и фламаторно еволуира во политички инструмент за детсруктивна, неаргументирана и гнасна простачка пресметка со политичките неистимисленици.

На неговото место, според природната физичка конституција и умната човечка промисла, кај претставниците на ова „новинарство“, и наместо систем за разум, мерка и достоинство, се имплантирани рецептори кои примаат наредби за дискредитација. Дури и волуменот за гласност и за бесрамност се управуваат со далечински управувач.

Во оваа ситуација штетите што настануваат се повеќестрани. Штетата што ѝ се нанесува на публиката е дури најмала зашто постојат медиумски и граѓански стражи за предупредување и за заштита. Парадоксално е тоа, но поголеми се штетите во интелектуалниот систем на рецепторите на медиумските предатори, кои поради подложноста на далечинското управување, се лишени од секоја рационална анализа и разборито просудување за сопствената улога во политичката арена.

Уште еден апсурд во кој веруваат овие рецептори е первертираната верзија на слободата на изразувањето, која во нивната интерпретација е со претходна хируршка интервенција со која се отстранети одговорноста и чувството за пристојност.

Во една таква состојба, без атрибутите на одговорност и на пристојност, овие медиумски предатори се уште погротескни кога одбиваат поврзаност со политичка идеологија и стануваат многу груби и брутални кон тие што ги ставаат пред огледалото на реалноста.

Затоа, една од омилените теми на рецепторите на предаторите се критичарите на медиумите. Сите нивни обиди да го исправат огледалото на вистината се пречекуваат на нож, а авторите се изложени на невидена стигматизација како „народни непријатели, предавници и платеници“. Омилениот нивни речник.

Со години трагаме по слободата, по слободните и одговорни медиуми. Многу е важно тоа да не престане. Додека остануваме со таа намера, не е лошо да ја имаме оваа препорака на хрватскиот писател Мирослав Крлежа:

„За да се одвои од тие лаги, човек треба да се одлучи да го направи неизвесниот смртоносен скок и за нешто такво треба да ги има крилјата на галебот буревесник, силата и одважноста на сибирски волк, а не склоност каква што имаат доброќудните папкари преживари (крави и волови, н.з.), кои по цел ден ги мелат и преџвакуваат туѓите лаги.“

На патот кон слободата…

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести